288/2009-0-0

288/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 февруари 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 став 2 од Законот за печатот на Република Македонија и печатите на државните органи на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 86/2008).

2. Сервет Ќамили од с. Теарце, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со Амандманот V став 2 на Уставот, според кој, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член. Од оспорената одредба јасно се гледало дека не се споменувал јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, како друг службен јазик. Со тоа, се повредувале уставните права на подносителот на иницијативата да го употребува јазикот и во печатот на државните органи на Република Македонија, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 1 од Законот за печатот на Република Македонија и печатите на државните органи на Република Македонија, печатот го содржи називот и седиштето на државниот орган, а во средината грбот на Република Македонија. Според став 2 на истиот член, текстот на печатот се впишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

4. Според Амандманот V точка 1 на Уставот на Република Македонија, на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, a министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Според точката 2 на Амандманот, со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.

Според член 8 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Тргнувајќи од содржината на цитираните одредби од Уставот произлегува дека на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Уставот определува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така е службен јазик заедно со неговото писмо, како што се определува со наведениот амандман. Во оваа смисла, со Амандманот се определува употребата на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во случаите при издавање на лични документи, во комуникацијата со министерствата и со подрачните единици на министерствата, како и се определува дека во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон. Понатаму, со наведениот амандман се определува дека во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, при што се определува дека за употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

Со Законот за печатот на Република Македонија и печатите на државните органи во Република Македонија, се уредува значењето и целта, содржината, формата и чувањето на печатот на Република Македонија, како и значењето и целта, содржината, формата и чувањето на печатите на државните органи во Република Македонија, во согласност со определбите и реалното одразување на фактите и симболите кои ја дефинираат Република Македонија како демократска држава. Воедно, тоа имплицира хомогена стандардизација на содржината и формата на печатот кој државните органи го ставаат на актите кои се издаваат на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи.

Според член 4 став 2 на овој закон, печатот на државниот орган служи за потврдување на автентичноста на актите што ги донесува или упатува органот. Според став 3 на истиот член, печатот на државниот орган се става на актите што ги донесува, со кои органот одлучува или на документите кои ги упатува до трети лица.

Според член 5 став 1 на овој закон, печатот го содржи називот и седиштето на државниот орган, а во средината грбот на Република Македонија. Според став 2 на истиот член, текстот на печатот се впишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо.

Според Судот, определбата искажана во оспорениот член 5 став 2 од Законот, според која текстот на печатот на државните органи се впишува на македонски јазик и неговото кирилско писмо, е во согласност со Амандманот V на Уставот. Имено, неспорно е дека печатот го содржи називот и седиштето на државниот орган, а во средината грбот на Република Македонија. Станува збор за печат на државен орган кој се применува на целата територија на Република Македонија и кој служи за потврдување на автентичноста на актите што ги донесува или упатува органот, како што впрочем определува членот 4 став 2 на Законот. Тоа значи дека станува збор за печатите со кои се потврдува автентичноста на актите што ги донесуваат или упатувааат органите кои ја сочинуваат државната власт во Република Македонија: Собранието, Претседателот на Република Македонија, Владата, министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон кои ја сочинуваат државната управа, Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд и Вишиот управен суд, Јавното обвинителство на Република Македонија, Народниот правобранител, Уставниот суд на Република Македонија. Притоа, станува збор за државни органи чии акти се користат и во меѓународните односи на Република Македонија.

Со ставот 2 на Амандманот 5 на Уставот, во однос на кој се бара оцена на уставноста на оспорената одредба, се определува дека покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, кој согласно ставот 1 на овој амандман, е службен јазик на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член, при што во натамошните ставови 3, 4, 5 и 6 на овој член се определуваат случаите и условите кога тој јазик е службен јазик, а тоа е: при издавање на лични документи, во комуникацијата со министерствата и со подрачните единици на министерствата, во органите на државната власт во Република Македонија во согласност со закон и во единиците на локалната самоуправа.

Во смисла на наведениот амандман на Уставот, со член 15 став 2 од Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“, бр. 101 од 13.08.2008 година ), се пропишува дека во судовите чие седиште е на подрачјето на единиците на локалната самоуправа во кои покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо друг службен јазик и неговото писмо е јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, печатот на судот, називот и седиштето на судот се напишани, односно истакнати и на тој јазик и писмо. Аналогно решение постои и во член 27 став 3 од Законот за судовите (Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008 и 150/2010) и во член 9 став 3 од Законот за јавното обвинителство (Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 111/2008).

Тргнувајќи од фактот дека печатот е симбол со кој се потврдува автентичноста на актот што го донесува државниот орган и кој има значење на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, Судот оцени дека определбата на законодавецот истиот да биде испишан на македонски јазик и неговото кирилско писмо, е во согласност со Амандманот V на Уставот и дека е неприфатливо уставноста на ова решение во Законот да се цени само во однос на ставот 2 на Амандманот V од Уставот, како што се бара во иницијативата, без притоа да се има предвид целината на уставната одредба која го уредува прашањето на службениот јазик во Република Македонија.

Поради тоа Судот не го постави прашањето за согласноста на член 5 став 2 од оспорениот закон со Амандманот V став 2 на Уставот

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.288/2009
9 февруари 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply