Одлука У.бр.251/2009

У.бр.251/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 јули 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 25 став 1 алинеите 2 и 3, став 2 во делот„и иницијатива за разрешување“ член 26 став 2 и член 29 став 1 од Законот за спречување на судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007 и 114/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.251/2009 од 12 мај 2010 година ,поведе постапка за оценување на уставноста на членовите наведени во точката 1 од оваа одлука од Законот за спречување на судир на интереси.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорените членови со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 25 став 1 алинеите 2 и 3 од Законот „на службеното лице му се изрекува една од следниве мерки:
– иницијатива за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на дисциплински престап и
– иницијатива за разрешување на вршење на јавните овластувања или должности“ .

Во оспорениот член 26 став 2 од Законот е предвидено дека мерката иницијатива за разрешување на вршење на јавните овластувања или должности, односно иницијатива за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на дисциплински престап на службеното лице му се изрекува ако претходно му било изречено мерка јавна опомена.

Во оспорениот член 29 став 1 од Законот е предвидено дека против одлуката од членот 23 став 4 на овој закон со која на службеното лице му се изрекува една од мерките утврдени во членот 25 став 1 од овој закон, службеното лице може да поведе постапка пред надлежниот орган или суд.

5. Според член 8 од Уставот на Република Македонија покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите од членовите 23, 25, 26 и 29 од Законот за спречување на судир на интереси во целина, наспрема наводите во иницијативата со кои се оспоруваат делови од наведените членови, Судот оцени дека истите се основани.

Во член 49 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2002, 46/2004 и 126/2006), е утврдена надлежноста на Комисијата за спречување на корупцијата. Според оваа одредба, Комисијата, покрај другото, покренува иницијативи за поведување на постапка пред надлежните органи за разрешување, сменување, казнено гонење или примена на други мерки на одговорност на избраниот или именуваниот функционер, службени лица или одговорни лица во јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал и разгледува случаи на судир на општиот и личниот интерес, определен со овој закон.

Во членот 23, пак, од Законот за спречување на судир на интереси е утврдено дека ако Државната комисија констатира постоење на судир на интереси е должена да го извести службеното лице и да побара од него во рок од 15 дена од доставувањето на одлуката да го отстрани судирот на интереси. Ако службеното лице за кого е донесена одлуката дека постои судир на интереси не постапи по укажувањето на Државната комисија, таа донесува одлука за изрекување на мерката јавна опомена која му ја доставува. Ако, пак, службеното лице на кого му е изречена мерката јавна опомена не постапи по одлуката, односно во рок од 15 дена од приемот не преземе дејствија за отстранување на судирот на интереси и за тоа не ја извести комисијата, Државната комисија ќе покрене иницијатива за престанок на вршењето на јавните овластувања или должности, односно иницијатива за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на дисциплински престап.

Имајќи го предвид наведеното од кое недвосмислено произлегува дека Државната комисија во рамките на своите надлежности донесува одлука со која ја изрекува мерката јавна опомена, а доколку со оваа мерка не се постигне целта за која е изречена, односно службеното лице не презема дејствија за отстранување на судирот на интереси, Државната комисија покренува иницијатива за разрешување, односно за утврдување на дисциплински престап до органот во кој службеното лице ги врши овластувањата односно должноста, Судот оцени дека покренувањето на иницијативите не може да се третираат како мерки во класична смисла на зборот. Покренувањето на иницијативите, според Судот, се само иницијални акти по кои во постапка пред органот каде службеното лице ги врши работите, органот ќе донесе конечна одлука со која ќе се утврди дисциплински пристап или на лицето ќе му престане вршењето на јавните овластувања. Според тоа, Судот оцени дека законската формулација според која иницијативите за поведување на дисциплинска постапка и за разрешување се третираат како мерки, се неприфатливи и небулозни, нејасни и не се конечни, со што се доведува во прашање начелото на владеењето на правото.

Тргнувајќи од становиштето на Судот дека иницијативите за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на дисциплински пристап и за разрешување не може да се третираат како мерки кои ни по својата содржина и форма не претставуваат акти – односно одлуки со кои се решава мериторно, Судот оцени дека и оспорениот член 29 не е доволно јасен и прецизен, со што се доведува во прашање правната сигурност како елемент на владеењето на правото. Ова ако се има предвид дека од содржината на овој член не е јасно пред кој орган ќе се покрене постапката, дали е тоа Државната комисија која покренува само иницијатива, или пак, пред орган што по повод иницијативата ќе изрече мерка престанок на вршење на јавните овластувања и дисциплински престап и во кој рок ќе се покрене постапката.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека членовите 25 став 1 алинеите 2 и 3, 26 став 2 и 29 став 1 од Законот не се во согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот став 2 на член 25 од Законот е предвидено дека мерката „и иницијатива за разрешување“ се објавува во средствата за јавно информирање.

Според член 11 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а согласно членот 25 од Уставот, пак, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Имајќи ја предвид содржината на наведените членови на Уставот произлегува дека тие ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права. Во таа смисла, човековото достоинство не е само едно од субјективните човекови права и препознатливо во Уставот, туку и темелна вредност на демократското општество што ужива универзална заштита.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, решението во Законот, според кое иницијативата за разрешување се објавува во средствата за јавно информирање, без притоа да се утврди, односно да се спроведе постапка за разрешување и да се донесе конечна одлука, во суштина значи жигосување на лицето за кое само е покрената иницијатива, на кој начин се надминува оправданоста на пропишувањето на предвидената активност на Државната комисија за спречување на корупција.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека членот 25 став 2 во делот „и иницијативата за разрешување“ од Законот не е во согласност со членовите 11 и 25 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.251/2009
14 јули 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply