114/2010-0-0

У.бр.114/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 15 став 3 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот законски дел немал основ во Уставот, затоа што согласно член 42 став 2 од Уставот само лице помладо од 15 години живот не можело да биде вработено. Исто така, според Законот за работни односи, договор за вработување можело да склучи лице кое наполнило 15 години возраст и имало општа здравствена способност, што значело дека при склучување на договор за вработување не се барало согласност од законскиот застапник, а според Законот за облигационите односи, малолетник со наполнети четиринаесет години одговара според општите правила за одговорност за штета. Оттука, според иницијаторот, оспорениот законски дел бил спротивен на одредбите од членовите 8 став 1 алинеите 1, 3, 5 и 11 и став 2, 9, 20 став 1 и 2, 42 став 2, 51 и 54 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 15 став 3 од Законот, здружение на граѓани може да основаат малолетни лица со навршена 15-годишна возраст преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон. Со иницијативата се оспорува ставот 3 од наведениот член во делот: “преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон”.

4. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 9 од Уставот определува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред уставот и законите се еднакви.

Со членот 20 ставови 1 и 2 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Лице помладо од 15 години не може да биде вработено. Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа. Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.

Во членот 51 од Уставот е определено дека, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 54 став 1 од Уставот е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според членот 15 став 1 од Конвенцијата за правата на детето државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање, а со ставот 2 од истиот член од Конвенцијата е определено дека не можат да се наметнат никакви ограничувања на остварувањето на овие права освен оние што се во согласност со законот и што се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот ред, заштитата на јавното здравје или моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Со Законот за здруженија и фондации, се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.

Според членот 4 од Законот, правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, ако презема активности поврзани со тероризам, ако презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и ако се повредуваат слободите и правата на други лица.

Со оспорениот дел од одредбата од членот 15 став 3 од Законот е уредено дека само “преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон”, малолетни лица со навршена 15-годишна возраст можат да основаат здружение на граѓани.

Согласно членот 48 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/92, 9/96, … и 156/10), родителите имаат право и должност да ги застапуваат своите малолетни деца. Детето има право да биде застапувано од своите родители или старатели.

Според членот 18 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, … и 47/2011), договор за вработување може да склучи младо лице под 18 години возраст и кое има општа здравствена способност.

Со членот 45-б од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 78/2001,…и 81/2009) е определено дека: “деловно способното лице самостојно изјавува правно релевантна волја. Физичкото лице со деловна способност се стекнува со навршувањето на годините на полнолетство и во други случаи предвидени со закон. Физичкото лице до навршување на 14 години и полнолетното лице на кое му е одземена деловната способност е деловно неспособно. Лицето кое навршило 14 години до полнолетство и полнолетното лице на кое му е ограничена деловната способност е ограничено деловно способно, освен ако со закон поинаку не е определено. Правното лице со деловна способност се стекнува во моментот на стекнувањето на правната способност, освен ако со закон поинаку не е определено.“ Според член 48 став 1 од истиот закон “ограничено деловно способен малолетник може без одобрение од својот законски застапник да ги склучува само оние договори чие склучување му е дозволено со закон”. Исто така, согласно членот 147 став 3 од Законот за облигационите односи, малолетник со наполнети 14 години одговара според општите правила за одговорност за штета.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата повикувајќи се на одредби од други закони, смета дека законодавецот со пропишувањето на оспорениот законски дел “преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон”, надвор од она што Уставот определувал, ограничувал слободи и права на граѓанин, кои можеле да бидат ограничени само во случаи утврдени со Уставот, кои наводи, според Судот се неосновани.

Уставниот основ само со навршени 15 години возраст едно лице да може да заснова работен однос, според Судот, не може да се поистовети и да биде и во конкретниот случај основ за самостојно основање на правен субјект. Ова од причини што уставната одредба не може да се толкува дека сите малолетни лица над оваа возраст, самостојно можат да настапуваат и самостојно да преземаат права и обврски и во други односи во правниот живот. Уставната одредба само определува кои малолетни лица можат да бидат вклучени во работниот процес, под определени услови заради заштита на нивното здравје и морал.

Одредбата од член 18 став 1 од Законот за работните односи, не може да се доведе во корелација со оспорениот законски дел, кој уредува прашања за тоа кој може да биде основач на правен субјект, а не прашања за засновање на работен однос. Способноста за склучување на договор за вработување на лица под 18 години возраст, се однесува за конкретни случаи, односно само во случај на засновање на работен однос, а не и надвор од овие односи, да може малолетно лице слободно и сериозно да изјавува волја за секаков вид на односи во правото. Имено, според член 48 став 1 од Законот за облигационите односи “ограничено деловно способен малолетник може без одобрение од својот законски застапник да ги склучува само оние договори чие склучување му е дозволено со закон”.

Исто така и одредбатa од членот 147 став 3 од Законот за облигациони односи, која определува дека малолетник со наполнети 14 години одговара според општите правила за одговорност за штета, според Судот, воопшто не може да се доведе во корелација со оспорениот законски дел и дотолку повеќе да се толкува дека тоа дава за право и малолетните лице со навршени 15 годишна возраст, да можат да се јават и како основачи на правен субјект. Ова од причини што, одговорноста за причинета штета на малолетните лица со наполнети 14 години, не претпоставува и автоматско признавање на целосна деловна способност на малолетните лица. Членот 45-б во ставот 4 од Законот за облигационите односи јасно определува дека лицето кое навршило 14 години до полнолетство и полнолетното лице на кое му е ограничена деловната способност, е ограничено деловно способно, освен ако со закон поинаку не е определено, од која одредба произлегува дека малолетното лице до полнолетството е ограничено деловно способно лице и не може без изречна согласност на неговиот законски застапник, самостојно да учествува ниту во правниот промет, ниту во други односи во правото, со исклучок само во оние случаи кога е тоа дозволено со закон. Во конкретниот случај, токму со оспорениот законски дел е овозможено и малолетни лица со навршена 15-годишна возраст, да можат да основаат здруженија, но преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, законодавецот оспореното законско решение го пропишал во функција на заштита на интересите на малолетните лица кои влегуваат во овој вид на односи, со оглед дека станува збор за категорија на лица на возраст со навршени 15 години, која битно може да влијае на нивното правилно постапување и расудување за правата и обврските со кои треба да се носи со стапувањето во овој вид на односи, како што во конкретниот случај е основање на правен субјект. Имено, законодавецот тргнувајќи од возраста на оваа катагорија на лица, како и од правната положба на здружението, кое во правниот живот настапува самостојно и презема права и обврски од кои произлегуваат и одговорности, кои индиректно се реперкуираат и на законските застапници на малолетните лица, го пропишал оспореното законско решение на начин што не забранил, туку го условил основањето на здружение со претходна изјава за согласност од законските застапници на малолетните лица, на кој начин на законските застапници им се овозможува да имаат увид и сознанија во делувањето на малолетните лица, со цел тие да се заштат од негативни последици и влијанија кои евентуално би можеле да настанат.

Имајќи ги предвид цитираните уставни и законски одредби, Судот оцени, дека оспореното законско решение не претставува ограничување на правото на малолетното лице со навршени 15 години возраст да се јави како основач на здружение, ниту се негира тоа право, туку, го детерминирал ова право со наведениот услов, пропишан во оспорениот законски дел, во функција на заштита на интересите на малолетните лица, што е право и должност како на нивните законски застапници, така и на општеството кое има посебна должност да ги заштитува децата и малолетните лица.

5. Од овие причини, Судот оцени дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на членот 15 став 3 во делот: “преку изјава за согласност за основање на здружение од нивниот законски застапник, за целите за кои се основа здружението во согласност со закон” со членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 и членот 20 став 1 и 2 од Уставот, поради што, Судот, одлучи како во точка 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 114/2010
18 мај 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply