Одлука У.бр.212/2010

У.бр.212/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 30 март 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 139 став 1 во делот: „покрај определените мерки од членот 138 на овој закон“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.212/2010 од 9 февруари 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на дел од членот 139 став 1 од Законот за градење означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, во членот 139 став 1 од Законот за градење е предвидено дека, во решението од членот 137 на овој закон градежниот инспектор, односно овластениот градежен инспектор покрај определените мерки од членот 138 на овој закон може да изрече и забрана за градење и користење на објектот со затворање на градилиштето.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од овој член од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Според став 3 од истиот член, никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од овој член на Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест, кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Од анализата на оспорениот став 1 од членот 139 од Законот произлегува дека оваа одредба содржи повикување на определени мерки од членот 138 од Законот, кој пак со Одлука на Уставниот суд У.бр.262/2009 од 2 февруари 2011 година е укинат и повеќе не е дел од Законот. Според тоа, повикувањето на определени мерки содржани во укинатиот член 138 од Законот, содржано во оспорениот член 139 од Законот е беспредметно и како такво треба не треба да егзистира во правниот поредок, а со цел да не создава правна забуна во операционализацијата и примената на Законот.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека членот 139 став 1 од Законот во делот: „покрај определените мерки од членот 138 на овој закон“ не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.212/2010
30 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply