161/2010-0-0

161/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 ставовите 2 и 4 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 16/2010, 52/2010).

2. Асоцијацијата „МАГНА КАРТА“ од Велес и Движењето за социјална правда „Ленка“ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на ницијативата, со оспорените одредби со кои се регулира општата положба на куќните помошнички, се официјализирала и легализирала една средновековна и заостаната феудално-експлоатирачка категорија – „слугувањето/главарењето“ или „закрепостеноста“, која не соодветствувала на современото демократско уредување.

Единствено кај оспорената одредба останала обврска за заверка на договорот во поранешниот Завод за вработување (сега Агенција), што според подносителите на иницијативата, е резултат на технички пропуст или невнимателност при редактирање на законскиот текст.

Со Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007), донесен две години по донесувањето на оспорената законска одредба, се утврдувало да не важат прописите за безбедност и заштита при работа, што било сосем противуставен обид оваа категорија работници да се стават во евидентно нерамноправна и дискриминирачка, т.е. нееднаква положба во однос на заштитата и безбедноста при работа, па макар таа се изведувала и во „домашни услови“.

На крај, само во овој случај била предвидена можност „обезбедувањето сместување и исхрана на работникот, кај работодавачот, да претставува дел од платата“, кој пак дел, во договорот, морало да биде изразен во пари, што значело, на мала врата и противуставно, враќање на непопуларното натурално плаќање за завршена работа својствено на Средниот век.

Понатаму, во иницијативата се дава анализа на категоријата „право на работа“, поврзана со проблематиката на вработувањето, како круцијално економско право на граѓаните, кое било тродимензионално: а) право на постојан или привремен работен однос, б) загарантирана заштита при работењето и в) право на соодветна заработувачка и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Оспорената одредба била спротивна на фундаменталните начела на работниот sui generis однос во Република Македонија, кои секако биле од примарно значење, а пред се на начелото на (парично) наградување според вложениот труд. Овој т.н. „свет принцип“ на трудовото право, претставувал еден од основните принципи не само на работно-правниот однос, туку и на севкупниот економско-социјален живот во државата, чие лошо регулирање би можело да има далекусежни последици за севкупната општествена заедница. Затоа било сосем разбирливо тоа што на платите, односно на политиката на наградувањето воопшто, отсекогаш му се посветувало големо влијание од страна на социјалните партнери (работниците, работодавачите и владата). Кај нас, како и во повеќе други држави, постои Закон за исплата на платите во Република Македонија. Уште повеќе, уште од Римско право постоела традиција наемната туѓа работна сила („работна рака“) да се плаќа парично. Впрочем и суштински белег на претходникот на она што денес го нарекуваме договор за вработување (или порано договор за работа), се сметал за исклучиво парична облигација и морала да биде изразена и исплатена во пари.

Од вака поставените обичајни и деловни концепти, евидентно било дека законодавецот немал ниту логички ниту правни причини зошто оваа категорија работници да ја изостави од процесот на целосно парично плаќање за извршената работа, што било одлика на секое цивилизирано општество – било античко, било модерно. Според подносителите на иницијативата, методот кој бил избран бил непропорционален – од причина што оспорената одредба не била доволно јасна и внесувала поголема доза правна несигурност во правниот промет и сообраќај, а сето тоа на штета на вработените граѓани. Понатаму, се наѕирала противречност и во самиот закон, зашто во член 111 во Законот се прецизирало дека работодавачот може да го задржи исплаќањето на платата само во законски определени случаи, а сите одредби на договорот за вработување, кои определувале други начини на задржување на исплатата, се ништовни. Исто така, работодавачот не смее своите побарувања кон работникот, без негова писмена согласност, да ги порамни т.е. компензира со својата обврска за исплата на платата. Оттука, основано се поставувало прашањето зошто само кај оваа категорија работници се предвидувал ваков небулозен и неаргументиран исклучок.

Со други зборови, тенденцијата за воведување ваков поинаков третман за секоја категорија работници за иднина создавал преседан во сферата на трудовото право – за секој посебен тип договор за вработување (кои сега биле вкупно 13 на број) да се утврдуваат посебни законски услови во одреден сегмент – што го девалвирало и самиот Закон за работните односи како општ закон, кој требало да претставува своевиден „работнички устав“ за сите вработени, без оглед дали се во јавниот или приватниот сектор. Сериозноста на ваквата негативна тенденција за фрагментарна регулатива била уште позагрижувачка ако се земел предвид фактот што, покрај дотогаш постоечките законски предвидени четири видови работен однос (на неопределено време, на определено време, работен однос со приправници – по ново чираци и работен однос надвор од просториите на работодавачот), биле воведени уште девет сепаратни видови.

И на крај, ваквото (полу)натурално плаќање за работата било спротивно и на одредени значајни меѓународни документи од областа на уредувањето на платите. Впрочем, Меѓународната организација на трудот (МОТ/ILO), во која членува и Република Македонија, во однос на прашањето за заштита на платата, уште во 1949 година ја донела Конвенцијата бр. 95 и Препораката бр. 85 – токму со цел обезбедување целосно и навремено исплата на платите за сите работници, без оглед каде работат, на начин кој би обезбедил заштита од секакава злоупотреба.

Поради наведеното, оспорените одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставовите 1, 2 и 3, член 34, член 35 став 1, член 51, член 54 ставовите 1, 2 и 3 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, поради што се бара Уставниот суд да ги поништи или укине како неуставни.

3. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 2 од Законот за работните односи, со договорот за вработување на куќни помошници.може да се договори обезбедувањето сместување и исхрана на работникот кај работодавачот да претставува дел од платата на работникот, кој дел во договорот мора да е изразен во пари. Според став 4 на истиот член, најмалиот износ на заработувачка кој задолжително се пресметува и исплатува во пари се утврдува во договорот за вработување и не може да биде помал од 50% од заработувачката на работникот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставнииот поредок на Република Македонија.

Согласно член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Според став 3 на овој член, секој вработен има право на соодветна заработувачка. Согласно ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување (член 1).

Согласно член 5 од Законот, „работниот однос“ е дефиниран како договорен однос меѓу работникот и работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.

Во Законот, во посебни глави, се уредува договорот за вработување, правата и обврските на страните при склучување на договор за вработување, обврските на работникот и обврските на работодавачот.

Во Законот се утврдуваат видовите на договори за вработување кои можат да се склучат: договор за вработување на неопределено (член 14), договор за вработување на определено време (член 46), договор за сезонска работа (член 47), договор за вработување со скратено работно време (член 48), договор за вработување со вршење на работа дома (член 50), договор за вработување на куќни помошници (член 53), договор за вработување на деловни лица – менаџерски договор (член 54), договор за вработување како приправник (член 56), договор со кој се уредува пробна работа (член 60), договор за волонтерски стаж (член 61), договор за вработување за вршење на работи во странство (член 249), договор за испраќање на работници во рамки на давање услуги (член 249-а), посебни договори за вршење работи кои се надвор од дејноста на работодавачот, а кои имаат за предмет самостојна изработка или поправка на определени предмети, самостојно извршување на определена физичка или интелектуална работа (член 252).

Договорот за вработување на куќни помошници (член 53) е предвиден како посебен вид договор за вработување, систематизиран во Главата: Обврски на работодавачот.

Според содржината на овој член, договор за вработување може да се склучи за вршење работи на куќни помошници (став 1). Со договорот за вработување од ставот 1 на овој член може да се договори обезбедувањето сместување и исхрана на работникот кај работодавачот да претставува дел од платата на работникот, кој дел во договорот мора да е изразен во пари (став 2). Договорот од ставот 1 на овој член се заверува во службата надлежна за посредување за вработување (став 3). Најмалиот износ на заработувачка кој задолжително се пресметува и исплатува во пари се утврдува во договорот за вработување и не може да биде помал од 50% од заработувачката на работникот (став 4).

Тоа значи дека законодавецот пропишал можност за склучување на посебен договор за вршење работи на куќни помошници, со оглед дека услугите кои се обезбедуваат од страна на куќните помошници се даваат во домашни услови, во простории на лицето кое ја дава услугата или, во повеќето случаи, во станбениот или друг простор на лицата на кои им се дава услугата. Тој простор може да биде во истото место или во друго место надвор од местото на живеење на лицето кое ја дава услугата, поради што се наметнува потреба од обезбедување на услови за сместување и други услови потребни за работа и живеење на лицето кое ја дава услугата.

Платата е едно од правата кои се опфатени со категоријата „соодветна заработувачка“ утврдена со Уставот (член 32 став 3).

Според член 1 од Конвенцијата за еднакво наградување (С 100), која Република Македонија, како членка на Меѓународната организација на трудот, ја има ратификувано и која е дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, терминот „наградување“ опфаќа вообичаена, основна или минимална заработувачка или плата и какви било додатни приходи кои му се исплаќаат на работникот директно или индиректно, во готово или во натура од страна на работодавачот, како резултат на вработување на работникот.

Тргнувајќи од спецификата на работите на куќните помошници, Судот оцени дека законската определба со договорот за вработување на куќни помошници да може да се договори обезбедувањето сместување и исхрана на работникот кај работодавачот да претставува дел од платата на работникот, кој дел во договорот мора да е изразен во пари, не е несогласна со одредбата во член 32 став 3 од Уставот, според која секој вработен има право на соодветна заработувачка. Според Судот, не станува збор за натурално плаќање за извршена работа, затоа што сместувањето и исхраната на работникот кај работодавачот е трошок кој законодавецот определил дека во договорот треба да биде пресметан во пари, па оставено е на избор на договорните страни дали во заработувачката искажана како плата на работникот ќе бидат засметани и овој вид трошоци или износот на платата ќе биде намален за трошоците на сместувањето и исхраната кои на свој трошок ги обезбедува корисникот на услугата – работодавачот. Притоа, како гаранција и заштита на принципот за парично наградување на работникот за вложениот труд, законодавецот определил дека најмалиот износ на заработувачка кој задолжително се пресметува и исплатува во пари се утврдува во договорот за вработување и не може да биде помал од 50% од заработувачката на работникот. Оттука, според Судот, неприфатливо е тврдењето во иницијативата дека оспорените одредби не биле доволно јасни и внесувале поголема доза правна несигурност на штета на вработениот граѓанин.

Според Судот, оспорените одредби не се во спротивност со член 34, член 35 став 1 и член 54 ставовите 1 – 3 од Уставот, како што се наведува во иницијативата, затоа што со овој вид договори се овозможува вработување на одделни невработени лица, со регулиран работно правен статус, што е токму во функција на остварување на правото на социјална сигурност и социјално осигурување на работниците гарантирано со наведените уставни одредби и не може да се прифати дека претставуваат дискриминација по основ на социјално потекло, имотна или општествена состојба.

Имајќи предвид дека условите предвидени со договорот важат и се однесуваат подеднакво за сите лица заинтересирани за склучување ваков посебен договор за вработување, Судот оцени дека не може основано да се постави ниту прашањето за согласноста на оспорените одредби со член 9 од Уставот.

Тенденцијата на законодавецот за зголемување на бројот на посебни видови договори за вработување и утврдување посебни законски услови во одреден сегмент, присутна во постојниот Закон за работните односи, а која се разликува од претходното работно законодавство, според Судот, е во рамките на уставното овластување на законодавецот со закон да го уредува прашањето за остварување на правата на вработените и нивната положба, во согласност со развојот на општествените и економските односи, поради што ваквата определба на законодавецот не може да се проблематизира од уставен аспект.

Наводите во иницијативата дека единствено кај овој договор останала обврска за заверка на договорот во поранешниот Завод за вработување (сега Агенција), што според подносителите на иницијативата, е резултат на технички пропуст или невнимателност при редактирање на законскиот текст, Судот оцени дека не се од значење за уставноста на оспорените одредби.

Наводите во иницијативата дека се наѕирала противречност и во самиот закон, зашто во член 111 од Законот се прецизирало дека работодавачот може да го задржи исплаќањето на платата само во законски определените случаи, а сите одредби на договорот за вработување, кои определуваат други начини на задржување на исплатата, се ништовни и дека работодавачот не смее своите побарувања кон работникот без негова писмена согласност да ги порамни со својата обврска за исплата на платата, од каде основано се поставувало прашањето зошто само кај категоријата работници – куќни помошници се предвидувал ваков небулозен и неаргументиран исклучок, според Судот, во суштина се сведуваат на барање за меѓусебна согласност на одредби од ист закон, за што Уставниот суд не е надлежен.

Исто така, наводите во иницијативата дека со Законот за безбедност и здравје при работа (Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007), донесен две години по донесувањето на оспорените законски одредби, се утврдувало да не важат прописите за безбедност и заштита при работа, што било сосем противуставен обид оваа категорија работници да се стават во евидентно нерамноправна и дискриминирачка, т.е. нееднаква положба во однос на заштитата и безбедноста при работа, па макар таа се изведувала и во домашни услови, Судот оцени дека претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на два закона, што не е во надлежност на Уставниот суд.

Оттука, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 53 ставовите 2 и 4 од Законот за работните односи со одредбите од Уставот на кои се повикува иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.161/2010
9 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply