80/2010-0-0

80/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 220 ставовите 1 и 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 221 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијтива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 220 ставовите 1 и 2 и член 221 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспореното законско решение од член 220 од Законот, законодавецот определува друг, различен основ за престанок на работниот однос на активниот воен и цивилен персонал, кој не е поврзан со возраста, туку зависи од остварениот пензиски стаж во Армијата, со што се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Понатаму, подносителот ги цитира одредбите од член 17 став 1 и Глава IV „Стекнување и остварување на правото на определени категории на осигуреници под посебни услови“ од Законот за пензиското и инвалидското осигурување според кои осигурениците стекнуват право на старосна пензија кога ќе наполнат 64 години живот (маж) односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж, а одредени осигуреници вработени во Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Казнено-поправните установи и Воспитно поправните домови на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење можат да остварат право на пензија ако имаат најмалку 25 години пензиски стаж од кои 15 години ефективно поминати на работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење. При тоа висината на старосната пензија на осигурениците од наведените категории е определена и изнесува 62% (маж) односно 65,6% (жена) и таа се зголемува за 1,2% односно за 1,44% за секоја навршена година до 35 односно до 40 години пензиски стаж и тоа не може да изнесува повеќе од 80% од пензиската основа.

Оттука, според подносителот, во законот морало да бидат утврдени такви односи кои еднакво ќе се применуваат за сите граѓани односно за сите вработени или невработени лица.

Дека состојбата не била таква, можело да се утврди и од членот 222 од Законот за служба во Армијата, според кој на цивилниот персонал на служба во Армијата му престанувал работниот однос според општите прописи за престанок на работниот однос кои се однесуваат на државните службеници. Според тоа за подносителот е индикативно зошто и на активниот воен и цивилен персонал од оспорениот член 220 од Законот не му престанувал работниот однос според општите прописи кои се однесуваат на државни службеници.

Според подносителот на иницијативата со одредбата од член 220 став 2 од Законот се вршело ограничување на правото на работа од член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, затоа што овие лица морало да заминат во пензија само со 25 години пензиски стаж остварен во Армијата, без оглед на возраста со што се повредувал и членот 54 став 1 од Уставот.

Оттука, имајќи ги предвид оспорените законски одредби, подносителот смета дека тие битно отстапувале од општо утврдените принципи за престанок на работниот однос согласно Законот за работните односи и Законот за државните службеници, за стекнување на старосна пензија.

Со правото на предвремено пензионирање според Законот за служба во Армијата на Република Македонија, законодавецот пропишувал нови, различни услови за стекнување на право на пензија на активниот воен и цивилен персонал со што истите ги ставал во нерамноправна положба во однос на другите вработени граѓани во Република Македонија.

Со воведувањето на нови услови за остварување на право на пензија во системот на пензиското и инвалидското осигурување поврзано со престанок на работниот однос по потреба на службата и тоа да се однесува само за активниот воен и цивилен персонал во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, а не на сите вработени во овие институции кои остваруваат право на пензија од ист извор, според подносителот значело дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија ги ставал граѓаните во нееднаква положба.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 220 став 1 од Законот, на воен старешина-офицер, односно подофицер и цивилен персонал работниот однос му престанува по потреба на службата во Армијата кога ќе настанат промени во актот за формација на Армијата, односно поради промени во актот за систематизација на Министерството за одбрана кои предизвикуваат укинување на единицата, командата, штабот или укинување на формациското место, односно трансформација на организационите единици во Министерството за одбрана, а воениот старешина офицер, односно подофицер или цивилен персонал во рок од 60 дена од денот на настанатите промени, нема можност да биде поставен на друго формациско, односно работно место, го одбие понуденото поставување или не ги исполнува условите за унапредување во кариера согласно со критериумите за унапредување на офицерскиот и подофицерскиот кор.

Во оспорениот став 2 на член 220 од Законот е предвидено дека „Во случаите од ставот 1 на овој член на воениот старешина – офицер, односно подофицер и цивилен персонал им се обезбедува стекнување на право на пензија со најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата, без оглед на возраста, доколку не исполнува услови за старосна пензија.

Според оспорениот член 221 од Законот, висината на пензијата од членот 220 став 2 на овој закон се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, а пензиската основица во висина од 80% се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.

Средствата за исплата на пензијата од ставот 1 на овој член до навршување на годините на живот за остварување на право на старосна пензија според прописите за пензиско и инвалидско осигурување се обезбедуваат од буџетот на Министерството за одбрана.

Правото на пензијата од став 1 на овој член се остварува во фондот на пензиско и инвалидското осигурување на Македонија.

5. Во член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени принципот на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидрноста.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Во членот 34 од Уставот утврдено е дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Членот 51 став 1 од Уставот предвидува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според ставот 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на наведените одредби од Уставот произлегува дека правата на вработените и нивната положба, како и правата од пензиското и инвалидското осигурување, како дел од социјалното осигурување, се уредуваат со закон и со колективен договор.
Врз основа на овие уставни одредби е донесен Законот за работните односи, Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата на Република Македонија и ред други закони од овие сфери.

Со Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2010) се уредува статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата (член 1).

Под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата (член 2 став 1).

Како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила (член 2 став 2).

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина – офицер и подофицер.

Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена евиденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Во Главата XX „Престанок на работниот однос“ односно во членовите од 218 до 223 од Законот се предвидени случаите на престанок на работниот однос на активниот воен и цивилен персонал во Министерството за одбрана.

Во оваа глава се поместени и оспорените членови 220 и 221 кои го уредуваат прашањето за престанок на работниот однос на воениот и цивилниот персонал по потреба на службата во Армијата кога ќе настанат промени во актот за формација, односно промени во актот за систематизација, а со кои промени се предвидува укинување на едницата, командата, штабот или укинување на формациското место.

Притоа едно од правата што во наведените случаи му се обезбедува на воениот и цивилниот персонал е правото на пензија под услови и висина предвидени со овој закон.

Од анализата на одредбите од Законот за служба во Армијата како lex specialis произлегува дека законодавецот на специфичен, јасен и прецизен начин го уредил прашањето на престанок на работниот однос во Министерството за одбрана на воен старешина и офицер, подофицер, цивилен персонал кои имаат најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата поради структурни промени. Притоа, според мислењето на Судот законодавецот наместо да пристапи кон прогласување на оваа категорија на лица, како технолошки вишок (познат во правната теорија и практика) се одлучил истите материјално да ги обезбеди односно заштити во смисла на обезбедување на пензија чија висина од 80% се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.

Според мислењето на Судот, егзистирањето во правниот поредок на Законот за работните односи и Законот за пензиското и инвалидско осигурување, со кои се уредуваат работните односи и правата од областа на пензиското и инвалидското осигурување во која смисла се уредува прекинувањето на договорот за вработување поради возраст и стекнувањето на старосна пензија како една од правата во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не преставува пречка законодавецот во рамките на своите уставни овлстувања со други закони да доуреди одредени прашања, како што тоа го направил во Законот за служба во Армијата и тоа, само по себе не претставува повреда на уставниот принцип на еднаквост.

Посебното различно уредување на овие прашања, меѓутоа мора да се заснова на оправдани причиини и да биде во прифатлив сооднос со општите принципи на регулирање на тие прашања во соодветна област, односно без оправдан основ да не ги издвојува осигурениците од групацијата на која и припаѓаат со цел да не се довведе во прашање прокламираното начело дека Република Македонија е демократска и социјална држава, а што може да се рефлектира и на принципите на еднаквост, владеење на правото и социјалната праведност.

Во смисла на наведеното, Судот смета дека посебниот основ утврден во членовите 220 и 221 од Законот за служба во Армијата како lex specialis со кој се доуредува прашањето на прекинување на договорот за вработување и стекнување со право на пензија има своја оправданост. Оправданоста на законодавецот за едно вакво законско решение, односно мерка се огледа во потребата воен старешина и цивилен персонал во служба на Армијата кои поради структурни промени во актот за формација и други објективни причини поради специфичноста на самата професија не можат да бидат вклучени во процесот на трудот е во функција на остварување на социјална сигурност на оваа категорија осигуреници.

Дека со оспорените одредби од Законот не се доведува во прашање остварувањето на правото на работа и слобода на избор на работа, односно загарантираните со Устав слободи и права зборува и фактот што кон оваа мерка се пристапува во ситуации кога овие лица не можат да бидат поставени на друго формациско односно работно место , ако го одбијат понуденото поставување или не ги исполнуваат условите за унапредување во кариерата согласно со утврдените критериуми за унапредување.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 220 став 1 и 2 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Што се однесува до наводите од иницијативата за оспорување на член 221 од Законот, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Ова од причина што Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.71/2010 со Решение од 13 октомври 2010 година не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 221 од Законот, а наводите во оваа предметна иницијатива не може да претставуваат доволен основ за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.80/2010
17 ноември 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply