Решение У.бр.41/2011

У.бр.41/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Боби Спирковски од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

2. Боби Спирковски од Скопје поднесе до Уставниот суд на Република Македонија барање и дополнение на барање за заштита на слободите и правата, во кое наведува дека Судот требало да утврди низа конкретни факти за дискриминаторскиот однос на органите на јавната власт спрема него и со “аргументи и факти” требало да се укаже на тоа, дека имало повреди на основните човекови слободи и права, гарантирани со Уставот; како што биле, правото на почитување и заштита на неговиот личен и семеен живот, загарантирано со членот 25 од Уставот; правото да се смета за невин се додека вината не била утврдена со правосилна судска одлука, право кое му било гарантирано со членот 13 од Уставот; правото на слобода и сигурност, загарантирано со членот 12 од Уставот; правото на слобода на движењето како и правото слободно да ја напуши територијата на Република Македонија, загарантирано со членот 27 од Уставот; како и правото на правична судска постапка во разумен рок гарантирано со членовите 12 и 13 од Уставот.

Подносителот на барањето со цел да бидат изложени фактите за дискриминаторскиот однос на органите на јавната власт во Република Македонија, ретроспективно опфаќа период од четири години пред поднесувањето на барањето, во кој период континуирано преку бројни дејствија му било повредено уставното право на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност од членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според наводите во барањето дискриминацијата се манифестирала преку дискриминаторските политики кои разултирале во кршење на човековите права, злоупотреба на следењето и прислушкување, незаконито притворање, стеснување на граѓанските права, лустрација и други бесправни казнувања на припадници на различни социјални групи или на целокупната популација.

Притоа, како акти со кои му биле повредени слободите и правата, подносителот на барањето ги наведува следните:

– решение IV.КИ.бр.380/10 од 14 октомври 2010 година, на истражниот судија на Основниот суд Скопје I Скопје и

– решение КС. бр.203/10 од 09 декември 2010 година донесено од Основниот суд Скопје I Скопје

Со дополнението на барањето Боби Спирковски, предлага Судот да одржи нејавна седница и согласно членот 56 од Уставот да донесе одлука со која се поништуваат Решението IV КИ. Бр. 380/10 од 14.10.2010 година на Истражниот судија при Основниот суд Скопје I Скопје како и Решението КС. Бр. 203/10 од 09.12.2010 година на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје.

Исто така во дополнението на барањето наведува дека продолжило понатамошното кршење на неговите слободи и права загарантирани со Уставот и во Основниот суд Скопје I Скопје каде бил оформен предметот К.бр.3315/10 по кој било закажано судење на ден 26.05.2011 година, и моли Уставниот суд да се заложи да му биде даден приоритет во решавањето на овој предмет, со цел да се спречат евентуално поголеми и трајни последици по подносителот на барањето.

Подносителот во барањето истакнува дека како граѓанин кој во неговиот живот извршувал поголем број на општествени функции во државата (како министер во Владата, претседател на Судот на честа на Стопанската комора на Република Македонија и друго) според имотната и општествената положба припаѓал во категоријата на најзначајни личности односно т.н крупни фигури. Од друга пак страна, подносителот на барањето не бил партиски определена личност. Исто така, во барањето наведува дека со континуираните повреди на основните начела на законите, како и повредите на поголем број на човекови права и слободи, кои биле загарантирани со Уставот, во еден исклучително долг период, од страна на државните органи на Република Македонија истиот бил изложуван на нечовечко и деградирачко постапување и на психолошка тортура до крајни граници кои едно човечко битие можело да ги издржи.

Барањето за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот го поднел од причина што смета дека со актите донесени од страна на судот и другите органи, биле повредени членот 8 став 1 алинеји 3 и 4, членот 9, членот 50 став 2, членот 51 став 2 и членот 54 став 1 од Уставот

3. Судот на седница утврди дека Основниот суд Скопје I Скопје донел Решение на Истражниот судија под КИ.бр.380/10 од 14.10.2010 година.

Имено, истражниот судија при Основниот суд Скопје I Скопје постапувајќи по Предлогот за испитување на законитоста и повредата на правата од превземените дејствија во пред- истражната постапка, кој бил поднесен од страна на Боби Спирковски, адвокат од Скопје, донел Решение IV. КИ.бр.380/10 од 14.10.2010 година со кое се утврдува дека се законити превземените дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи-СВР-ОЕК Скопје, за повикување со цел да се обави службен разговор со осомничениот Боби Спирковски, кои биле превземани од страна на МВР-СВР-ОЕК.

Министерството за внатрешни работи СВР-ОЕК Скопје, против осомничениот Боби Спирковски од Скопје поднело кривична пријава бр.2242/2-932 од 09.04.2010 и КУ.бр. 3482 поради сомнение дека истиот сторил кривично дело Фалсификување на исправа по член 378 од КЗ на РМ. Основниот суд Скопје I Скопје постапувајќи по барањето го прибавил кривичниот предмет на овој суд, заведен под број К.бр.3315/10, од кој било видно дека Основното јавно обвинителство Скопје поднело обвинителен предлог КО.бр.169/10 од 29.09.2010 година против обвинетиот Боби Спирковски за кривично дело Поднесување лажни докази од член 366-а од Кривичниот законик на Република Македонија. По извршениот увид во барањето и прилозите, Судот го донел гореспоменатото решение.

Подносителот на барањето во својство на осомничен, преку својот бранител Игњат Панчевски, адвокат од Скопје, на ден 06.12.2010 година поднел жалба против ова решение.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје донел Решение КС.бр.203/10 од 09.12.2010 година со кое жалбата поднесена од страна на осомничениот била отфрлена како ненавремена.

Како дејствија кои претходеле и со кои му биле повредени слободите и правата Боби Спирковски ги наведува следните:
На ден 06.08.2007 година, сопругата на подносителот на барањето, оштетената Маја Спирковска од Скопје поднела кривична пријава до Јавното обвинителство на Република Македонија, против Боби Спирковски, Катерина Николова и Светлана Петровска, сите од Скопје, за кривични дела Фалсификување на исправа по член 378 став 3 и Злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 4 од КЗ на РМ.
Јавното обвинителство на Република Македонија со допис ПО.бр.109/07 од 06.09.2007 година утврдило дека во случајот не се работи за кривично дело кое спаѓа во негова надлежност и истата била доставена на надлежност и постапување на Основното јавно обвинителство во Скопје. Јавниот обвинител не ги отфрлил кривичните пријави, ниту пак поднел обвинителен предлог.

Оштетената Маја Спирковска од Скопје поднела обвинителен предлог на ден 29.11.2007 година. Основниот суд Скопје I Скопје со допис XX. К.бр. 6073 од 15.01.2008 година го вратил предметот до Основното јавно обвинителство Скопје на надлежно постапување, со оглед на тоа дека за истите кривични дела се гони по службена должнос, а не по приватна кривична тужба.

Во тој период, како што наведува подносителот на барањето Министерството за внатрешни работи применувало посебни истражни мерки, тајно набљудување на неговото движење и на влезот на неговиот дом. Понатаму, подносителот набарањето бил присилно приведен без судска одлука и без да биде предупреден за можноста од присилно приведување, бил лишен од слобода и притоа со него се постапувало нечовечки и понижувачки пред влезот на неговиот дом, спротивно на законот.

Од страна на Министерството за внатрешни работи бил составен Записник за задржување на лице број 634/163 од 30.01.2008 година врз основа на кој подносителот на барањето бил лишен од слобода.

Подносителот на барањето, преку својот бранител го предупредил јавниот обвинител дека се работело за лажна кривична пријава и побарал да бидат повикани странките со цел да се утврди веродостојноста на кривичната пријава.

Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје бр.2242/2-2236, КУ.766 од 31.01.2008 за истото дејствие за кое биле поднесени кривичните пријави и обвинителниот предлог од страна на оштетената. Министерството за внатрешни работи ги известило јавните медиуми за поднесената пријава на одржана прес конференција претставувајќи го случајот како дел од борбата за организиран криминал во државата. Во тој период по барање на оштетената, кое било заведено под КИ бр.429/08 од 27.03.2008 година на подносителот на барањето, Боби Спирковски, му била одземена патната исправа.

Основното јавно обвинителство Скопје поднело барање за спроведување на истрага XXIX КО бр.3934/07 од 14.03.2008 година до Истражниот судија на Основниот суд Скопје I Скопје.

Истражниот судија на Основниот суд Скопје I Скопје, постапувајќи по барањето за спроведување на истрага на Основното јавно обвинителство Скопје, донел Решение XIII КИ.бр.429/08 од 11.04.2008 година за спроведување на истрага против Боби Спирковски и Светлана Петровска, двајцата од Скопје.

Против ова решение обвинетиот Боби Спирковски преку својот бранител Љупчо Ивановски, адвокат од Скопје, поднел жалба на ден 12.04.2008 година до Кривичниот совет преку Истражниот судија на Основниот суд Скопје I Скопје.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје I Скопје донел Решение КС.бр. 86/08 од 16.04.2008 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Во својство на обвинет Боби Спирковски на ден 03.07. 2008 година доставил поднесок до Истражниот судија на Основниот суд Скопје I Скопје за запирање на истрагата. Судот на Записник составен на ден 03.07.2008 година констатирал дека истиот е безпредметен, бидејќи во конкретниот случај истражниот судија ги превземал сите предложени истражни дејствија содржани во барањето за спроведување истрага кои биле предложени од страна на Основното јавно обвинителство Скопје, како и истражните дејствија за кои истражниот судија сметал дека се потребни да бидат спроведени, а со цел да се разјасни состојбата на работите и да биде утврдена фактичката состојба и околностите поврзани со кривичното дело, кое на осомничениот му се ставал на товар.

Основниот јавниот обвинител Скопје поднел обвинителен предлог КО.бр.3934/07 од 12.12.2008 година против обвинетите Светлана Петровска и Боби Спирковски, двајцата од Скопје за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Истражниот судија на Основниот суд Скопје I Скопје, постапувајќи по барањето за спроведување на истрага на Основното јавно обвинителство Скопје, донел Решение XIII КИ.бр.429/08 од 11.04.2008 година

Основниот суд Скопје I Скопје на ден 18.01.2011 година донел Решение КО.бр. 4015/08 со кое кривичната постапка покрената со обвинителен предлог од страна на Основното јавно обвинителство Скопје заведена под број КО.бр.3934/07 од 12.12.2008 година, била запрена заради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење.

Судот на седница утврди дека на 11 февруари 2011 година Боби Спирковски до Уставниот суд на Република Македонија поднел барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

По приемот на барањето, во претходната постапка, Судот писмено се обрати до Основниот суд Скопје 1 Скопје со барање да го известат за тоа на кој датум странката го примила второстепеното решение.
Од страна на Основиот суд Скопје 1 Скопје до Уставниот суд беа доставени фотокопија од повратница со која се потврдува дека на Боби Спирковски, на 15 декември 2010 година му било врачено решението КС.бр.203/10 од 09.12.2010 година.

Покрај тоа, Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и фотокопија на доставница со која се потврдува дека Боби Спирковски на 02 декември 2010 година, го примил решението КИ.бр.380/10 од 14.10.2010 година, а додека неговиот бранител Игнат Панчевски, адвокат од Скопје, истото решение го примил на 26 декември 2010 година.

Оттука како датум кога била извршена уредна достава, односно кога подносителот на барањето го примил второстепеното решение, Судот го утврди 15 декември 2010 година.

4.Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно алинеја 3 од истиот член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискри-минација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поеди-нечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Од цитираните уставни и деловнички одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и времетраењето на истата, односно законитоста на одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Од цитираните уставни одредби, исто така произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Имено, Судот не е надлежен да одлучува по барањето за заштита на правото на почитување и заштита на неговиот личен и семеен живот, кое е загарантирано со членот 25 од Уставот; со објавата на кривичната пријава преку медиумите, му било повредено правото да се смета за невин, се додека вината не била утврдена со правосилна судска одлука, кое право му било гарантирано со членот 13 од Уставот; со незаконитото лишување од слобода, му било повредено правото на слобода и сигурност, загарантирано со членот 12 од Уставот; со незаконитото одземање на патната исправа, му било повредено правото на слобода на движењето како и правото, слободно да ја напуши територијата на Република Македонија, кое било загарантирано со членот 27 од Уставот.
Воедно, Судот не е надлежен да одлучува ниту по неговото барање во кое е наведено дека со водењето на кривичната постапка во период од две години му било повредено и правото на правична судска постапка во разумен рок, кое било загарантирано со членовите 12 и 13 од Уставот, на кои се повикува подносителот во барањето.

Подносителот на барањето смета дека со постапките на органите на јавната власт во текот на водењето на пред истражната и кривичната постапка, бил различно третиран, бил ставен во потешка состојба од другите граѓани и му било повредено правото на еднаквост пред Уставот и законите. Подносителот на барањето смета дека според имотната и општествената положба, припаѓал во категоријата на најзначајни личности односно т.н крупни фигури. Од друга пак страна подносителот на барањето не бил партиски определена личност.

По однос на наводите за дискриминација, Судот оцени дека истите содржат само начелно повикување на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, а се со цел според подносителот на барањето, долготрајната предистражна и кривична постапка да добие своја завршница, во која истиот, во својство на осомничен или обвинет би ги остварил своите права, додека конкретни факти и докази на оваа околност во барањето и во појаснувањето и дополнението на барањето не се содржани.

Имајќи ги во предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителот во барањето наведува голем број на акти и дејствија на надлежни органи и поголема група на претставници на јавната власт, кои наводно, намерно и нечовечки ги повредиле слободите и правата на подносителот на барањето и кај него било создадено чувството на страв и инфериорност, Судот смета, дека од целината на барањето, несомнено произлегува, дека подносителот на барањето е незадоволен од спората реализација на истражната и кривичната постапка. Поради тие причини, наведените барања, се сведуваат на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејствија на Министерството за внатрешни работи и Основниот суд Скопје I Скопје, односно Уставниот суд, да се стави во улога на инстанционо надлежен суд за оцена на уставноста и законитоста на донесените акти и превземените дејствија од страна на наведените органи или лица.

Меѓутоа, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите и други државни органи, ниту може да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на нивните одлуки и преземени дејствија. Исто така Судот не е надлежен да постапува во однос на наводите во барањето да се заложи Уставниот Суд за забрзување на кривичната постапка односно да се даде приоритет во решавањето на кривичниот предмет К.бр.3315/10 на Основниот суд Скопје I Скопје по кој било закажано судење на ден 26.05. 20111 година.

Поради сето изнесено, Судот констатира дека во конкретниов случај подносителот на барањето бара судска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите и други органи, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што барањето треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.41/2011
18 мај 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply