Решение У.бр.148/2011

У.бр.148/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 183 став 3 во делот: „одлуката на арбитражата е конечна и задолжителна за двете страни“ и став 4 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011).

2. Асоцијација „Магна Карта“ од Велес и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 183 ставови 3 и 4 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 9, член 50, член 51, член 54 и Амандман XXI од Уставот на Република Македонија. Имено, подносителите сметаат дека правото на тужба и правото на жалба како едни од круцијалните човекови права претставуваат значаен елемент во зацврстувањето на правната сигурност на граѓаните. Овие права вршеле притисок врз конкретниот судија т.е. арбитер кој постапувал во дадена правна работа кој требало да се однесува непристрасно и објективно.

Правото на тужба против арбитражна одлука и правото на жалба против судска одлука, како редовни правни лекови, според подносителите, им припаѓало на сите, без исклучок кои тврдат дека во определена постапка не им била дадена законската правна заштита која им следела.

На страната 3 од иницијативата, подносителите во целост ги цитираат одредбите од Законот за работните односи (член 181, 182, 91, 93, 257) како и одредби од Законот за прекршочната постапка (член 439 – 460) со цел да се прикажат правните инструменти со кои може работникот да располага во остварувањето на своите права. Имено, во членот 460 од овој закон, се наведувало дека странките не можат спогодбено да се откажат од примената на одредбите, кои меѓу другото се однесуваат и на можноста за поништување на арбитражната одлука.

Законот за мирно решавање на работните односи, според иницијаторите, бил lex specialis за проблематиката, на т.н. вонсудско расправање спорови со работна проблематика.

Понатаму, се наведува дека овој закон ги уредува начинот и постапката на мирно решавање работни спорови; изборот, правата и обврските на помирувачот и арбитрите, како и другите прашања кои се од значење за мирното решавање на некои „најчести“ и изрично наведени работни спорови – значи не на сите видови спорови од работен однос!

Основните законски начела кои ги пропагирал овој Закон биле доброволност, неутралност, непристрасност и трипартизам. Специфично за него, е тоа што за прв пат дефинира два вида на работни спорови, за кои што пак постојат и т.н. „заеднички одредби“. Имено, постапка за мирно решавање на работен спор се покренува со поднесување предлог до новиот орган – Републички совет (а не со тужба). Странките во спорот можат да поднесат предлог заеднички или, пак, поединечно.

а) Колективен спор (член 16 – член 28, ЗМРРС): овој спор, каде што помош со цел склучување спогодба дава „помирувач“, настанува во три наброени случаи,
б) Индивидуален спор (член 29 – член 36, ЗМРРС): овој спор, каде што помош дава арбитер, настанува само во следниве два случаи: (а) по повод откажување на договор за вработување и (б) при неисплата на најниската плата. Како странки во овој спор, во смисла на овој закон, се сметаат работникот и работодавачот, а не нивните асоцијации (синдикати и стопански комори)!!!

Симптоматично во целава оваа ситуација на (не) дозволеноста на инструментите на правна заштита кај работните спорови според иницијативата било тоа што член 35 став 3 од ЗМРРС вели дека: Против решението (на арбитерот) не е дозволена жалба.

Оттука, според иницијативата, во нашиот правен промет, во случај да продолжи оваа побивана законска одредба – би се довела во ситуација на странката која би се одлучила на арбитражно решавање работен спор да и бидат ускратени обете фундаментални човекови слободи и права: и 1) правото на тужба (како инструмент за пристап до државен суд), и 2) правото на жалба (како редовен правен лек до повисока инстанца). Тогаш, оправдано и сосем легитимно се поставува прашањето за недопустиво и противправно стимулирање на претерана арбитрарност и незауздан волунтаризам при раздавањето на правото во оваа мошне чувствителна правна област, што е спротивно на нашето уставно уредување воведено по осамостојувањето со демократскиот Устав на Република Македонија (1991).

Според член 460 од ЗПП – правото на тужба за поништување на арбитражна одлука е неотповикливо право од кое странките, дури и да сакаат, не можат спогодбено да се откажат. Оттука, со право се поставувало прашањето за потребата од постоење на оспорената законска одредба од член 183, став 4 од ЗРО кој, како општ материјален закон (lex generalis), покрај тоа што недопуство и нерационално се впуштил во уредување на процесна материја, дополнително вовел и експлицитна, безрезервна, изрична, ius cogens противуставна одредба – со што го ускратил круцијалното човеково право на пристап до суд.

Поради наведеното се предлага укинување на оспорениот член од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 183 ставовите 3 и 4 од Законот за работните односи ако работодавачот и работникот се согласат со арбитражното решавање на работниот спор, одлуката на арбитражата е конечна и задолжителна за двете страни. Против одлуката на арбитражата не е допуштен спор пред надлежниот суд.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право, а според ставот 2 од истиот член од Уставот во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Со Амандманот XXI на Уставот со кој се заменува членот 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, а правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, се уредува со закон.

Според членот 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективен договор.

Со членот 50 од Уставот, е предвидено дека секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознаен со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Од наведените уставни одредби произлегува дека посебна гаранција за остварување на личните граѓански и политички слободи и права утврдени со Уставот претставува правото на граѓанинот на жалба против поединечите правни акти донесени во постапка во прв степен пред судовите, правото на еднаква заштита на слободите и правата на граѓанинот пред судовите што подразбира дека граѓаните се рамноправни во изнесувањето на фактите и доказите пред судовите. Исто така неспорно е дека законодавецот препуштил со посебни закони од сферата на работните односи и колективни договори, да биде уреден начинот на остварувањето на правата од работен однос.

Според членот 182 од Законот за работните спорови (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010 и 47/2011), во случај на индивидуален и колективен работен спор, работодавачот и работникот можат да се договорат решавањето на спорот да го доверат на посебен орган утврден со закон, а според членот 183 од истиот закон со колективен договор може да се определи арбитража за решавање на колективни работни спорови. Со Законот за работните односи од 2005 се утврди само основ за мирно решавање на трудовите спорови и не ги уреди сите прашања поврзани со мирното решавање на работните спорови, но остави можност за прашањата кои конкретно се однесуваат на индивидуалните и колективните работни спорови, работодавачот и работникот да можат да се договорат, решавањето на спорот да го доверат на посебен орган утврден со закон, конкретно со Законот за мирно решавање на работните спорови.

Алтернативниот начин на решавање на работните спорови е дел од процесот на хармонизација на нашето законодавство со законодавството на Европската унија во врска со медијацијата, преку Директивата на Европскиот парламент и Советот (2004/0251) од која произлегуваат обврски за усогласување на националното законодавство со истата во определен рок, како и целосна доследна примена на Законот за работните спорови во делот за мирното решавање на работните спорови.

Од наведеното јасно произлегува дека според член 182 од Законот за работните односи во случај на спор работодавачот и работникот можат да се договорат решавањето на спорот да го доверат на посебен орган утврден со закон.

Оспорениот член 183 од Законот е поместен во Глава XVII од Законот со наслов „Мирно решавање на индивидуалните и колективните работни спорови“ со поднаслов: „Мирно решавање на колективните спорови по пат на арбитража“.

Од анализата на содржината на целината на оспорениот член 183 од Законот, јасно произлегува дека со колективен договор може да се определи арбитража за решавање на колективни работни спорови, со кој договор се одредува составот, постапката и други прашања значајни за работата на арбитражата. Исто така, произлегува дека ако работодавачот и работникот се согласат со арбитражно решавање на работниот спор, одлуката на арбитражата е конечна и задолжителна за двете страни.

Оттука, според наведената законска регулатива неспорно произлегува дека Законот за работните односи како lex specialis за работните спорови, утврдува право на работникот на слобода на избор за заштита на правата од работен однос во рамките на утврдените облици на заштита, вклучувајќи ја притоа и заштитата преку жалба и тужба.

Имено, од содржината на член 183 од Законот за работните односи јасно произлегува дека за арбитражното решавање на работен спор основен и главен, прв законски услов е постоење согласност помеѓу работодавачот и работникот. Во случај на непостоење на согласност нема можност за арбитражно решавање на конкретен спор. Од причина што во самата законска одредба е содржано решението дека одлуката на арбитражата е конечна и задолжителна за двете страни, според Судот, договорните страни уште пред да ја искажат својата волја и да дадат согласност за овој начин на решавање на спорот (арбитражно) се согласиле со конечноста на одлуките на арбитражата и нејзината обврзаност и примена.

Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007) во одредбите на членовите 16 – 28, го уредува учеството на помирувачот во колективното договарање, споровите од општ интерес, надлежен орган за помирување и постапката за помирување, која според член 27 од Законот се завршува пред Одборот за помирување, ако странките во спорот склучат спогодба за решавање на спорот во рок од 30 дена од денот на отварањето на расправата.

Според член 21 од овој Закон помирувачот е должен да ја закаже расправата во рок од три дена од денот на приемот на предлогот и документацијата за предметот на спорот и за тоа ги известува страните во спорот.

Страните во спорот се должни да определат свој претставник во Одборот и за тоа да го известат помирувачот најдоцна до денот на закажаната расправа.

Ако страните во спорот не определат свој претставник во рокот од ставот 2 на овој член, постапката на помирување ја води помирувачот со непосредни контакти со страните во спорот.

Претставниците на страните во спорот на расправата ги изнесуваат своите ставови и предлози.

Во член 22 од Законот е предвидено дека помирувачот има право и одвоено, надвор од расправата, да прибави информации и други податоци од претставници на страните во спорот.

Според член 23 од Законот, по завршување на постапката за помирување, помирувачот ја заклучува расправата и со членовите на Одборот донесува препорака за начинот на решавање на спорот (во натамошниот текст: препорака).

Согласно член 24 од Законот, одборот ја дава препораката во писмена форма, со образложение.

За препораката е потребно да гласаат сите членови на одборот.

Ако одборот не донесе препорака во рок од пет дена од денот на заклучувањето на расправата, помирувачот може на странките во спорот да им предложи препорака.

Во член 25 од истиот закон е предвидено дека препораката не ги обврзува страните во спорот (став 1). Ако страните во спорот ја прифатат препораката, склучуваат спогодба за решавање на спорот (став 2). Ако предмет на спорот е колективен договор, спогодбата претставува составен дел на колективниот договор (став 3). Ако предмет на спорот не е колективен договор, Спогодбата има сила на судско порамнување (став 4).

Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010) по однос на судското порамнување, каков карактер има постигнатата спогодба на двете страни со нивна согласност, децидно утврдува дека судското порамнување е извршна исправа, чија важност може да се побива само од причини за недостаток на волја кај една од странките која го склучила порамнувањето. Постапката, во конкретниов случај пред постоен орган, која е завршена со судско порамнување не може да се повтори, затоа што судската спогодба всушност е договор помеѓу страните, а важноста на договорот, односно спогодбата, се побива исклучиво со тужба во посебна парнична постапка.

Имајќи ја предвид содржината на оспорените ставови на членот 183 од Законот за работните односи, а во корелација со погорецитираните одредби од закони, Судот оцени дека во конкретниот случај, не постојат уставни пречки за нивно опстојување во правниот поредок, а од аспект на наводите во иницијативата, не можат да се доведат во корелација со Амандманот XXI на Уставот. Имено, остварувањето на правата на вработените и нивната положба, согласно член 32 став 5 од Уставот, се уредува со закон и со колективен договор, што значи законодавецот препуштил со посебни закони од сферата на работните односи да биде уреден начинот на остварување на нивните права од работен однос, како и правната заштита пред судски орган.

Имајќи го во вид фактот дека во конкретниов случај станува збор за мирно решавање на колективни спорови по пат на арбитража според Судот од постоењето на согласност односно, волја на странките во работниот спор зависи околноста дали ќе биде прифатена можноста од Законот за побрз и поекономичен начин на решавање на работниот спор пред арбитер, што значи дека странките сами со слободна волја и со нивна согласност одлучуват за начинот на решавање на работниот спор, па токму поради тоа и одлуката на арбитерот има карактер на конечна и задолжителна одлука, што според Судот не може да се доведе под сомнение по однос на Амандман XXI на кој се повикуваат подносителите во иницијативата, бидејќи правото на жалба е уставно загарантирано само за судски одлуки.

По однос на ставот 4 од членот 183 од Законот за работните односи, Судот оцени дека во членот 25 од Законот за мирно решавање на работните спорови, децидно е кажано дека Спогодбата на арбитерот донесена во постапката за помирување има сила на судско порамнување, доколку предмет на спорот не е колективен договор. Во тој случај се применува одредбата од Законот за парничната постапка во која како што погоре е елаборирано, странките имаат судска заштита.

Од погоре изнесените причини, Судот оцени дека вака уредените законски решенија кои се оспоруваат со иницијативата, а при тоа имајќи ја предвид содржината на Амандманот XXI, на кој се повикуваат подносителите во иницијативата и наведеното објаснување за уставната гаранција на правото на жалба како и правото на судска заштита, од аспект на овој уставен Амандман не би можело да се постави прашањето за согласноста на оспорените ставови 3 (во оспорен дел) и 4 од членот 183 од Законот за работните односи со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.148/2011
19 октомври 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply