140/2009-0-0

140/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 36 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009 и 50/2010).

2. Венчеслав Јордановски, адвокат од Кочани, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со донесувањето и влегувањето во сила на оспорената одредба се нарушувал еднаквиот третман на Фондот кон приватните здравствени установи. Имено, ординациите по општа медицина, специјалистичките ординации и аптеките како приватни здравствени установи вршеле дејност од примарната здравствена заштита со незнатни специфичности на секоја од нив, што произлегувало од нивните решенија за вршење на дејноста и од нивните договори со Фондот, но и покрај тоа, со заживувањето на оспорената одредба ординациите и Фондот востановувале нови релации кои резултирале со повластици за тие приватни здравствени установи, додека ваквите повластици не важеле за аптеките и за нив останувале истите релации со Фондот како пред законската промена иако тие имале многу повеќе проблеми наметнати со новините во здравството. На тој начин, законодавецот навлегол во растурање на основните економски односи и спротивно на член 55 од Уставот ја поткопувал гарантираната слобода на пазарот, ја нарушувал правната и економската еднаквост на два во се исти субјекти-здравствени установи гледани од аспектот на начинот на основањето, целите и улогата во примарната здравствена заштита, како и од аспектот на наплатувањето на учеството-партиципацијата на осигурениците во цената на здравствената услуга која паѓа на товар на Фондот. Подносителот на иницијативата смета дека немало потреба, ниту логика, аптеките да ја враќаат на Фондот наплатената партиципација, а ординациите, кај кои осигуреникот исто така плаќал партиципација, немале обврска уплатените средства да ги враќаат на Фондот.

3. Судот на седницата утврди дека во член 36 од Законот се определува дека: „Средствата од учеството на осигуреното лице со лични средства во цената на здравствените услуги, освен за лековите од Листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот и се издаваат на рецепт во примарната здравствена заштита, се плаќаат во здравствената установа и се приход на здравствената установа, а Фондот врши контрола на наплатените средства.“

4. Според член 8 став 1алинеите 1 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2), како и слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Во член 95 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008 и 67/2009) се определуваат различни видови на здравствени организации во зависност од природата на здравствената дејност што ја вршат и видот на здравствената услуга што ја пружаат (здравствена станица, поликлиника, дијагностичка лабораторија, заботехничка лабораторија, центар за итна медицинска помош, центар за ментално здравје, клиничка болница, здравствен дом, болница (општа и специјална), завод, институт, универзитетска клиника, универзитетски клинички центар, аптека). Членовите, пак, 95-б, 95-в, 95-г, 95-д, 95-ѓ, 95-е и членовите 96-111 од Законот прецизно ја определуваат дејноста и видот на здравствената услуга што ја пружаат секоја од наведените различни здравствени организации.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија (член 55 став 1), но таа слобода не може да се разбира како исклучива работа на субјектите на пазарот во која државата не смее да се вклучува, туку и државата учествува во неа како регулатор на еднаквата правна положба меѓу стопанските субјекти и како регулатор кој ја спречува монополската положба и монополското однесување на определени субјекти (член 55 став 2), при што под еднаква правна положба се подразбира еднаква положба меѓу еднакви правни субјекти и различна положба меѓу различните правни субјекти, а не и еднаква правна положба меѓу различни правни субјекти. Покрај тоа, државата има уставно овластување да ја ограничи слободата на пазарот и претприемништвото со закон ако се доведува во прашање здравјето на луѓето (член 55 став 3) со оглед дека е тоа, во рамките на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, исто така една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 алинеја 1).

Од изнесените законски одредби, пак, произлегува дека во здравствени организации спаѓаат како здравствените станици и други здравствени установи, така и аптеките, но произлегува и дека меѓу здравствените организации постои прецизно разграничување по основ на здравствената дејност што ја вршат и видот на здравствената услуга што ја пружаат. Во таа смисла, и аптеките се здравствени организации, но со специфична здравствена дејност и вид на здравствена услуга што ја пружаат.

Имајќи ја предвид специфичноста и со тоа различноста на здравствената дејност и на видот на здравствената услуга што ја пружаат аптеките во однос на дејноста и услугата на другите здравствени организации, што е определено со Законот за здравствената заштита, произлегува дека различното уредување на прашањето околу средствата од учеството на осигурениците во здравствената услуга меѓу различните субјекти-аптеките и другите здравствени организации, е во согласност со уставната определба за еднаква правна положба на субјектите на пазарот и, заради заштита на здравјето на луѓето како темелна вредност на уставниот поредок, може со закон да се предвидат ограничувања за одделни здравствени организации.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.140/2009
9 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply