51/2011-0-0

51/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 октомври 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 392 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/1997, 44/2002, 74/2004, 83/2008 и 67/2009).

2. Христијан и Христина Георгиевски адвокати од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 392 став 1 точка 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата со оспорената одредба се повредуваат владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Воедно, според подносителите со оспорениот член се повредувал член 10 од Универзалната декларација за човековите права, член 14 ставови 1 и 3 точка (г) и (д) од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и член 6 став 1 и 3 точки (д) и (г) од Конвенцијата за заштита на основните слободи и права. Ова од причина што согласно членот 392 став 1 од Законот, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, што значи повторување на постапката како вонреден правен лек е предвидено само за веќе осудени лица на кои рокот им дозволува повторна постапка и тоа единствено и исклучиво во нивна корист, или аналогно не на нивна штета.

Оттука, одбивателната пресуда, односно пресудата која се донесува поради откажување на јавниот обвинител од обвинението е ситуација која го ослободува обвинетиот од кривична одговорност и е секогаш во негова корист. Доколку се дозволи повторување на кривичната постапка со правосилна пресуда по овој основ, се остава простор односно можност да се донесе пресуда на штета на осудениот. Откажувањето на јавниот обвинител од обвинението поради кривично дело злоупотреба на неговата службена положба не може и не смее да ги трпи осудениот односно ослободениот.

Понатаму, подносителите наведуваат дека во принцип начелото на reformatio in pejus јасно посочува дека по било кој правен лек кој е изјавен во корист на обвинетиот не може да се донесе понеповолна одлука за него од онаа што е изречена, односно не може да се осуди по построг закон или по построга казна.

Забраната reformatio in pejus е пропишана заради заштита на правата на обвинетиот од преиначување на првостепената пресуда на негова штета, ако е изјавена жалба само во негова корист.

Понатаму, подносителите поставуваат прашање и даваат одговор кога само може да се смета дека е поднесена жалба во корист на обвинетиот, а тоа секогаш е кога јавниот обвинител не поднесе жалба на штета на обвинетиот, па и тогаш кога е поднесена жалба од јавниот обвинител, а таа е отфрлена како недопуштена или недозволена.

Според подносителите ако јавниот обвинител ја злоупотреби својата положба, тој и само тој ќе треба да одговара за свото инкриминаторно поведение, а не и осудениот, односно ослободениот да трпи построги кривични санкции и казни што е незаконско, неправно и неблагодарно.

Притоа, доколку се докаже дека до инкриминаторното поведение на јавниот обвинител дошло поради злоупотреба на службената положба, а за тоа откажување осудениот односно ослободениот дал поткуп или на друг начин влијаел врз јавниот обвинител, според подносителите и во тој случај ослободениот односно осудениот ќе треба да одговара за ново кривично дело кое се гони по службена должност, додека кривичната постапка која е завршена со правосилна пресуда во корист на осудениот, да не може да се повтори на негова штета, а согласно принципот reformatio in pejus.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 392 став 1 алинеја 3 од Законот, кривичната постапка завршена со правосилна одлука може да се повтори во корист на осудениот, ако: „пресудата со која обвинението се одбива е донесена поради откажување на јавниот обвинител од обвинението, а се докаже дека до ова откажување дошло поради кривично дело злоупотреба на службената положба на јавниот обвинител“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, како и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 11 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис и за кое не била предвидена казна, како и никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Согласно член 50 став 3 од Уставот на Република Македонија граѓаните имаат право да бидат запознати со човековите права и основни слободи и активно да придонесуваат поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Според член 10 од Универзалната декларација за човековите права, секој има наполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при определувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.

Според членот 14 став 1 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, сите се еднакви пред судовите и пред судовите на правдата. Секое лице има право неговиот случај да биде расправан праведно и јавно пред надлежен, независен и непристрасен суд, востановен со закој, кој одлучува било за основаноста на некое кривично обвинение подигнато против тоа лице било за тужба за остварување на граѓанските права и обврски на тоа лице, може да се нареди исклучување на јавноста за време на траењето на целата расправа или на еден дел во интерес на моралот на јавниот ред или на националната безбедност во демократското општество, или ако интересот на личниот живот на странката бара, или уште ако судот тоа го смета за апсолутно потребно од причините на посебните околности во случај кога јавноста би штетела на интересите на правдата. Сепак, секоја пресуда донесена во кривичните или граѓанските работи ќе биде јавна освен ако интересот на малолетник бара да се постапува поинаку, или ако расправата се однесува на брачни спорови или на старателство на деца.

Според став 3 точка (г) и (д), од наведениот меѓународен пакт секое лице што е обвинето за кривично дело наполно рамноправно има право барем на следните гаранции: да присуствува на расправата и самото да се брани или да има бранител што го избрало, ако нема бранител, да биде известено за своето право што го има и, секогаш кога тоа го бараат интересите на правдата, да му се додели бранител по службена должност бесплатно или нема можност да плати, да ги сослуша или да бидат сослушани сведоците на обвинението и да се обезбеди приведување и сослушување на сведоци на одбраната под исти услови како и на сведоците на обвинителот.

Во Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/1997) како и во наведените одредби од Меѓународниот пакт со членот 6 став 3 точки (в) и (г) е предвидено дека секој при определување на граѓанските права и обврски или кога е кривично гонет, меѓу другото, има право да се брани самиот или од страна на бранител по свој избор или доколку не располага со средства за бранител да добие адвокат по службена должност, кога интересите на правдата тоа го бараат, самиот да ги сослуша или да бара сослушување на сведоците на обвинението и да бара повикување и сослушување на сведоците на одбраната.

Според Амандман XXV од Уставот со кој е заменет член 98 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010) постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелото на заемност и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двосмисленост, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување, слободна оценка на доказите и економичност.

Во членот 139 од Законот за кривичната постапка дадено е значењето на одделните изрази што се употребени во законот. Според оваа одредба, поимот ” осомничен” значи: лице против кое се води преткривична постапка. Поимот “обвинет” значи: лице против кое се води истрага или против кое е подигнат обвинителен акт, обвинителен предлог или приватна тужба и овој поим е општо прифатен за употреба во практиката. Поимот “осуден” значи: лице за кое со правосилна пресуда е утврдено дека е кривично одговорно (виновно) за определено кривично дело.

Поимот “оштетен” значи: лице чиешто некакво лично или имотно право е повредено или загрозено со кривичното дело, при тоа под поимот лице се подразбира како физичко така и правно лице.

Според оваа одредба, поимот “тужител” значи: јавен обвинител, приватен тужител и оштетен како тужител, а кој од нив ја има улогата на тужител во постапката и под кои услови е определено со одредбите од Законот за кривичната постапка и Кривичниот законик.

Поимот “странки” ги опфаќа тужителот и обвинетиот.

Во членот 340 став 1 од Законот е предвидено дека со пресуда обвинението се одбива или обвинетиот се ослободува од обвинението или се огласува за виновен.

Согласно член 341 од Законот, пресуда со која се одбива обвинението судот ќе изрече ако: 1. за пресудување судот не е стварно надлежен, 2. постапката е водена без барање на овластен тужител, 3. тужителот од започнување па до завршување на главниот претрес се откажал од обвинението, 4. немало потребен предлог, одобрение или ако надлежниот државен орган се откажал од предлогот односно одобрението или ако оштетениот се откажал од предлогот, 5. обвинетиот за истото дело е веќе правосилно осуден, ослободен од обвинението или постапката против него е правосилно забранета со решение, 6. обвинетиот со акт на амнестија или помилување е ослободен од гонењето или кривично гонење не може да се преземе поради застареност, или ако постојат други околности што го исклучуваат кривичното гонење.

Од анализата на членот 341 од Законот произлегува дека законодавецот ги утврдил законските претпоставки кои задолжително повлекуваат одбивателна пресуда. Тоа значи дека јавниот обвинител (тужителот) од започнување па до завршување на главниот претрес, па дури и на самиот претрес може да го повлече обвинението на кој начин судот е спречен да се изјасни по однос на вината на обвинетиот за конкретно кривично дело што му се става на товар на обвинетиот со обвинението.

Во членот 369 од Законот поместен во Главата „Граници на испитување на правосилната пресуда“ е предвидено дека „ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција.

Од наведената одредба произлегува дека принципот на забрана на reformatio in pejus (преправање на полошо) доследно е предвиден, односно прифатен и во нашата кривична постапка која опфаќа забрана на полошо не само во однос на одлуката за казната туку и во однос на правната квалификација на делото во случаите кога жалбата е изјавена само во корист на обвинетиот.

Во членот 388 од Законот за кривичната постапка поместен во Глава XXIV „Вонредни правни лекови“ како вонреден правен лек е предвиден и повторување на кривичната постапка.

Согласно наведениот член, кривичната постапка што е довршена со правосилно решение или со правосилна пресуда може на барање од овластено лице да се повтори само во случаите и под условите предвидени со овој закон.

Согласно член 392 од Законот за кривичната постапка, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот, ако:
1) се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа или врз лажен исказ на сведокот, вештакот или толкувачот,
2) се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата – поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија,
3) пресудата со која обвинението се одбива е донесена поради откажување на јавниот обвинител од обвинението, а се докаже дека до ова откажување дошло поради кривично дело злоупотреба на службената положба на јавниот обвинител,
4) се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето што било осудено или негова осуда по поблаг кривичен закон,
5) на некое лице за исто дело повеќе пати му е судено или ако повеќе лица се осудени поради исто дело што можело да го стори само едно лице или некои од нив и
6) во случај на осуда за продолжено кривично дело или за друго кривично дело што според законот опфаќа повеќе истовидни или повеќе разновидни дејствија се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што укажуваат дека осудениот не го сторил дејствието што е опфатено со делото од осудата, а постоењето на овие факти би било од суштествено влијание врз одмерување на казната.

Во случаите од точките 1 и 2 од став 1 на овој член со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласни за виновни за односните кривични дела. Ако постапката против овие лица не може да се спроведе поради тоа што умреле или што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од точките од 1 до 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази.

Фактот што оспорената точка 3 на член 392 став 1 е поместена во овој дел не ја прави одредбата несогласна со Уставот.

Од анализата на Законот за кривичната постапка во однос на прашањата кои се однесуваат на тоа дека во конкретниов случај не станува збор за осудено лице или донесена осудителна пресуда туку за одбивателна пресуда или поточно речено, лицето спрема кое се бара повторување на постапката нема статус на осудено лице. Понатаму, со одбивателната пресуда заради откажувањето на јавниот обвинител од гонење, судот воопшто не се произнел за инкриминираното дејствие, што не значи дека непроизнесувањето на судот за дејствијата што му се ставаат на товар со обвинението, автоматски еднаш за секогаш лицето се смета за ослободено од обвинение, а со тоа и од кривична одговорност. Ова дотолку повеќе што донесувањето на одбивателна пресуда била како резултат на злоупотреба на службената положба на јавниот обвинител односно до откажување на јавниот обвинител од обвинение дошло поради кривично дело злоупотреба на службената положба што било докажано во соодветна постапка.

Во повторената кривична постапка по член 392 став 1 точка 3 од Законот, обвинетиот во одбрана има можност да ги користи сите права што му се дадени со Законот за кривичната постапка, однапред не се знае дали обвинетиот ќе биде огласен за виновен или ослободен од обвинение, но во секој случај мора да се донесе пресуда која нема да се заснива на откажување од обвинение на јавен обвинител поради сторено кривично дело злоупотреба на службената положба што било докажано во кривична постапка. Ова во суштина значи дека судот донесува законита пресуда што во никој случај не е на штета на обвинетиот, затоа што пресудата не резултира од сторено кривично дело.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека повикувањето на подносителите на иницијативата дека со оспорената одредба се повредувало начелото на reformatio in pejus е неосновано, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.51/2011
5 октомври 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply