Одлука У.бр.83/2010

У.бр.83/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 23 во делот: „и општ акт на органот на управување“ од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У бр.83/2010 од 27 април 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4.Судот на седницата утврди дека според член 23 од Законот, „јавниот службеник има право на плата и надоместоци на плата под услови и критериуми утврдени со закон, колективен договор и општ акт на органот на управување.“

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1); Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека владеењето на правото се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, како и така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Уставот определува дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.

Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби, Судот утврди дека определувањето во оспорената законска одредба, условите и критериумите за правото на плата и надоместоци на плата на јавниот службеник да се утврдуваат и со општ акт на органот на управување, излегува надвор од уставните определби тие права да се уредуваат со закон и колективен договор, поради што оцени дека тој дел од законската одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6.Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.83/2010
8 јуни 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply