92/2011-0-0

92/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 и став 2 во деловите

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените делови од одредбите од Законот, биле непрецизни и нејасни, па поради тоа биле неуставни. Врз основа на овие констатации на подносителот, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот како спротивни на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и на членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 став 1 од Законот е предвидено дека со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Според ставот 2 на овој член од Законот, одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

Во членот 10 став 1 од Законот е предвидено дека при спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата во која не се изнесени аргументи за неуставноста на оспорените делови од одредбите од Законот, туку подносителот во иницијативата само констатира дека тие биле нејасни и неразбирливи без наводи во која правна насока се во спротивност со Уставот, Судот оцени дека нема процесни претпоставки за постапување по иницијативата и согласно цитираната деловничка одредба иницијативата се отфрла.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.92/2011
21 септември 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply