Одлука У.бр.191/2010

У.бр.191/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 13 став 1 алинеја 3 од Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 57/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.191/2010 од 29 декември 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 13 став 1 алинеја 3 од Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, со Статутот на Агенцијата особено се регулираат правата, надлежностите и одговорностите на вработените.

5. Според членот 8 став 1 алинja 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото e темелнa вредностa на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, се уредуваат основањето, организацијата и работењето на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија (член 1).

Според член 3 став 1 од овој закон, Агенцијата има својство на правно лице.

Согласно член 6 од Законот, средствата за вршење на работите на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, од донации и други извори согласно со закон.

Според член 7 на истиот закон, органи на Агенцијата се Управниот одбор и директорот.

Во надлежност на Управниот одбор, согласно член 9 точка 1 на Законот, е да донесува Статут на Агенцијата, како и да ги донесува општите акти за организација и систематизација на работењето на Агенцијата (точка 6).

Според член 13 став 1 од Законот, со Статутот на Агенцијата особено се регулираат: активностите и надлежностите на Агенцијата; начинот на извршување на активностите во делокругот на Агенцијата; правата, надлежностите и одговорностите на вработените; внатрешна, регионална и можна меѓународна организација на Агенцијата и друго. Според став 2 на истиот член, на Статутот на Агенцијата, Владата на Република Македонија дава согласност.

Согласно член 12 став 1 на Законот, стручните, административно-техничките, помошните и другите работи за потребите на Агенцијата ги вршат стручните служби на Агенцијата.

Според член 5 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002 и 82/2008), органите на државната управа, можат да се основаат како министерства, други органи на државната управа и управни организации. Според став 2 на овој член, министерствата се основаат за вршење на функциите на државната управа групирани по области за еден или повеќе сродни управни ресори. Според став 3 на истиот член, другите органи на државната управа според видот на организацијата и степенот на самостојноста можат да се основаат како самостојни органи на државната управа (дирекции, архив, агенции и комисии) или како органи во состав на министерствата (управа, биро, служба, инспекторат и капетанија).

Со Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002,98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009 и 35/2010), се уредуваат oпфатот на државната служба, статусот, правата, должностите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за државни службеници (член 1).

Според член 3 став 1 од овој закон, државен службеник е лице вработено во државната служба кое врши стручни, нормативно-правни, извршни, управни, управно-надзорни, плански, материјално-финансиски, сметководствени, информатички и други работи од надлежност на органот во согласност со Уставот и со закон. Според став 2 на истиот член, државна служба, во смисла на овој закон, се органите на државната и локалната власт и другите државни органи, основани согласно со Уставот и со закон. Согласно став 3 на овој член, вработените во државната служба кои вршат помошни и технички работи за државната служба немаат статус на државни службеници.

Согласно член 3-а на овој закон, одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на вработените во Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Армијата на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, вработените кои вршат работи на обезбедување во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, вработените во царинската и даночната администрација, лицата со посебни должности и овластувања и полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, ревизорите во Државниот завод за ревизија, вработените во агенциите, дирекциите, регулаторните тела и другите институции во кои со закон е формиран управен одбор, освен во Агенцијата за управување со одземен имот, можат да бидат уредени со закон, на начин различен од овој закон, ако тоа е неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на извршувањето на посебните должности и овластувања.

Согласно член 1 став 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/10, 52/10 и 124/2010), работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот основал Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, како самостоен орган на државната управа, со управен одбор и директор, како органи на Агенцијата и со стручни служби на Агенцијата кои ги вршат стручните, административно-техничките, помошните и другите работи за потребите на Агенцијата.

Вработените во стручните служби на Агенцијата кои вршат стручни работи за потребите на Агенцијата, имаат статус на државни службеници и нивниот статус, правата, должностите и одговорностите, како и системот на плати и надоместоци на плати се уредени со Законот за државните службеници.

Вработените во Агенцијата кои вршат помошни и технички работи за потребите на Агенцијата немаат статус на државни службеници и нивните права и обврски од работен однос се остваруваат согласно одредбите на Законот за работните односи.

Тргнувајќи од уставната определба искажана во член 32 став 5 од Уставот, според која остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, Судот оцени дека член 13 став 1 алинеја 3 од Законот, кој упатува дека правата, надлежностите и одговорностите на вработените во Агенцијата се регулираат со статут, како подзаконски акт, нема уставна оправданост.

Од наведената уставна одредба произлегува дека нормативното уредување на остварувањето на правата од работен однос е поделено на законодавна (државна функција) и на колективно договарање (недржавна нормативна функција). Со колективните договори се доуредуваат во согласност со закон одделни права и обврски, одговорности како и обемот и начинот на остварување на правата и други прашања од интерес за работниците и работодавецот и со нив не може да се утврдат помали права и понеповолни услови за работа од оние утврдени со закон.

Тоа значи дека правата, обврските и одговорностите на вработените се уредуваат од страна на законодавецот или по пат на колективно договарање помеѓу синдикатот и работодавачот. Во таа смисла, со член 3-а од Законот за државните службеници се дава можност одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на вработените во агенциите, дирекциите, регулаторните тела и другите институции во кои со закон е формиран управен одбор, да можат да бидат уредени со закон, на начин различен од овој закон, ако тоа е неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на извршувањето на посебните должности и овластувања. Поради тоа, според Судот, неосновано и неприфатливо е оваа одредба од Законот за државните службеници да се толкува и оправдува како правен основ особеностите за вработените во Агенцијата, наместо со закон или со колективен договор, да се доразработат и регулираат во статутот, како подзаконски акт донесен од страна на Управниот одбор на Агенцијата, како што се наведува во мислењето на Владата доставено до Уставниот суд како одговор на наводите во иницијативата (акт бр. 51-6756/1 од 1.12.2010 година).

Оттука, според Судот, регулирањето на правата, обврските и одговорностите на вработените во Агенцијата, како самостоен орган на државната управа, независно дали се државни службеници или лица на кои се однесуваат општите прописи од областа на работното законодавство, можат да бидат предмет на уредување со закон и со колективен договор, а не и со статут како подзаконски акт донесен од Управниот одбор на Агенцијата, поради што Судот оцени дека член 13 став 1 алинеја 3 од Законот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.191/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply