36/2011-0-0

36/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 точка 3 во деловите

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со членот 17 став 1 точка 3 и членот 30 став 1 од Законот за бесплатна правна помош се оневозможувало постоечките здруженија на граѓани да поднесуваат барање за добивање на овластување за давање на претходна правна помош, затоа што според одредбите на член 16 став 2 и член 17 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010) актот за основање се донесувал само на основачкото собрание и актот за основање или негов дел може да се менува, ако за тоа било изрично волја на основачите додека траел процесот на регистрација, т.е. што значи не и подоцна. Подносителот на иницијативата смета дека таква интенција на законодавецот не била при донесувањето на Законот за бесплатна правна помош, а со тоа биле повредени темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, односно член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Од друга страна, од оспорениот член 20 став 2 и член 31 произлегувало дека овие одредби биле нејасни, непрецизни и не биле до крај дефинирани норми, кои оставале простор за слободно толкување и неконзистентна примена, а што не било во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Имено, не било јасно како физичко лице – барателот за бесплатна правна помош ќе состави и кон барањето ќе достави дозвола за увид во сите податоци за нивната имотна состојба, кога тоа надлежниот орган го утврдувал по службена должност во самата постапка.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста член 17 став 1 точка 3 во деловите: „актот за основање и“ и „на неговото основање“, член 20 став 2 во делот: „како и дозвола за увид во сите податоци за нивната имотна состојба“, член 30 став 1 во делот „актот за основање и“ и член 31 став 1 од Законот за бесплатна правна помош.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 17 став 1 од Законот за бесплатна правна помош овластени здруженија на граѓани можат да даваат претходна правна помош доколку ги исполнуваат условите утврдени со овој закон, и тоа: да се запишани во Регистарот на здруженија на граѓани во Централниот регистар на Република Македонија; да имаат вработено најмалку еден дипломиран правник со положен правосуден испит; во актот за основање и статутот на здружението на граѓани една од целите на неговото основање е давање на претходна правна помош во областа за која се основани и да имаат склучено договор за осигурување на одговорност за можна штета при советување најмалку на најниската полиса/осигурителна сума.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 20 став 2 од овој Закон кон барањето за бесплатна правна помош барателот доставува и писмена изјава потпишана од него и од членовите на неговото семејство со кој живее во исто домаќинство и заеднички ги сносат трошоците за живот за нивниот вкупен движен и недвижен имот, како и дозвола за увид во сите податоци за нивната имотна состојба.

Судот на седницата констатира дека во членот 30 став 1 од овој Закон здруженијата на граѓани кои се заинтересирани да даваат претходна правна помош, поднесуваат барање за добивање на овластување до Министерството кон кое приложуваат документи согласно со членот 17 од овој закон, и тоа: актот за основање и статутот на здружението, доказ на вработено лице дипломиран правник со положен правосуден испит, копија од полисата за осигурување и доказ дека се запишани во Централниот регистар на Република Македонија на здруженијата на граѓани.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 31 став 1 од овој Закон министерот нема да запише адвокат во Регистарот на адвокати или запишаниот адвокат ќе го избрише од Регистарот на адвокати, во согласност со статутарните одредби на Адвокатската комора.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за бесплатна правна помош се уредува правото на бесплатна правна помош, постапката во која се остварува, корисниците, условите и начинот на неговото остварување, давателите на бесплатна правна помош, органите надлежни за одлучување, заштитата на правото на бесплатна правна помош, финансирањето и надзорот над неговото спроведување, организирање на денови на бесплатен правен совет, бесплатна правна помош во прекуграничните спорови, како и надзор над примената на одредбите на овој закон.

Со членот 17 од овој Закон се утврдени условите за зрдуженијата кои можат да даваат претходна правна помош, меѓу кои е и условот во актот за основање и Статутот на здружението една од целите на неговото основање е давање на претходна правна помош во областа за која се основани.

Ваквата одредба не е ограничувачка и дозволува сите здруженија кои ја имаат предвидено оваа активност и ако ги исполнуваат условите утврдени со закон да можат да бидат овластени да дават претходна правна помош. Здруженијата кои претходно во своите статути немале предвидено дека една од целите е давањето на претходна правна помош, не значи дека не можат да направат промена на Статутот и да го исполнат условот предвиден со Закон. Законодавецот при дефинирањето на оваа законска норма имал предвид дека се работи за правна помош на определена категорија на граѓани. Заради избегнување на донесување на дискрециони одлуки со Законот се утврдени и определи критериуми врз основа на кои ќе се даде овластување за давање на претходна правна помош на здружението кое ги исполнува условите утврдени со Законот. Судот оцени дека оваа законска одредба не го ограничува правото на здружување, ниту пак вршење на дејност напротив утврдува критериуми за квалитетно извршување на со закон утврдени надлежности.

Со членот 20 став 2 од овој Закон, е утврдено дека кон барањето за бесплатна правна помош барателот доставува и писмена изјава потпишана од него и од членовите на неговото семејство со кои живее во исто домаќинство и заеднички ги сносат трошоците за живот за нивниот вкупен движен и недвижен имот, како и дозвола за увид во сите податоци за нивната имотна состојба. Содржината на наведениот член е јасна и прецизна со дефинирани документи кои се поднесуваат од страна на барателот на бесплатна правна помош заради остварување на одредено право.

Со членот 21, став 2 од Законот е утврдено дека надлежниот орган за имотната состојба е должен, врз основа на потпишаната изјава од членот 20 став 2 на овој закон, веднаш, а најдоцна во рок од три дена да ги достави бараните податоци за имотната состојба на лицето барател на бесплатна правна помош, по доставено барање од страна на Министерството.

Со овој член е утврдено правото на податоците наведени во изјавата да се потврдат со соодветна документација која се бара по службена должност од страна на органот кој ја спроведува постапката за бесплатна правна помош во конкретниот случај Министерството за правда-подрачно одделение каде е поднесено барањето. Според содржината на податоците кои се обезбедуваат по службена должност се одлучува за остварување на правото на бесплатна правна помош и тие се основа за потврдување на критериумите утврдени со закон врз основа на кои се донесува и одлуката.

Со членот 30, став 1 од Законот е утврдено дека здруженијата на граѓани кои се заинтересирани да даваат бесплатна правна помош, согласно овој закон поднесуваат барање за добивање на овластување до Министерството кон кое приложуваат документи согласно член 17 од овој закон и тоа: актот за основање и Статутот на здружението, доказ за вработено лице-дипломиран правник со положен правосуден испит, копија од полисата за осигурување и доказ дека се запишани во Централниот регистар на Република Македонија на здруженија на граѓани.

Во оваа одредба од Законот јасно се дефинирани критериумите врз основа на кои здружението може да добие овластување за давање на претходна правна помош и немаат ограничувачко дејство. Според ова решение слободата на здружувањето се утврдува на тој начин што ги означува целите на здружувањето кои се изразуваат во правец на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и за нивна заштита, како и утврдувањето на организациониот облик на здружувањето што е во согласност со Уставот на Република Македонија. Здруженијата по својот карактер можат да бидат разновидни и во тој поглед основно правило е да се почитува постоењето на различни форми на здружување, што произлегуваат од нивниот карактер и интерес на дејствување.

Во членот 31, став 1 од Законот е утврдено дека Министерот нема да запише адвокат во Регистарот на адвокати или запишаниот адвокат ќе се избрише од Регистарот на адвокати, во согласност со статутарните одредби на Адвокатската комора.

Оваа законска одредба го уредува Регистарот на адвокати за потребите на бесплатната правна помош кој го води Министерството за правда. Постапката за запишување на адвокат во Регистарот на адвокати за бесплатна правна помош се уредува со Законот за бесплатна правна помош и е различна од постапката за запишување во Регистарот на адвокати која ја спроведува и води Адвокатската комора на Македонија.

Од изнесеното произлегува дека ниедна од оспорените законски одредби не е во спротивност со одредбите од Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека оспорените законски одредби се во согласност со членовите 8 став 1 алинеите 3 и 7, став 2; 51 и 52 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.36/2011
28 септември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply