27/2010-0-0

27/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 16 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 4 став 1 и членот 8 ставови 3, 4, 5 и 6 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 86/2008 и 139/2009).

2. Јулија Соколова, адвокат од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот oзначен во точкaта 1 на ова решение.

3. Според членот 4 од Законот за нотаријатот, нотарски исправи се: исправи за правни работи и изјави што ги составува нотарот во форма на нотарски акт; записници за правни работи што ги составил нотарот или биле составени во негово присуство, како и потврди за факти кои нотарот ги утврдил со непосредно забележување или со помош на исправи. Нотарските исправи, нивните преписи и изводи, издадени согласно со овој закон, се јавни исправи ако при нивното составување и издавање се исполнети потребните услови предвидени со овој закон. Нотарската исправа, во случаите утврдени со закон е извршна исправа.

Според член 8 став 1 и 2 од овој Закон, нотаријатот се организира врз територијален принцип, според подрачјата на основните судови. Службеното седиште и подрачјето за кое е именуван нотарот го определува министерот за правда (во натамошниот текст: министерот).

Според оспорениот став 3 од Законот, бројот на нотарите на подрачјето на основните судови се определува, зголемува или намалува, со оглед на потребата за брзо и ефикасно вршење на нотарските работи.

Согласно оспорениот став 4 од Законот, нотарските седишта во Република Македонија ги определува министерот, водејќи притоа сметка на подрачјето на секој основен суд да има најмалку еден нотар.

Според оспорениот став 5 од Законот, ако на подрачјето на основниот суд има до 20.000 жители, според последниот службен попис, по правило, треба да има најмалку по еден нотар на секои 20.000 жители.

Согласно ставот 6 од законот, при определувањето на бројот и седиштата на нотарите, министерот ќе ги земе предвид развиеноста на правниот живот на подрачјето, обемот и видот на предметите во судот и во другите органи и институции од влијание за обемот на нотарските работи.

Според ставот 7 од истиот Закон, нотарот мора во местото кое му е определено како службено седиште да има канцеларија и живеалиште или престојувалиште.

Согласно ставот 8 од законот, наградата на нотарите е иста на целата територија на Република Македонија, согласно со утврдена тарифа. Нотарот до Нотарската комора, секоја година доставува писмен извештај за неговото работење во претходната година, најдоцна до 1 март во тековната година, во кој го наведува вкупниот број на уписи, висината на наградата остварена во текот на работењето во таа година, висината на наплатената такса и износот на трошоците на работењето и остварената добивка. Претседателот на Комората во наредните 15 дена доставува извештај за добиените податоци до министерот.

Според ставот 9 од Законот, бројот и распоредот на службените седишта на нотарите во Република Македонија, ги определува министерот за правда.

4. Според наводите во иницијативата со членот 2 од Законот за нотаријатот било предвидено дека нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтерсирани институции и во иницијативата подносителот констатира дека нотаријатот не бил уставна категорија, односно не бил спомнат во Уставот воопшто, а во Законот за нотаријатот не бил определен како институција за давање и обезбедување на правна помош.

Воедно, за разлика од тоа, постоењето, дефиницијата и суштината на адвокатурата била дадена во членот 53 од Уставот, каде била определена како самостојана и независна јавна служба која единствено и исклучиво обезбедувала правна помош и вршела јавни овластувања согласно со закон.

Имено, тоа значело дека биле поставени основните начела за адвокатурата, според кој Законот за адвокатурата бил во улога на lex generalis во однос на Законот за нотаријатот кој пак бил lex specialis во однос на Законот за адвокатурата.

Отука со Законот за нотаријатот требало попрецизно да се определат условите под кои еден нотар требало и можело да постапува и да ги дава потребните услуги. Според наводите на иницијативата нотарот не требало да се јавува во улога на единствен давател на правна помош.

Исто така, според наводите во иницијативата не постоела законска дистинкција кога и под кои услови нотарот ќе можел самостојно да постапува во однос на адвокатот при обезбедување на давање на правна помош и давање услуги кои по својата суштина и содржина не претпоставувало обезбедување на правна помош, туку нотарот самостојно и независно ги обезбедувал тие услуги. Исто така сметаат дека во Законот за нотаријатот не биле поставени мерилата и критериумите со кои би се направила суштинската разлика помеѓу дејноста на адвокатурата и дејноста на нотаријатот.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од членот 4 од Законот за нотаријатот се навлегувало во надлежностите на адвокатурата и постоел судир на надлежности не само на хартија туку и во практиката. Законот за нотаријатот со ставот 1 точка 1 член 4 воспоставувал двоен стандард во обезбедувањето и давањето на правна помош и се манипулирало со изразот нотарска исправа – исправа за правни работи каде формата не била услов за давањето на правната помош.

Подносителот на иницијативата констатира дека работите биле поставени наопаку и измешани до таа мерка да лаикот, правната помош ќе ја барал кај нотарот, наместо кај адвокатот. Отука, се случувала апсурдна ситуација кога исправата со постигната согласност на волји на страните за одредена содржина на исправата нотарот не ја потврдувал идентичноста на потписите на страните бидејќи инсистирал истата да биде потпишана и пред нотарот, со оглед на тоа дека нотарот не одговарал за содржината на исправата туку само за формата на исправата со потврда на идентичноста на потписите. Ова било спротивно на членот 53 од Уставот и членот 2 од Законот за адвокатурата.

Според наводите во иницијативата со оглед на фактот дека согласно Законот за адвокатурата исклучиво само адвокатурата обезбедувала единствена правна помош била потребна доработка на законот во тој дел со регулирање на прашањата на границата на постапувањето на нотарот. (не била поставена граница кога и под кои услови нотарот треба да составува нотарска исправа во форма на нотарски акт).

Подносителот на иницијативата изразува сомневање дека на овој начин адвокатурата е тивко елиминирана од обезбедувањето и давањето на правна помош и останува без работа, односно нотаријатот е во монополска положба во однос на адвокатурата. Ова се потврдувало и со бројот на нотари врзан за одреден број на население на одредена територија. Од друга страна, со зголемувањето на надлежностите на нотаријатот со последните измени на Законот за нотаријатот повторно се потврдувала монополската положба на нотаријатот во однос на адвокатурата што било спротивно на член 55 став 2 од Уставот.

Од овие причини оспорените одредби од Законот не биле во согласност со член 53 и член 55 од Уставот и членот 2 од Законот за адвокатурата и бараат да се преиспита уставноста и законитоста на член 4 став 1 и член 8 ставови 3, 4 , 5 и 6 од Законот за нотаријатот и Судот да донесе одлука со која ке утврди дека оспорените одредби не биле во согласност со Уставот и Законот за адвокатурата и истите да ги укине.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според правната наука, јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесуваат за: уредување на одделни односи од пошироко значење, решавање во поединечни управни работи, водење евиденции, издавање јавни исправи и сл. На овие субјекти правото да вршат јавно овластување им се пренесува со закон. Јавното овластување на субјектите им дава способност во однос на поединците, правни лица и други субјекти да настапуваат со авторитет на власт, па затоа и за нив важат правилата што се однесуваат на органите на власта.

Според Амандманот XXI со кој е заменет членот 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според членот 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според членот 77 ставови 1 и 2 од Уставот, Собранието избира Народен правобранител кој ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на управата и од други органи и организации што имаат јавно овластување.

Според членот 1 од Законот за нотаријатот(„Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2007, 86/2008 и 139/2009) со овој закон се уредуваат постапката за именување и разрешување на нотарите, нивниот делокруг на работа и овластувања, составување на нотарски исправи и постапувањето со нив по упразнување на нотарското место, организацијата на нотаријатот и неговите органи, нотарите како повереници на судовите и другите органи, надзорот врз работењето на нотарите и дисциплинската одговорност.

Во членот 2 од овој закон е утврдено дека нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон по барање на граѓаните, државните органи, правните лица и други заинтересирани институции. Нотарот ја врши својата служба како основно занимање за времето за кое е именуван.

Според членот 3 од Законот, нотарот нотарските работи ги врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, ратификувани меѓународни договори и други прописи и општи акти засновани врз закон.

Според членот 4 од Законот, нотарски исправи се: исправи за правни работи и изјави што ги составува нотарот во форма на нотарски акт; записници за правни работи што ги составил нотарот или биле составени во негово присуство, како и потврди за факти кои нотарот ги утврдил со непосредно забележување или со помош на исправи. Согласно ставот 2 од овој член, нотарските исправи, нивните преписи и изводи, издадени согласно со овој закон, се јавни исправи ако при нивното составување и издавање се исполнети потребните услови предвидени со овој закон. Според ставот 3 од овој член, нотарската исправа, во случаите утврдени со закон е извршна исправа.

Според членот 5 од Законот, нотарските работи се вршат со примена на начелата за гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинетата штета во вршењето на нотарските работи, диспозиција и неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршењето на нотарските работи и надоместок за извршената работа.

Според член 6 од Законот, нотарот има свое службено седиште и подрачје на кое ја врши својата служба. Согласно ставот 2 од овој член, нотарот има свој службен печат, штембили, сув и воден жиг со кои ја заверува секоја исправа која ја составил или ја прегледал во врска со дејствијата што ги презел во вршењето на службата.

Со Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007 и 106/2008) се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи и други правни лица, вршење на јавни овластувања утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење, престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите.

Според членот 2 од Законот, Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош. Согласно ставот 2 од овој член, адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.

Според членот 3 од овој закон, правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен протокол, составување на исправи за правни дела, составување на поднесоци во судски и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи и други правни лица, одбрана на осомничени и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.

Според членот 4 од овој Закон, јавните овластувања се состојат во вршење на правните работи: 1) право на составување на исправи со изјава за потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека, потврдување на заклучоци на собранија на трговски друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно и 2) право на прибавување известувања врз основа на посебно полномошно од странката, од судовите и другите државни органи, јавни служби и правни лица, кои се должни без одлагање да му ги достават на адвокатот за странката и спротивната странка, а се однесуваат на: податоци за плата на вработен, односно висина на пензија на корисник на пензија, социјална помош, инвалиднина и социјална или друга рента, податоци од казнена, матична, даночна и земјишно книжна односно катастарска евиденција, заложно-правна и хипотекарна евиденција, податоци за состојбата на сметките на правни и физички лица во штедно кредитни односи, односно организации на платен промет и деловни банки, освен податоци за штедни влогови на граѓаните, податоци од евиденција за интелектуална сопственост авторски и други сродни права и индустриска сопственост, податоци за износите на дивиденди, акции и удели на физички и правни лица. Според ставот 2 од овој член, во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време.

Согласно членот 42 од Законот за нотаријатот, произлегува дека законодавецот ги нормирал постапките пред нотар и нотарските исправи разграничувајќи ги ситуациите кога е задолжително составувањето на нотарски акт: договори за уредување на имотните односи меѓу брачните другари и меѓу лицата кои живеат во вонбрачна заедница; договори за подарок без предавање на предметот во владеење на даропримачот; секој акт за основање, организирање, престанок, статусни промени на правни лица кои вршат стопанска дејност, институции, фондации и други органи, освен трговските друштва; сите правни работи кои ги преземаат слепи или глуви лица кои не знаат да читаат или неми лица кои не знаат да пишуваат и договори за располагање со имот на малолетни лица и лица на кои им е одземена или ограничена деловната способност. Со одредбите од ставот 1 на овој член, не се задира во одредбите на овој или друг закон според кои за важноста на правната работа е потребно исправата за нив да ја состави суд или нотар.

Според членот 43 став 1 од овој закон, треба да се има предвид дека нотарскиот акт е извршна исправа ако во него е утврдена определена обврска за чинење за која странките можат да се договорат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на тој акт може заради остварување на чинењето по пристигнувањето на обврската непосредно да спроведе присилно извршување. Исто правно дејство има приватната исправа со таква содржина што ја потврдил нотар.

Според членот 45 став 5 од овој закон, потврдената приватна исправа од страна на нотарот, кога таа е во согласност со закон, има важност на јавна исправа.

6. Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата, Судот смета дека не се прави разлика меѓу адвокатската и нотарската дејност и поврзано со тоа за карактерот и улогата на адвокатурата и нотаријатот во правниот систем на државата, врз основа на сфаќањето дeка, прво, адвокатурата е единствено овластена да дава правна помош, и второ, дака составувањето на исправи за правни работи од страна на нотар претставува давање на правна помош. Но, ниту е основана (ниту релевантна) првата теза, според која правната помош, од кој било вид, единствено и исклучиво ја обезбедуваат адвокатите, односно адвокатурата, за што веќе Судот се произнесе во донесената Одлука У.бр.136/2002 од ноември 2002 година, ниту е основано да се тврди дека составувањето на исправа од страна на нотар има квалитет на давање на правна помош. Ова последното според мислењето на Судот има квалитет на услов односно начин на создавање на една јавна исправа како суштински предмет на Законот за нотаријатот.

Дали, законодавецот требало таквото овластување да му го довери на адвокат наместо на нотар, е прашање на правна политика која Уставниот суд нема овластување да ја преиспитува.

Основната улога и функцијата на адвокатурата е обезбедувањето на правна помош на физичките и правните лица во остварувањето на заштитата на нивните права во постапката пред судовите и другите државни органи, согласно членот 53 од Уставот и членот 1 од Законот за адвокатурата, а во содржината пак на поимот правна помош покрај давањето на правни совети, составувањето на поднесоци во судска и друга постапка и застапувањето на странките, влегува и составувањето на исправи за правни дела согласно членот 3 од Законот за адвокатурата.

Основната функција на нотаријатот, единствено и исклучиво во вид на јавни овластувања утврдени со закон, е да создава нотарски исправи меѓу кои и исправи за правни работи во форма на нотарски акт согласно членовите 2 и 4 од Законот за нотаријатот. Во остварувањето на адвокатурата како дејност се работи за типична правна помош, а во случајот на нотаријатот за јавно овластување врз основа на кое нотарската исправа добива својство на јавна исправа, а во одредени случаи утврдени со закон и својство на извршна исправа согласно членовите 4, 42, 43, 44, 45, 46 и 55 од Законот за нотаријатот.

Во врска со тоа, Судот смета дека не се од значење наводите во иницијативата, дека само адвокатурата е уставна категорија, од причина што, како што се наведува, нотаријатот не бил споменат во Уставот. Уставната основа за воспоставувње и конституирање на нотаријатот како јавна служба е Амандманот XXI, членовите 50 и 77 од Уставот, според кои е дадена можноста за постоење на институции со јавни овластувања, кои како установи и јавни служби би ги вршеле работите и овластувањата врз основа на принципот на стручност и компетентност согласно членот 58 од Уставот. Законодавецот е овластен со закон да ги уредува одделните материи односно прашања и односи почитувајќи го принципот на уставност, целисходност, рационалност и одговорност во работењето со респектирање на интересите на граѓаните и правните субјекти во остварувањето на нивните права и интереси, се со цел, за нормално и ефикасно одвивање на правниот промет и живот во државата.

Во таа смисла наводите во иницијативата дека “нотаријатот е во монополска положба во однос на адвокатурата” затоа што било оставено на волјата на страните дали ќе се обратат до адвокат “за состав на исправа за правно дело која ќе има својство на приватна исправа” или ќе се обратат кај нотар “за да им биде составена јавна исправа во форма на нотарски акт” за одделна правна работа и дека било неопходно да постојат поинакви граници и дистинкција на овластувањата на нотарот и адвокатот, се однесува на целисходноста и согласноста на одредби од Законот за адвокатурата со член 4 став 1 и член 8 ставови 3, 4, 5 и 6 од Законот за нотаријатот, односно претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на прописи од ист правен ранг, за што Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.

Тргнувајќи од наведеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 алинеа 3 и член 53 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкaтa 1 ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.27/2010
16 март 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply