1/2011-0-0

1/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 20 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 161 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 149/2007) донесен од министерот за внатрешни работи; и на Решението за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон, број 194-10532/1 од 19 јануари 2009 година, донесено од министерот за внатрешни работи.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Поднасловот: „3. Придружба на возила“ и членовите 154, 155, 156, 157, 158, 159, 160 од Правилникот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одребите од Правилникот и Решението означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, одредбата од член 154 став 1 од Правилникот, не била во согласност со Законот за полиција бидејќи во членот 5 од Законот за полицијата, во кој се определени полициските работи, не било предвидено дека во полициски работи спаѓа и придружбата на возила и дека поради тоа оспорениот наслов и оспорените членови на Правилникот излегувале надвор од рамките на Законот за полицијата бидејќи со нив изворно се уредувала оваа материја од страна на министерот, без законско овластување. Со тоa била противуставно преземена законска функција и надлежност, со што биле повредени темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: владеењето на правото и поделбата на државната власт од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и член 5 и член 128 став 1 алинеја 1 од Законот за полиција.

Во врска со одредбата од член 158 став 1 од Правилникот, во иницијативата се наведува дека не било јасно кој орган ја врши оценката за тоа дали е потребна придружба на возилото со кое се превезуваат експлозивни материи и дека Министерството за внатрешни работи не можело со свој пропис да пропишува ваква дискрециона надлежност. Поради нејасноста, непрецизноста на одредбата таа била спротивна на горенаведените уставни одредби.

Во врска со одредбата од член 161 од Правилникот, во иницијативата се наведува дека оваа одредба била без законски основ, бидејќи не било определено врз основа на кои параметри и критериуми се изготвувал Трошковникот, кој го изготвувал, односно кој го плаќал и врз која основа (дали договoр, решение или само врз основа на фактура). За подносителот, исто така, е спорно дали таков трошковник воопшто можело да се изготвува со оглед на тоа што тоа било законска, функционална надлежност, за што полициските службеници примале плата. Тоа било функција на Министерството за внатрешни работи и на полицијата, која била државна служба, а не трговска дејност за која што се плаќа. Втората реченица од оваа оспорена одредба, создавала дискриминација меѓу субјектите од член 154 став 1, особено за возилата на Армијата на Република Македонија, кои исто така имаат право на придружба.

Поради наведените причини, според подносителот на иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 7, член 51, член 55, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96, Амандманот XXI на Уставот, член 55 став 1, член 56 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, веќе наведените одредби од Законот за полиција и член 2 став 1 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај.

Во врска со второоспорениот акт – Решението за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон, во иницијативата се наведува дека тоа било донесено без законско овластување, бидејќи такво овластување не било предвидено во член 7 од Законот за полицијата, па со оглед на тоа што решението било донесено надвор од законското овластување, бил повреден членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Иако оспореното Решение било засновано на членовите 83, 85 и 160 од Правилникот за вршење на полициските работи, такво решение можело да се донесе само врз законско овластување, а не врз основа на подзаконски пропис. Имено не можело министерот за внатрешни работи со свој подзаконски пропис сам да се овластува да донесува други подзаконски прописи. И наведените три одредби од Правилникот не содржеле овластување за донесување на општ акт за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки, понатаму, тоа не било објавено во Службен весник, со што бил повреден и член 52 став 1 и 2 од Уставот и член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и општи акти во Службен весник на Република Македонија, па како такво, тоа решение не можело да произведува правно дејство.

Со тоа Решението за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стока согласно закон се повредувал член 8 став 1 алиенеите 3 и 4, член 51, член 52 став 1 и 2, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, член 5 и член 128 став 1 алинеја 1 од Законот за полиција и член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Поради наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Поднасловот: „3. Придружба на возила“ и членовите 154, 155, 156, 157, 158, 159, 160 и 161 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Решението за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон, број 194-10532/1 од 19 јануари 2009 година, и истите да ги поништи и воедно се предлага Судот да донесе и решение за времена мерка, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седницата утврди дека во точката 3 од Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, е регулирана придружбата на возила. Според членот 154 од Правилникот, заради поголема безбедност на учесниците во сообраќајот и заради спречување на сообраќајни незгоди и други несреќи до кои може да дојде во сообраќајот на патиштата, полициските службеници придружуваат:
– возило со кое се превозува личност на кој и е доделена придружба;
– возило со кое се врши вонреден превоз;
– возило со кое се превозуваат опасни материи и
– возила на Армијата на Република Македонија.

Придружбата од став 1 на овој член, се врши со службени возила што имаат уреди за давање на светлосни и звучни знаци.

Согласно членот 155 од Правилникот, полициските службеници додека вршат придружба ги предупредуваат останатите учесници во сообраќајот за присутноста на возилата од членот 154 став 1 на овој правилник, а по потреба привремено и ги запираат или отстрануваат другите возила од патот, за да се овозможи безбедно минување на возилата под придружба. Дејствијата од ставот 1 на овој член се вршат со непрекинато давање на пропишани светлосни и звучни знаци со помош на уредите на службените возила со кои се врши придружбата. Возилата со кои се врши придружбата се движат на погодно растојание пред и позади возилата што се придружуваат.

Во членот 156 од Правилникот е уредено дека начинот на придружувањето на возилата од член 154 став 1 алинеја 1 на овој правилник се утврдува заедно со надлежниот државен орган за спроведување на програмата за престојот и движењето на личноста на која и е дадена придружба и со субјектите што се грижат за неговата лична безбедност.

Според членот 157 од Правилникот, придружба на возило со кое се врши вонреден превоз се дава само ако во дозволата за вонреден превоз е определено дека истиот може да се врши само под придружба на Полицијата.

Во членот 158 од Правилникот, кој исто така, во делот „по оценка“ е оспорен со иницијативата е предвидено дека кога со возило на пат се превезуваат експлозивни материи, запаливи течности, гасови или оружје и муниција, се превземаат потребни мерки превозот нормално да се одвива, а во случаи утврдени со закон или по оценка дека е тоа потребно, се определува и придружба на возилото со кое се врши таков превоз. Придружбата се определува во решението за одобрување на превозот или со потребна писмена наредба. Во случаите од став 1 на овој член, Полицијата го определува патот по кој ќе се движи возилото со кое се врши превозот.

Согласно членот 159 од Правилникот, пред отпочнување на придружбата од членот 158 на овој правилник, полициските службеници кои го придружуваат превозот се запознаваат со видот на товарот, ознаките на регистарската таблица на возилото кое се придружува, местото каде што започнува и завршува придружбата, патните правци – трасата по која може да се движи возилото и местата, односно делниците на кои возилото не може да застанува од безбедносни причини.

Според членот 160 од Правилникот, полициските службеници може да вршат придружба и кога се превезуваат предмети од вредност (пари, благородни метали, предмети од историска вредност, уметнички дела и слично) доколку за истата има согласност од надлежната организациона единица на Полицијата.

Во членот 161 од Правилникот е определено дека за извршената придружба се поднесува писмен извештај и се изготвува трошковник. Трошковник не се изготвува за дадена придружба од членот 154 став 1 алинеја 1 на овој правилник.

Во однос на второоспорениот акт – Решението за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон, Судот на седницата исто така утврди дека Решението е донесено од страна на Министерот за внатрешни работи, врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/00, 44/02 и 82/08) а во врска со член 7 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/06), членовите 83, 85 и 160 од Правилникот за вршење на полициските работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 149/07)

Согласно точка I од Решението, подносителот на барањето за асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон (експлозивни и запалливи материи, акцизна стока, вонгабаритен превоз и слично), должен е да ги надомести трошоците направени при асистенцијата, односно задолжителното обезбедување на стоки согласно закон и тоа:
– вредност на еден работен час при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон ——– 6 евра во денарска противвредност,
– вредност на еден поминат километар ———- 1 евро во денарска противвредност.

Во точката II. од Решението е предвидено дека ова решение влегува во сила со денот на неговото донесување, а согласно точката III со влегувањето во сила на ова решение, престанува да важи решението за наплата на трошоци при асистенција бр. 22-1232/1 од 12.04.2001 година.

Во точката IV. од Решението е определено дека примерок од ова решение да се достави до Секторот за финасиски, материјално-технички и логистички работи, Секторот за правни работи и управување со човечки ресурси, Бирото за јавна безбедност и Архивот на Министерството за внатрешни работи.

Решението е заведено под број 194-10532/1 од 19.02.2009 година и потпишано од министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 2 на овој член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, меѓу другото, донесува закони.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според членот 1 од Законот за полиција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2006 и 6/2009), со овој закон се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Полициските работи се дефинирани во членот 5 од Законот, според кој, полициски работи, во смисла на овој закон, се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на:
– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори;
– спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;
– одржување на јавниот ред и мир;
– регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата;
– контрола на движење и престој на странци;
– обезбедување на државната граница и контрола на преминување на државната граница;
– укажување помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба;
– обезбедување на определени личности и објекти и
– други работи утврдени со закон.

Од оваа одредба од Законот за полицијата, произлегува дека во полициски работи спаѓа и регулирањето и контролата на сообраќајот на патиштата. Имајќи го предвид начинот на кој се врши придружбата на возилата, односно дејствијата на полициските службеници кои тоа го вршат и кои се состојат во предупредување на учесниците во сообраќајот за присутноста на возилата под придружба, привремено запирање или отстранување на други возила од патот, овозможување на безбедно минување на возилата под придружба, несомнено произлегува дека придружбата на возилата спаѓа во доменот на регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата, како полициска работа од член 5 став 1 алинеја 1 од Законот за полиција. Оттука, за Судот се сосема неприфатливи наводите во иницијативата дека оспорениот наслов и оспорените членови од Правилникот излегувале надвор од рамките на Законот за полицијата и дека со нив изворно се уредувала оваа материја од страна на министерот, без законско овластување, поради што Судот оцени дека оспорените одредби од членовите 154, 155, 156, 157, 159 и 160 од Правилникот за начинот на вршењето на полициските работи се во согласност со Уставот и со Законот за полиција.

Наводите во иницијативата дека одредбата од член 158 став 1 од Правилникот била нејасна и дека Министерството за внатрешни работи не можело со свој пропис да пропишува ваква, дискрециона (според подносителот на иницијативата) надлежност за Судот се неприфатливи. Ова од причина што превозот на опасните материи е законска материја која е регулирана со Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007, 161/2009 и 17/2011). Овој закон во член 44 предвидува дека Министерството за внатрешни работи може, по потреба, да нареди преземање на посебни мерки за безбедност при превозот на определена експлозивна материја (правец на движење, придружба на испраќачот или на превозникот, полициска придружба и друго). Tрошоците на посебните мерки за безбедност од ставот 1 на овој член, во внатрешниот превоз на експлозивни материи, ги поднесува испраќачот на експлозивната материја, а при увоз, извоз или транзит на експлозивните материи, ги поднесува превозникот.

Уставниот суд со Решение У.бр.3/2011 година од 9 март 2011 година не поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба. Судот тргнал од анализата на одредбите од овој закон, во кој прецизно е уреден начинот на превоз на овие материи и надлежностите на државните органи при овој вид на превоз.

Имено, во посебна Глава од овој закон со наслов: „Посебни мерки за безбедност за превозот на определени видови опасни материи“, е регулиран превозот на: 1. експлозивни материи; 2. гасови; 3. отровни и заразни материи и 5. радиоактивни материи.

Според член 41 од Законот, натоварот или истоварот на експлозивните материи надвор од кругот на правните лица што ги произведуваат тие материи или што ги држат за својата редовна дејност, може да се врши само на места што ќе ги определи Министерството за внатрешни работи.

Во членот 42 од овој закон, за внатрешниот и меѓународниот превоз на експлозивни материи потребно е одобрение. Одобрението од ставот 1 на овој член го издава Министерството за внатрешни работи. Формата, содржината и начинот на поднесување на барањето за одобрението од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за внатрешни работи во согласност со министерот за транспорт и врски.

Во образложението на наведеното Решение Судот го изразил следниот став:

„Тргнувајќи од карактерот на експлозивните материи, како вид на опасна материја, Судот оцени дека, при транспортот на овој определен вид на опасни материи, право е на законодавецот да определи преземање на посебни мерки за обезбедување на слободно, непречено и безопасно превезување на истите, за што и говори Глава VI од Законот, поточно за безбедно и ефикасно регулирање на превозот на опасните материи, размена на податоци со органи и институции чија дејност е од областа на транспортот, а со цел контрола на превозот во сите фази, заштита на животната средина и брза и компетентна интервенција во случај на незгода.

Токму поради специфичниот карактер на материите што се предмет на транспорт, законодавецот во Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, предвидел посебна Глава VII, со наслов: „Посебни мерки на безбедност за превозот на опасни материи по гранка на сообраќајот“ (членови 63 – 83) со кои децидно се регулира начинот на превезување, карактерот на возилата со кои се врши превозот, одобрение за превоз, поседување на посебни уреди, истите да имаат валиден сертификат за исправност за превоз на опасни материи. Во таа насока Министерството за транспорт и врски има донесено Правилник за начинот на издавање на одземање на одобрението за превоз на опасни материи во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.162/2010)“.

Во споменатото Решение Судот ги оценил како неосновани наводите во иницијативата за несоглесност на членот 44 од Законот со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 став 1 од Уставот. Судот утврдил дека министерот за внатрешни работи нема дискреционо овластување по однос на определување на посебни мерки, меѓу кои спаѓа и полициската придружба, бидејќи потребата и условите кога е потребно изрекување, односно определување на вакви посебни мерки се децидно определени и утврдени во Законот за меѓународен превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај:

„Имено, од анализата на целината на Законот, јасно произлегува дека Министерството за внатрешни работи не ги презема посебните мерки, (по своја иницијатива) туку во зависност од спецификите на определена експлозивна материја и особено од видот и количината на експлозивната материја, се остава законска можност да се определи дали за определена експлозивна материја ќе се нареди преземање на некое од предвидените законски мерки на обезбедување на материите“.

Од наведените одредби од Законот за превоз на опасните материи во патниот и железничкиот сообраќај, како и од наведената уставно-судска практика по предметот У.бр.3/2011, јасно произлегува дека превозот на опасните материи е материја што е прецизно регулирана со закон и дека оценката на министерството за внатрешни работи за примена на мерки за нормално одвивање на превозот не е дискрециона, туку зависи од условите што се дефинирани со законот. Поради наведеното сметаме дека оспорената одредба од член 158 и член 159 од Правилникот, не е во спротивност со Уставот ниту пак со Законот за полицијата и Законот за превоз на опасните материи во патниот и железничкиот сообраќај.

Наводите во иницијативата, дека одредбата од членот 161 од Правилникот била донесена без законско овластување, Судот делумно ги прифати. Имено од анализата на целината на одредбите од Законот за полицијата, Судот утврди дека во овој закон, во ниту една одредба, не е предвидена обврска за плаќање на трошоци за извршување на полициските работи, па така не постои ниту одредба за надоместок на трошоците за придружбата на возила, што полицијата ја врши како една од активностите што спаѓаат во поширокиот круг на полициски работи кои се однесуваат на регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата.

Во однос на вонредниот превоз и превозот на опасните материи (за кои со Правилникот е предвидена придружба), во посебните закони со кои е уредена оваа материја, постојат одредби кои го регулираат прашањето за надоместокот на трошоците. Така на пример, во членот 44 став 2 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, трошоците на посебните мерки за безбедност од ставот 1 на овој член, во внатрешниот превоз на експлозивни материи, ги поднесува испраќачот на експлозивната материја, а при увоз, извоз или транзит на експлозивните материи, ги поднесува превозникот. Во однос на вонредниот превоз, во член 158 од Законот за безбеност на сообраќајот на патиштата е предвидено дека трошоците за обезбедување на вонредниот превоз кога тоа го вршат униформираните полициски службеници на Министерството за внатрешни работи, се на товар на превозникот.

Значи за двата вида на придружба на возила од алинеите 3 и 4 на оспорениот член 154 од Правилникот, (вонреден превоз и превоз на опасни материи), постои законски пропишана обврска за надоместок на трошоци за придружбата на возилата, во посебните закони што ја регулираат таа материја. Прашањето пак околу трошоците за придружба на возило со кое се превезува личност на која и е доделена придружба, како и на придружба на возилата на Армијата на Република Македонија не е регулирано со закон, туку во Правилникот (во оспорената одредба од членот 161), во која е предвидено ослободување од надоместок за трошоците, и тоа само, за случајот кога се работи за придружба на возило на лице под придружба.

При ваква состојба на законските одредби, Судот оцени дека со право подносителот на иницијативата смета дека оваа одредба од Правилникот нема уставна и законска основа, односно дека со него не е направена разработка на законските одредби, туку изворно се утврдува обврската за надоместок на трошоците, што е спротивно на уставното начело за владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Втората реченица од оспорената одредба исто така е и дискриминаторска, бидејќи предвидува дека трошковник не се изготвува за дадена придружба од член 154 став 1 аллинеја 1 од Правилникот (придружба на возило со кое се превозува личност на која и е доделена придружба), со што овие возила се ставени во поповолна положба во однос на возилата на Армијата (од алинејата 4 на истиот член) за кои ваков исклучок не е предвиден, иако и едните и другите возила се возила кои се во сопственост на државните органи, кои пак вообичаено не ги наплатуваат трошоците за направените услуги едни од други.

Значи за Судот е неспорно дека при вршењето придружба на возила настануваат определени трошоци за органот (Министерството за внатрешни работи), меѓутоа начинот на надоместувањето на овие трошоци, по однос на сите четири предвидени видови на придружба, вклучувајќи го прашањето за утврдување на обврска за плаќање, како и евентуално ослободување од плаќање, мора да биде регулирано со закон, а не со подзаконски акт, како што е во случајот во однос на двата видови на придружба од членот 154 став 1 алинеите 1 и 4.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека не можат да се применат одредбите за трошоци на постапката од Законот за управната постапка, бидејќи во конкретниот случај, според Судот, не станува збор за управна работа, туку за овластување на полицијата за превземање на дејствија при вршење на полициските работи кои се однесуваат на регулирањето и контролата на сообраќајот на патиштата и обезбедувањето на определени личности и објекти, што е во функција на обезбедување на поголема безбедност на учесниците во сообраќајот и спречување на сообраќајни незгоди, како и заради заштита на определени личности и објекти. Значи се работи за овластување кое полицијата го применува заради остварување на со закон определените задачи, еден вид на оперативно дејствије во рамките на овластувањата на полицијата, кое не е управна работа и за нејзиното спроведување не се донесува управен акт.

Поради наведеното Судот утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 161 од Правилникот со одредбите од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 96 од Уставот.

6. Во однос на оспореното Решение за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон, број 194-10532/1 од 19 јануари 2009 година, Судот утврди дека тоа е донесено од министерот за внатрешни работи, врз основа на член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, а во врска со член 7 од Законот за полицијата и членовите 83, 85 и 160 од Правилникот за вршење на полициските работи.
Според членот 7 од Законот за полиција, полицијата укажува помош (асистенција) за спроведување на извршна одлука, доколку при спроведувањето на извршувањето, надлежниот државен орган, односно лицата кои со посебен закон се овластени да го спроведат извршувањето, наидат на физички отпор или таков отпор може оправдано да се очекува. Барањето за асистенција, надлежниот државен орган од ставот 1 на овој член, го поднесува до Полицијата во писмена форма, најдоцна пет дена пред спроведување на извршувањето на одлуката од ставот 1 на овој член. Началникот на Секторот за внатрешни работи одлучува за начинот на давање на помошта (асистенција) и за тоа навреме го известува подносителот на барањето.

Од содржината на Решението произлегува дека со него се утврдува обврска за надоместување на трошоците за асистенција и за задолжително обезбедување на стоки согласно закон и се утврдува начинот на пресметување на трошоците (6 евра во денарска противредност за еден работен, односно 1 евро во денарска противредност за еден поминат километар).

Со оглед на тоа што во Решението е предвидено тоа да влегува во сила со денот на неговото донесување, произлегува дека министерот за внатрешни работи одлучил Решението да не се објави во “Службен весник на Република Македонија”, најверојатно сметајќи дека Решението е интерен акт на министерството.

Меѓутоа, според мислењето на Судот, имајќи ја предвид содржината на решението, фактот што него се пропишува обврска за плаќање на трошоци за извршување на определени полициски овластувања (асистенција и задолжително обезбедување на стоки) и дека таа обврска не се однесува на лицата вработени во Министерството, туку се однесува на неопределен круг на субјекти кои можат да се јават како баратели на асистенција, Судот утврди дека истото не претставува интерен акт, односно дека е пропис, за кој пак важи одредбата од член 52 став 1 од Уставот, според која законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Освен тоа оспореното Решение не е во согласност и со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008) според кој, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон“.

Од анализата на одредбите на Законот за полицијата, посебно на членот 7 од Законот, произлегува дека во него е уредена асистенцијата и начинот, рокот и постапката за поднесување на барањето за барањето за асистенција, меѓутоа законската одредба не содржи обврска за надоместок на трошоците за асистенција, ниту пак овластување за донесување на подзаконски акт со кој би се уредил начинот на определување и наплата на надоместокот на трошоци, така што произлегува дека во конкретниот случај обврската за наплата на трошоците е уредена со подзаконски акт – оспорениот Правилник за начинот на вршење на полициските работи, односно дека министерот за внатрешни работи самиот со подзаконски пропис, наместо со закон, се овластил за донесување на подзаконски пропис со кој се уредува обврска за наплата на трошоци, што е спротивно на уставниот принцип на поделбата на власта, како и со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека може основано да се постави прашањето за согласноста на оспореното Решение за наплата на трошоци при асистенција и задолжително обезбедување на стоки согласно закон, број 194-10532/1 од 19 јануари 2009 година, со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 52 став 1 и 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, како и со член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 1/2011
20 април 2011 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply