57/2010-0-0

57/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 ставови 2 и 3 и член 29 од Законот за судските такси („Службен весник на Република Македонија“ бр.114//2009).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 146 ставови 2 и 3 и член 429-а од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија„ бр.79/2005, 110/2008 и 83/2009).

3. Васил Гагачев од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од двата закона, се повредувал социјалниот карактер на државата, кој бил прокламиран со членот 1 од Уставот на Република Македонија. Имено, Уставот на Република Македонија, според подносителот на иницијативата, пропишувал одредени слободи и права на граѓаните на Република Македонија и нивна заштита пред судовите, меѓутоа оспорените одредби ја условувале таа заштита со плаќање на судски такси и тоа само пред парничниот суд, со што се вршело дискриминација на граѓаните кои барале судска заштита во парничната постапка.

4. Судот на седницата утврди дека според член 146 став 2 од Законот за парничната постапка, Судот нема да постапува по тужба ниту да презема друго дејствие за кое не е платена судската такса.

Според член 146 став 3 од истиот закон, ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена.

Според член 429-а од Законот за парничната постапка, тужбата се смета за повлечена, ако тужителот во рок од осум дена од денот на поднесувањето на тужбата не ја плати судската такса.

Во член 27 од Законот за судските такси се предвидува дека:

„(1) Ако судот прими поднесок од странка, за кој не е платена такса или таксата не е платена целосно, или ако странката не доставила потврда за платената такса која се плаќа во готови пари, судот на подносителот ќе му достави налог за плаќање на таксата со укажување дека е должен да ја плати во рок од пет дена од денот на приемот на налогот и воедно ќе ја предупреди странката за последиците од неплаќање на таксата. Во овој случај странката плаќа такса и за доставениот налог за плаќање.

(2) Одредбите од ставот 1 на овој член не се однесуваат на такса за тужба во парнична постапка.

(3) Нецелосно платена такса за тужба во парнична постапка се смета за неплатена такса.„

Во член 29 од истиот закон се предвидува дека:

„(1) Ако таксениот обврзник живее во странство, без оглед дали е државјанин на Република Македонија или странски државјанин или има седиште во странство, а таксата не ја плати во моментот на настанувањето на таксената обврска, освен такса за поднесување на тужба во парнична постапка, судот ќе води попис на неплатената такса и по завршувањето на постапката ќе издаде налог за плаќање на таксата (член 28 ставови 1 и 2), со тоа што рокот за плаќање на таксата не може да биде пократок од 30 дена ниту подолг од 60 дена.

(2) Во случај од ставот 1 на овој член на таксениот обврзник му се засметува и казнена такса која изнесува 50% од вредноста на неплатената такса.„

5. Ценејќи ги наводите во иницијативата истакнати по однос на член 27 ставови 2 и 3 и член 29 од Законот за судските такси, а кои се однесуваат на тоа дека со нив се упатува на дискриминираноста на граѓаните (богати и сиромашни), според Судот се неосновани, бидејќи Судот веќе зазел став по однос на ова прашање регулирано со Законот за парничната постапка, кој е прифатлив во целост поради што истиот ќе биде проследен и по однос на овие оспорени одредби од Законот за судските такси.

Од причина што оспорените ставови 2 и 3 на членот 27 од Законот за судските ткаси се однесува на такси во парничната постапка, Судот оцени дека во Законот за парничната постапка, како lex specialis е уредена постапката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, пропишувајќи обврска за тужителот кој нема средства заедно со тужбата да достави и барање за потполно или делумно ослободување од плаќање на трошоците, како доказ за основаноста на таквото барање (уверение за материјална состојба, потврда за невработеност, акт за остварување на социјална помош …). Оттука, на тој начин Законот определил обврска на тужителот, кој нема срества, пред поднесување на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна, и од друга страна, обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса, со што се внимава и потсетува на начелото и правото на секој граѓанин на судска заштитаа на своите слободи и права, независно од социјалното потекло и имотната положба. Оттука, од причина што постапката за плаќање на судските такси во парничната постапка е регулирана во Законот за парничната постапка со оспорените ставови 2 и 3 на членот 27 од Законот за судските такси се врши изземање на оваа постапка за наплата на неплатената такса, што не е во спротивност со одредбите на Уставот на Република Македонија.

По однос на оспорениот дел од членот 29 од Законот за судските такси, а за кои нема конкретни аргументи по однос на неговата неуставност, Судот, исто така, не го постави ппрашањето за неговата согласност со Уставот.

6. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставнио суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.188/2008 од 17 декември 2008 година, Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста на одредбите од член 146 ставови 2 и 3 и член 429-а од Законот за парничната постапка кои и сега се предмет на оспорување со иницијативата поднесена до Судот.

Имено, Судот со наведеното Решение оценил дека Законот определува обврска за тужителот, кој нема средства, пред поднесувањето на тужбата да ги обезбеди потребните докази заради ослободување од плаќање на трошоците, од една страна, и од друга страна обврска на судот да се произнесе по барањето без одлагање, а дотогаш тужбата не може да се смета за повлечена поради неплатена судска такса. Со тоа, Законот обезбедува забрзување и економичност во судските постапки врз уставниот принцип на итност, како и дисциплина во плаќањето на трошоците на постапката како јавни давачки, водејќи притоа сметка за остварување на правото на секој граѓанин на судска заштита на своите слободи и права независно од социјалното потекло и имотната положба.

Со оглед на тоа што Судот со наведеното Решение не повел постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот за парничната постапка, од причини што не се повредувале уставните одредби кои се однесуваат на прашањата за дискриминација на граѓаните кои бараат судска заштита во парничната постапка, а на кои се повикува подносителот на иницијативата во овој предмет, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата, а посебно од причина што не постојат основи за поинакво одлучување во овој предмет.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.57/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply