Одлука У.бр.255/2009

У.бр.255/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јули 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 52 став 10, во делот: „жалба“ и член 53 став 2 алинеја 4 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.255/2009 од 19 мај 2010 година, поведе постапка за оценување на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на членовите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 52 од Законот:
(1) За прекршоците утврдени во членовите 56 и 57 од овој закон, прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот (во натамошниот текст: прекршочен орган).
(2) Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочната комисија) формирана од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.
(3) Прекршочната комисија е составена од овластени службени лица вработени во органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот од кои еден ја врши функцијата на претседател на Прекршочната комисија.
(4) Прекршочната комисија е составена од три члена од кои:
– двајца дипломирани правници, од кои еден со положен правосуден испит со пет години работно искуство во својата област и
– еден член со висока стручна подготовка од областа на техничките науки, со пет години работно искуство во својата област,
(5) Прекршочната комисија се избира за времетраење од три години со право на реизбор на членовите.
(6) За претседател на Прекршочната комисија може да биде избран само дипломиран правник.
(7) Прекршочната комисија на прекршочниот орган одлучува по прекршоците утврдени во овој или друг закон и изрекува прекршочни санкции утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
(8) Покрај членовите на Прекршочната комисија, министерот кој раководи со органот надлежен за работите од областа на трудот, може да определи секретар на Прекршочната комисија кој врши административни работи за Комисијата и заменици членови кои по исклучок учествуваат во работата на Прекршочната комисија во случај на отсуство на некој од членовите.
(9) Прекршочната комисија донесува деловодник за својата работа.
(10) Против решението на Прекршочната комисија, со кое се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе жалба за поведување на управен спор пред надлежниот суд“.

Според член 53 од истиот Закон:

(1) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот може да формира повеќе прекршочни комисии кои ќе бидат надлежни за водење на прекршочна постапка за прекршоци за одделни области и/или за одделни подрачја од Република Македонија.
(2) Член на Прекршочната комисија може да се разреши:
– со истекот на времето за кое е именуван за член,
– по негово барање,
– со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон,
– ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело,
– ако му се утврди трајна неспособност,
– ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочна постапка со правосилна одлука,
– ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
– ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.
(3) Предлог за разрешување на член на комисија за случаите од ставот (2) алинеи 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот.
(4) Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
(5) Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.
(6) Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
(7) Прекршочниот орган води единствена евиденција на прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки на начин пропишан од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на трудот по претходно мислење на министерот кој раководи со органот надлежен за работите од областа на правдата.
(8) Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работата од областа на трудот која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работата на членовите и сложеноста на прекршоците.

5. Од содржината на членот 19 од Законот за управните спорови произлегува дека управниот спор се поведува со тужба, односно во Законот за управните спорови законодавецот оперира со зборот „тужба“, а не „жалба“, што јасно упатува на заклучокот дека зборот „жалба“ во оспорениот член 52 став 10 од Законот, се употребува „можеби поради техничка грешка“.

Во конкретниот случај, со членот 52 став 10 од Законот, а со тоа и со оспорениот дел, не се предвидува поднесување на тужба како што тоа е регулирано во нашиот правен систем, туку поднесување на жалба. Жалбата ја има својата основа во оправданата претпоставка дека првостепената одлука не мора секогаш да биде законита и спроведлива и поради тоа по жалбата одлучува секогаш повисок орган со што се прокламира двостепеноста во одлучувањето како една од гаранциите за остварување на правата и врз закон заснованите интереси. Притоа, ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба. Значи, кога станува збор за заштита на права пред суд, постапката не се поведува со жалба, како што тоа е предвидено во оспорениот дел на членот 52 став 10 од Законот, туку со тужба.

Самото постоење на зборот „жалба“ во оспорениот член од Законот, создава правна несигурност кај граѓаните што е спротивно на начелото на владеењето на правото кое во себе го содржи начелото на законитост, кое начело го обврзува законодавецот да конципира (формулира) прецизни, недвосмислени и јасни норми. Само јасните и прецизните норми можат да претставуваат солидна основа за законито постапување, што во случајов тоа не го обезбедува оспорената одредба од Законот.

Според Судот, оспорениот дел на членот 53 став 10 од Законот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со начелото на владеењето на правото утврдено како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Според членот 53 став 2 алинеја 4 од Законот член на Прекршочната комисија може да се разреши ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Една од темелните вредности на уставниот поредок, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот е владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Оспорената одредба од член 53 став 2 алинеја 4 од Законот, содржи еден од основите за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочна комисија од тоа како е формулирана одредбата, произлегува дека оспорената одредба се однесува за осуда за кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина и независно од видот и висината на санкцијата. Според Судот, со тоа се ограничува по сила на закон правото на член на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Со оглед на тоа што во оспорената алинеја 4 од ставот 2 на членот 53 од Законот за безбедност и здравје при работа, не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, според Судот, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можело да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Имајќи ја во вид формулацијата на наведената законска одредба, а тргнувајќи од уставно-судската анализа, Судот оцени дека истата е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, поради што истата не е во согласност со овој член од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Ова одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.255/2009
7 јули 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply