82/2010-0-0

82/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 јули 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 точка 4 во делот. „ или по кој било основ е казнет за дискриминација“ од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 точка 4 во делот. „ со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци “ од Законот означен во точка 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член, според кој Собранието на Република Македонија го разрешува членот на Комисијата пред истекот на мандатот по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци или по кој било основ е казнет за дискриминација, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 , член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија. Ова затоа што во одредбата не бил наведен видот на кривичното дело заради кое членот на Комисијата се разрешува пред истекот на мандатот, поради што произлегувало дека осудата за кое било кривично дело била основ за разрешување на член на Комисијата. Според тоа, одредбата била недоволно прецизна и јасна и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото и го повредувала уставното начело на презумпција на невиност и принципот на легалитет, со тоа што овозможувала лицето да биде „казнето“ односно да трпи последици за сторување на недефинирано дело и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука. Освен тоа, правните последици на осудата не можеле да настапуваат автоматски по сила на закон, како што се предвидувало со оспорената одредба, туку тоа можело да се прави само и исклучиво со конкретна правосилна судска одлука, затоа што казнено-правниот однос се исцрпувал на релација на казненото дело и судски изречената казна за сторителот и натамошни последици не биле дозволени, освен ако тоа не било изречно предвидено со Уставот или со самата судска пресуда.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба.

4. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 1 точка 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Собранието на Република Македонија го разрешува членот на Комисијата пред истекот на мандатот по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци или по кој било основ е казнет за дискриминација.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Согласно Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите (став 1).

Со Законот за спречување и заштита од дискриминација се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификувани меѓународни договори (став 1). Според став 2 на овој член, за заштита од дискриминација се формира Комисија за заштита од дискриминација.

Според член 16 став 1 од Законот, Комисијата за заштита од дискриминација е самостоен и независен орган кој работи во согласност со надлежностите утврдени со овој закон.

Согласно член 17 од истиот закон, Комисијата е составена од седум члена (став 1). Членовите на Комисијата ги именува Собранието на Република Македонија со мандат од пет години, со право на еден повторен избор (став 2). Од редот на членовите именувани во ставот 2 на овој член Комисијата избира претседател со мандат од една година (став 3).

Според член 21 став 1 од Законот, членовите на Комисијата имаат статус на именувани лица.

Според член 22 од овој закон, Собранието на Република Македонија го разрешува членот на Комисијата пред истекот на мандатот по предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ако:
1) сам го побара тоа;
2) поради смрт;
3) со правосилна одлука му е изречена забрана за вршење професија дејност или должност;
4) со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци или по кој било основ е казнет за дискриминација;
5) трајно ја загуби психофизичката способност за вршење на функцијата и
6) нестручно, пристрасно и несовесно ја врши функцијата.

Со иницијативата како неуставна се оспорува законската одредба според која член на Комисијата се разрешува пред истекот на мандатот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци или по кој било основ е казнет за дискриминација, затоа што станувало збор за недоволно прецизна и јасна одредба која не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото. Ова затоа што не бил наведен видот на кривичното дело заради кое членот на Комисијата се разрешувал и затоа што се овозможувало лицето да биде „казнето“ односно да трпи последици за сторување недефинирано дело и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

Во однос на прашањето за неуставноста на делот од одредбата од член 22 став 1 точка 4, според која член на Комисијата се разрешува пред истекот на мандатот ако по кој било основ е казнет за дискриминација, Судот имаше предвид дека според член 2 од Законот, заштитата и забраната од дискриминација се однесува на сите физички и правни лица во процесот на остварување на правата и слободите гарантирани со Уставот и со законите на Република Македонија.

Основите за дискриминација се утврдени во член 3 од овој закон. Така, според оваа одредба, се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор.

Според член 4 од Законот, овој закон се применува од страна на сите државни органи, органи на единицата на локалната самоуправа, правни лица со јавни правни овластувања и правни и физички лица во областа на:
1) работата и работните односи;
2) oбразование, наука и спорт;
3) социјална сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и здравствена заштита;
4) правосудство и управа;
5) домување;
6) јавно информирање и медиуми;
7) пристап до добра и услуги;
8) членување и дејствување во синдикални, политички партии, здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство;
9) култура и
10) други области определени со закон.

Анализата на наведените и на другите одредби во Законот укажува дека законодавецот ги утврдил основите за дискриминација, кои се јасно и прецизно наведени и кои опфаќаат широко определени сфери на општествено дејствување. Со Законот се утврдени и прекршочни одредби за лицата кои повикуваат или поттикнуваат на дискриминација, кои го повредуваат достоинството на одредени лица или создаваат заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика или кои ќе го доведат во неповолна состојба лицето кое пријавило дискриминација или на било кој начин учествувало во постапката за дискриминација (член 42-45).

Според образложението на Законот, кривично правната заштита на било која форма на дискриминација е санкционирана со одредбите на Кривичниот законик и претставува казниво дело (Глава – Кривични дела против слободите и правата на човекот и граѓанинот). Така на пример, со одредбата на член 137 од Кривичниот законик (во образложението на Законот погрешно се наведува член 37 од Законот) утврдено е кривичното дело „Повреда на рамноправноста на граѓаните“ во случај по било која основа да бидат дискриминирани граѓаните, при што за основното дело е определена казна затвор од три месеци до три години, а за квалификуван облик, доколку делото го стори службено лице во вршење на службата, се определува казна затвор од шест месеци до пет години. Со член 417 од Кривичниот законик (Глава – Кривични дела против човечноста и меѓународното право), утврдено е казниво дело „Расна и друга дискриминација“, а за сторителот на истото е пропишана казна затвор од шест месеци до пет години.

При вака утврдена правна и фактичка состојба, се поставува прашањето дали одредбата на начин како што е стипулирана, ги задоволува критериумите на јасна и прецизна одредба, која обезбедува правна сигурност на граѓаните како елемент на уставниот принцип на владеењето на правото.

Од анализата на одредбата произлегува дека казнетоста за дискриминација по било кој основ е основ за разрешување од функцијата член на Комисијата, без притоа јасно да се прецизира дека казнетоста треба да биде утврдена во спроведена судска постапка и со правосилна судска одлука за сторено кривично дело и без јасно определување на видот на изречената казна. Ова посебно поради тоа што Уставот, со одредбите од член 13 став 1 и член 14 став 1 ги утврдил двата принципа на казнено-правниот однос, и тоа прво, дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, како и содржината на оспорениот дел од член 22 став 1 алинеја 4 од Законот, според Судот, во конкретниот случај станува збор за ограничување на правото на вршење јавна функција, по сила на одредбата на Законот, а не врз основа на правосилна судска одлука, што не е допуштено, поради што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од одредбата на член 22 став 1 алинеја 4 во делот: „или по кој било основ е казнет за дискриминација“ од Законот, со член 8 став 1 алинеја 3 , член 13 став 1, член 14 став 1, член 23 и член 51 од Уставот.

6. Наводите во иницијативата за неуставност на одредбата која овозможува член на Комисијата да се разрешува пред истекот на мандатот ако со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци, Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што одредбата се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата член на Комисијата, која функција престанува пред истекот на мандатот од пет години заради негово осудување со правосилна судска одлука на казна затвор над шест месеца во периодот додека ја врши функцијата. Тоа претставува класичен услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда на казна затвор над шест месеца, бидејќи издржувањето на казната затвор е објективна пречка за ефективното извршување на функцијата, што не дава гаранција дека Комисијата успешно ќе функционира. Притоа, отсуството, односно фактичката спреченост да се врши функцијата поради издржување казна затвор над шест месеца, е основ за престанок на мандатот, а не видот на кривичното дело за кое е изречена правосилната судска одлука, поради што Судот не прифати дека станува збор за непрецизна одредба, како што се наведува во иницијативата.

Судот имаше предвид дека отсуството од работа подолго од шест месеци поради издржување казна затвор, како основ за престанок на работниот однос на работникот, е познато и присутно решение во работното законодавство. Така, во член 99 од Законот за работните односи, законодавецот пропишал дека работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 22 став 1 точка 4 во делот: „со правосилна судска одлука е осуден на казна затвор од над шест месеци“ од Законот, со член 8 став 1 алинеја 3 , член 9 , член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51, член 54 став 1 и Амандманот XXV од Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.82/2010
7 јули 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply