181/2010-0-0

181/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот законски дел не требал да постои бидејќи членот 1 од Законот за сопственост и други стварни права, определувал дека со овој закон се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот, што значело не и со други закони. Подносителот на иницијативата повикувајќи се на предоната и завршна одредба од членот 257 од Законот, според која со денот на отпочнувањето со примена на овој закон престанале да важат одредби од повеќе закони, извлекува заклучок дека целта на законодавецот била правото на сопственост да се стекнува само под услови и на начин предвидени со овој закон, а не и со други закони, како што било предвидено со оспорениот законски дел. Од овие причини подносителот смета дека оспорениот законски дел “и друг закон” не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 6, членот 30 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 2 од Законот и неговиот оспорен дел, право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон. Со иницијативата се оспорува делот од законската одредба “и друг”.

4. Според членот 8 став 1 алинејата 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и наследување.

Според членот 31 од Уставот странско лице во Република Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за сопственост и други стварни права се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот (член 1 од Законот).

Според членот 2 од Законот право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Со членот 4 од Законот е уредено дека на ствар на која постои право на сопственост може да се засноваат други стварни права, под услови определени со закон.

Според членот 5 од Законот правото на сопственост и другите стварни права се остваруваат врз основа на слободна диспозиција со нужни ограничувања предвидени во Уставот и законите.

Со членот 7 од Законот е определено дека стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон.

Според членот 112 од Законот, правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување. Правото на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен орган, на начин и под услови определени со закон.

Од анализата на членот 2 од Законот, и неговиот оспорен дел, произлегува дека законодавецот го определил кругот на субјектите кои можата да стекнуваат право на сопственост во Република Македонија, односно дека овие субјекти можат да се стекната со тоа право исклучително под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата повикувајќи се на она што е уредено во членот 1 од Законот и на она што е уредено во членот 257 од преодните и завршни одредби на Законот, извлекува сопствен заклучок дека целта на законодавецот била правото на сопственост да се стекнува само под услови и начин предвидени исклучително со еден закон, односно со Законот за сопственост и други стварни права, а не и со друг закон, како што предвидувал оспорениот законски дел, па оттука како спротивен на принципот на владеењето на правото оспорениот законски дел не можел да постои во правниот поредок.

Од содржината на членот 1 од Законот произлегува дека овој закон го уредува правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот. Оваа одредба која всушност има деклараторен карактер, прокламира дека овој закон уредувањето на правото на сопственост и другите стварни права го врши во согласност со Уставот, односно во согласност со темелната вредност на уставниот поредок која се однесува на правната заштита на сопственоста, уставната гаранција на правото на сопственост и правото на наследување, начелото на забрана на одземање или ограничување на сопственоста и правата кои од неа произлегуваат, освен во случај кога се работи за јавен интерес утврден со закон, како и во согласност со уставната гаранција за стекнување на право на сопственост од страна на странско лице во Република Македонија под услови утврдени со закон. Тоа значи дека уредувањето на правото на сопственост начелно треба да биде во согласност со Уставот, а не дека правото на сопственост може да се стекне исклучиво со овој закон, а не и со друг. Ова од причини што регулирањето на стварно-правните односи не е ограничено само на Законот за сопственост и други стварни права, туку самиот закон дава можност тие да бидат регулирани и со друг закон, на што впрочем упатува и членот 112 од Законот, кој определува дека правото на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување, како и дека правото на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен орган, на начин и под услови определени со закон. Со оглед на тоа, Законот за сопственост и други стварни права е lex generalis, но остава можност условите и начинот на стекнувањето на правото на сопственост за поедини видови ствари, со оглед на нивната специфика, да бидат уредени со други закони како lex specialis.

5. Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Законот во делот: “и друг закон”, со одредбите од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 181/2010
14 септември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply