115/2011-0-0

115/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 60 став 2 точка в) од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија”, број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010 и 171/2010).

2. Владо Мицковски од с. Вранештица, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба од Законот не била доволно јасна и прецизна, бидејќи не го дефинирала видот на кривичното дело кое би претставувало основ за изрекување на мерката привремена забрана за вршење на должноста и како таква таа била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 и член 14 став 1 од Уставот. Со иницијативата се предлага и донесување на времена мерка согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 60 став 2 точка в) од Законот, уредува дека привремена забрана за вршење на должноста секогаш ќе се определи без оглед на тоа дали е поведена дисциплинска постапка против извршителот и ако против извршителот е донесено правосилно решение за поведување на истрага за кривични дела сторени во врска со службените дејствија сé додека трае истрагата.

Судот, утврди и дека оспорената одредба од Законот за извршување, била предмет на оценување од страна на Уставниот суд на Република Македонија по однос на нејзината согласност со одредби од Уставот, односно со Решение У. бр. 96/2010 од 20 октомври 2010 година, Судот, помеѓу другото не повел постапка за оценување на уставноста на членот 60 став 2 точка в) од Законот за извршување, бидејќи утврдил дека во конкретниот случај не станувало збор за трајна забрана на вршење на должноста, туку за забрана на вршење на должноста за одреден временски период, односно за периодот додека трае истрагата против извршителот за кривични дела сторени во врска со службените дејствија. Според Судот, со така изречената времена мерка, не се повредувале уставните начела утврдени во Уставот на Република Македонија, бидејќи важноста на истата е до окончувањето на наведените дејствија, односно истата имала суспензивно дејство само во тој период.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

По повод претходно поднесена иницијатива, Судот, помеѓу другото ја оценувал и уставноста на сега оспорениот член 60 став 2 точка в) од Законот и со Решение У. бр. 96/2010 од 20 октомври 2010 година, Судот оценил дека истата е во согласност со Уставот, поради што не повел постапка за оценување на нејзината согласност со одредбите од Уставот.

Со оглед дека Судот веќе ја оценувал уставноста на оспорениот член 60 став 2 точка в) од Законот за извршување, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Поради гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 115/2011
22 јуни 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply