3/2010-0-0

3/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на законитоста на

– Одлука бр.07-1252/4 од 8 октомври 2009 година, за укинување на Спогодбата за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу општина Куманово и општина Старо Нагоричане („Службен гласник на општина Старо Нагоричане“ бр.15/2009) и

– Одлука бр.07-1411/8 од 20 ноември 2009 година за измена на Одлуката за укинување на Спогодбата за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу општина Куманово и општина Старо Нагоричане („Службен гласник на општина Старо Нагоричане“ бр.17/2009), двете донесени од Советот на општина Старо Нагоричане.

2. Милован Трајковиќ, адвокат од Куманово, како полно-мошник на ДПТТ „Штуз-Патнички“, ДПТУ „Јемдам-Интернационал“, ТП „Облавски“, ДПТУ „Стевани-Бенз, сите од Куманово, како и ТП „Јоцо-Турс„ и ДПТТУ “Кимо-Ем Компани 2002“, двете од Старо Нагоричане, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе шест посебни иницијативи за поведување постапка за оценување на законитоста на одлуките означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативите, кои се со потполно идентична содржи-на, се оспорува законитоста на двете одлуки од причина што Советот на општината Старо Нагоричане презел стварна надлежност за работи за кои немал основ во членот 36 од Законот за локалната самоуправа и членот 25 од Статутот на Општината, односно немал надлежност да укине и поништи меѓуопштински линиски превоз на патници. Таква основа немало и во членот 88 од Законот за превоз во патниот сообраќај, во кој Министерството за транспорт и врски, преку Републичкиот државен инспекторат за патен сообраќај било единствен надлежен орган за регулирање на меѓуопштински превоз. Поради наведеното во иницијативите се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорените одлуки и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одлуки.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на членовите 15, 16, 22 и 23 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006 и 114/2009), членовите 14, 22 и 62 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), како и членовите 14 и 25 од Статутот на општината Старо Нагоричане („Службен гласник на општина Старо Нагоричане“ бр.9/2004) Советот на Општината на 8 октомври 2009 година донел Одлука за укинување на Спогодбата за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу општина Куманово и општина Старо Нагоричане.

Во членот 1 од Одлуката е утврдено дека се укинува Спогодбата бр.03-65/1 од 29 јануари 2008 година, склучена помеѓу градоначалниците на општината Куманово и општината Старо Нагоричане за заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу двете општини.

Во членот 2 од Одлуката е содржано овластување за градоначалникот на Општината да ја спроведе донесената одлука и да ги преземе сите активности во рамките на своите законски надлежности за укинување на наведената спогодба. Во членот 3 е определено дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Старо Нагоричане“.

Врз основа на истите законски и статутарни одредби Советот на Општината на 20 ноември 2009 година донел Одлука за измена на Одлуката за укинување на Спогодбата за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу општина Куманово и општина Старо Нагоричане.

Во одлуката се содржани две одредби, но истите се нумерирани како член 1 и член 3, иако очигледно член 2 не постои.

Во членот 1 од второ оспорената одлука е определено дека зборовите: „укинување“, односно „укинува“ во насловот и содржината на Одлуката бр.07-1252 од 8 октомври 2009 година, се заменуваат со зборовите: „поништување“, односно „поништува“. Во членот 3 е определено дека Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Старо Нагоричане“.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 14 став 1 од Законот за локалната самоуправа, во вршењето на своите надлежности, општините можат меѓусебно да соработуваат. Заради остварување на заедничките интереси и вршење на заедничките работи од надлежност на општините, тие можат да здружуваат средства и да формираат заеднички јавни служби, во согласност со закон (став 2). Со цел за извршување на одделни надлежности, општините можат, исто така да формираат заеднички административни тела во одредени области, во согласност со закон (став 3).

Општините, меѓу другото, согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот, во областа на комуналните дејности се надлежни за уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници.

Според член 3 точка 18 од Законот за превоз во патниот сообраќај, меѓуопштински линиски превоз на патници е јавен превоз што се врши на линии меѓу две или повеќе општини, односно меѓу градот Скопје и определена општина.

Во членот 22 од истиот закон е определено дека, советот на општината освен советите на општините од градот Скопје го уредуваат општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општината, а линискиот превоз на патници на подрачјето на сите општини на градот Скопје го уредува Советот на градот Скопје, при што особено утврдуваат: единствена мрежа на линии; единствен возен ред, начин на негово истакнување, одржување и менување; начин на организирање на контролата на сообраќајот на автобусите и линиите, како и евиденција за тоа; тарифен систем и систем на наплата; локација на автобуските терминали, свртувалишта, стојалишта и постапка за нивна измена; изградба, обележување, опремување, одржување и користење на автобуските терминали, свртувалишта и стојалишта; одредување на релација и место на превоз со комби возила со најмалку девет седишта (8+1) и критериуми за начинот и постапката за издавање и одземање на дозволата за вршење на општински линиски превоз и распре-делувањето на линиите на превозниците во општинскиот линиски превоз.

Според членот 23 став 1 од Законот, една или повеќе општини со седиште во село со општина со седиште во град утврдени со закон кон која гравитираат, можат заеднички да го организираат вршењето на линискиот превоз на патници, со обврска да го запазат временскиот интервал на станиците од делот на заедничката траса на одобрените возни редови за меѓуопштински линиски превоз при склучување на спогодбата.

Начинот и условите за заедничко организирање на извршувањето на линискиот превоз на патници од ставот 1 на овој член општините го утврдуваат со спогодба (став 2).

Спогодбата од ставот 2 на овој член особено содржи: единствена мрежа на линии; единствен возен ред, начин на негово истакнување, одржување и менување; локација на автобуски стојали-шта, нивно обележување, опремување, одржување и користење; тарифен систем и систем на наплата и критериуми и начин за издавање и одземање на дозволата за вршење на превозот и распределување на возните редови утврдени во единствената мрежа на линии на превозниците од општините кои се согласиле заеднички да го организираат линискиот превоз на патници на нивните подрачја (став 3).

Согласност на спогодбата од ставот 2 на овој член дава министерот за транспорт и врски (став 4).

Еден примерок од спогодбата на која е дадена согласност се задржува во Министерството за транспорт и врски (став 5).

Доколку општините склучат спогодба, а за истата немаат добиено согласност од министерот за транспорт и врски, истата нема правно дејство, односно е неважечка (став 6).

Во конкретниот случај, врз основа на приложената доку-ментација од страна на Советот на општината Старо Нагоричане се утврди дека, врз основа на член 23 од Законот за превоз во патниот сообраќај и членовите 14 став 2, 22 став 1 точка 4 и 61 став 1 од Законот за локалната самоуправа, Советот на општината Старо Нагоричане донел Одлука бр.07-75/6 од 31 јануари 2006 година, за заедничко организирање и вршење на линиски превоз, кој се врши помеѓу општините Куманово и Старо Нагоричане, со овластување за градоначалникот на општината Старо Нагоричане да склучи Спогодба со општината Куманово во која прецизно ќе биде утврден начинот на организирање и вршење на наведениот превоз. Спогодби од ваков карактер биле склучени, исто така, на 6 септември 2007 година и на 29 јануари 2008 година.

Во „Службениот гласник на општината Старо Нагоричане“ бр.15/2009, во кој е објавена првооспорената одлука, објавена е и одлуката бр.07-1252/5 од 8 октомври 2009 година на Советот на општината Старо Нагоричане за започнување на постапка за склучување на нова Спогодба за утврдување на заедничко организирање на извршување на линиски превоз на патници помеѓу општината Куманово и наведената општина.

Поаѓајќи од содржината на наведените законски одредби, произлегува дека на општините, во рамките на меѓусебната соработка, им е дадена законска можност заеднички, по пат на спогодба, да го организираат вршењето на линискиот превоз на патници, од каде спогодбата од ваков вид е акт во кој на договорна основа се уредуваат меѓусебни односи од областа на сообраќајот од локално значење за две или повеќе општини, која може, но не мора да се склучи. Според тоа, спогодбата претставува конкретен акт кој има правно дејство само за субјектите кои ја склучиле истата, а не и за неограничен број на субјекти и како таква не подлежи на уставно-судска оцена. Со оглед на тоа што спогодбата е поединечен акт кој не е подобен за уставно-судска оцена произлегува дека и актите со кои истата се става вон сила (се укинува или поништува), како што се оспорените акти неможат да имаат карактер на пропис. Ова и од причина што така донесените акти не уредуваат односи, туку со нив се манифестира престанок на потребата за натамошно спогодбено уредување на односите помеѓу субјектите.

Имајќи ја предвид содржината и карактерот на оспорените одлуки, Судот оцени дека истите не претставува пропис, во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, од каде произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја цени нивната уставност и законитост.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.3/2010
23 јуни 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply