67/2011-0-0

67/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.145/2010).

2. Илија Колев од Радовиш на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата наплатата на средствата од радиодифузната такса треба да е обврска на корисници на услугата, а не и на тие што не ја користат услугата и дека со закон не била прогласена радиодифузната такса за „јавна давачка“, па поради тоа оспорениот Закон во целина не бил во согласност со Уставот, кој во членот 68 став 1 алинеја 3 определил дека Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

3. Судот на седницата утврди дека Законот има пет члена, и тоа со членот 1, во Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005, 19/2007, 103/2008 и 6/2010) членот 147 се менува и содржи дека работите во врска со водењето на регистарот на обврзниците за плаќање на радиодифузна такса ги врши МРТ (став 1); работите во врска со пресметувањето, утврдувањето и наплатата на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, во име и за сметка на МРТ, ги врши Управата за јавни приходи (став 2); потоа, во постапката за утврдување и наплата на средствата од радиодифузната такса се применуваат одредбите од Законот за даночната постапка (став 3); Управата за јавни приходи врз основа на податоците од регистарот на обврзници на радиодифузна такса го утврдува месечниот износ на радиодифузна такса кој обврзникот е должен да го плати до 15-ти наредниот месец, во спротивно за секое задоцнување е должен да плати камата утврдена со закон (став 4); и наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон (став 5).

Со членот 2 од овој закон, се менува членот 149 став 2, во кој се предвидува од вкупно уплатените средства од радиодифузната такса Управата за јавни приходи задржува износ во висина од 3% за покривање на трошоците за утврдување и наплата на средствата од радиодифузната такса.

Со членот 3 од овој закон, во членот 15 зборовите: „Законот за извршување“ се заменуваат со зборовите: „Законот за даночната постапка“.

Според членот 4 од овој закон, со денот на примената на овој закон започнатите, а незавршените постапки пред МРТ, ќе продолжат да се водат пред Управата за јавни приходи.

Според членот 5, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе се применува од 1 јануари 2011 година.

4. Согласно членот 33 од Уставот на Република Македонија, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно членот 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Законот за радиодифузна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005, 19/2007, 103/2008, 6/2010 и 145/2010), уште со неговото донесување во 2005 година го предвидел членот 145 кој во став 2 децидно определил дека радиодифузната такса е јавна давачка.

Имајќи предвид дека законодавецот со Законот ја предвидел радиодифузната такса за јавна давачка, а со оспорените измени и дополнувања на Законот за радиодифузна дејност од 2010 година, е уреден начинот на наплатата на средствата од радиодифузната такса преку Управата за јавни приходи и елементите поврзани со ова законско решение, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата со кои се оспорува уставноста на Законот и подносителот го немал во предвид интегралниот текст на Законот за радиодифузната дејност кој радиодифузната такса ја утврдил како јавна давачка, која подлежи на посебен правен режим на уредување кој законодавецот го уредил, а за што постои уставен основ. Врз основа на изнесеното за оспорениот Закон не може да се постави прашањето на согласноста со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.67/2011
20 април 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply