Одлука У.бр.258/2009

У.бр.258/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Урбанистички план за с. Сопиште-локалитет “Сончев град”, Општина Сопиште, донесена на седница на Советот, одржана на 20.02.2007 година, под број 07-444/1 од 21.02.2007 година, објавена во “Службен гласник” на Општината број 3/2007 од 22 февруари 2007 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Трговското друштво за градежништво, трговија и услуги Ф.Х.И.Б.Ц. Сун Циту ДОО увоз-извоз Скопје, преку полномошникот Марија Марковиќ Давидовска, адвокат од Скопје, со Решение У.бр. 258/2009 од 14 април 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со Уставот и законот.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Сопишта, врз основа на член 26 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Макеоднија”, број 51/2005), член 22 став 1, точка 1 и член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија”, број 5/2002), на седницата одржана на 20.02.2007 година, донел Одлука за донесување на Урбанистичкиот план за с. Сопиште-локалитет “Сончев Град”, Општина Сопиште.

Во членот 1 од Одлуката, се утврдува донесувањето на оваа одлука.

Членот 2 уредува дека Урбанистичкиот план се состои од текстуален и графички дел кои не се објавуваат, а се чуваат во архивата на Општината, согласно прописите за архивско работење.

Со членот 3 од Одлуката е определено дека примерок од урбанистичкиот план и Одлуката, заверени се предаваат до органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот.

Согласно членот 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Сопиште”.

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичко планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање, се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”, број 51/2005), во чие време на важење е донесена оспорената одлука.

Според членот 2 од Законот, просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторен план и урбанистички планови со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата кои меѓусебно се усогласуваат. Просторниот план на Република Македонија и урбанистичките планови континуирано меѓу себе се усогласуваат и дополнуваат и задолжително се донесуваат и спроведуваат.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и урбанистички план за село.

Со членот 12 ставови 1 и 2 од Законот, е определено дека урбанистички план за село, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за подрачје на населено место во општината од селски карактер и истиот содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и билансни показатели за планираните површини и градби според намената и за инфраструктурата. Според ставот 6 од истиот член од Законот, урбанистичкиот план за село се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон.

Според членот 15 ставови 1 и 2 од Законот, за согледување на планските можности за планирање на просторот односно изготвување на урбанистички планови освен детален урбанистички план, донесувачот на планот е должен да побара услови за планирање на просторот од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, согласно со закон, кои се издаваат во рок од 30 дена од денот на поднесеното барање, а во случај на постоење на објективни причини рокот може да се продолжи најмногу за уште 15 дена.

Согласно членот 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место), општината и градот Скопје донесуваат годишна програма.

Според членот 21 став 1 од Законот, на нацрт плановите од членот 7 на овој закон, се врши стручна ревизија. Според ставот 3 од истиот член од Законот, стручната ревизија на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место), врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, а според ставот 5 од истиот член од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапување по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Со членот 22 став 1 на овој закон е уредено дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според членот 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според ставот 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно членот 24 став 6, од овој закон извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен или стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Согласно членот 24 став 8 од Законот, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Според членот 24 став 9 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Согласно членот 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 алинеи 1, 2, 3 и 4 на овој закон, изработени во форма на предлог на план се издава согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, со кој се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Според ставот 2 на овој член од Законот, согласноста од ставот 1 на овој член се издава во рок од 30 работни денови од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во определениот рок ќе се смета дека согласноста е издадена. Мислењето од ставот 2 на овој член се издава, исто така, во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето од страна на доносителот на планот. Во став 3 на членот 25 од овој Закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 1 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука, Судот утврди дека Советот на Општината Сопиште како надлежен орган за донесување на Одлуката, во конкретниот случај, не ги спровел битните законски утврдени дејствија во постапката за донесување на оспорената одлука. Имено, Решение за Услови за планирање на просторот број 15-707/1 од 01.02.2007 година, е донесено после изработката на нацрт-планот.

Градоначалникот на општината Сопиште, со Одлука бр. 08-5814 од 15 јануари 2007 година, определил организирање на јавна анкета по Одлуката за усвојување на нацрт-урбанистички план за село Сопиште, локалитет “Сончев град”-Општина Сопиште, во траење од 20 дена од денот на објавувањето, со излагање на нацрт-урбанистичкиот план во просториите на Општина Сопиште. Соопштението е објавено во „Утрински весник” на 17 јануари 2007 година. Од Соопштението се утврди дека заинтересираните правни и физички лица од конкретното подрачје можеле да доставуваат писмени забелешки по анкетни листови во врска со нацрт-планот, во рок од 20 дена од денот на објавувањето на Соопштението. Во Законот изречно е наведено дека рокот за поднесување на анкетните листови треба да биде изразен во “работни денови”, а не како што е наведено во објавата – 20 дена, поради што заинтересираните субјекти се ставени во заблуда по однос на рокот за доставување на анкетните листови. Исто така, од приложената документација, се утврди дека јавната анкета фактички траела вкупно 14 работни денови, односно сметано од 17 јануари 2007 година, заклучно со 5 февруари 2007 година, спротивно на членот 24 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, според кој јавната анкета трае најмалку 15 работни дена.

Поаѓајќи од фактот дека согласно членот 24 став 4 од Законот, јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, а во конкретниот случај, таа била скратена и траела 14 работни дена, што може да се констатира од напред наведената правна и фактичка состојба, Судот смета дека на учесниците во јавната анкета, им била ускратена можноста да учествуваат во истата, со што е повредена постапката за донесување на Урбанистичкиот план за село. Ова дотолку повеќе што во Соопштението било определено јавната анкета да трае 20 дена, спротивно на законската одредба од наведениот член каде изречно е наведено дека се сметаат само работните денови за поднесување на анкетни листови.

Формална Одлука за организирање на јавна презентација нема, но Соопштението за организирање на јавна презентација било објавено во јавните гласила. Јавната презентација била одржана, но посебен Извештај за истото нема, туку во рамките на Извештајот за спроведена јавна анкета, односно во Заклучокот е споменато дека забелешките од јавната анкета биле и забелешки искажани на Стручната презентација.

Судот, исто така, утврди дека Советот на Општина Сопиште ја донел оспорената Одлука на седница одржана на 20 февруари 2007 година, а согласноста од Министерството за транспорт и врски датира ден потоа, односно од 21 февруари 2007 година, односно оспорената Одлука, Советот на Општина Сопиште ја донел пред добивањето на согласноста на предлог-планот од страна на Министерството за транспорт и врски, спротивно на членот 25 став 3 од Законот, кој утврдува дека по добивањето на согласноста од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот, утврди дека со вака донесената Одлука се доведени во прашање начелото на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, поради што Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, како и со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање со кои е утврдена постапката за донесување на урбанистички план за село.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.258/2009
23 јуни 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply