179/2009-0-0

179/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 28 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 102 став 4 од Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007 и 81/2009).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 3, 4, 5, 9, 12 и 14 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2009).

3. Славе Димитров од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Правилникот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, одредбите од членовите 3, 4, 9 и 14 од Правилникот ( со кои се менуваат член 26 став 1 точка 3, член 27 став 4, член 48 и член 95) биле спротивни на Статутот и Законот за авторското право и сродните права, со оглед на тоа што во член 147 од Законот не било предвидено со правилник да се пропишуваат прашања за кои со член 142 од Законот било утврдено да се пропишуваат со статут. Освен тоа, со одредбата „Одлуката на Собранието на ЗАМП од претходниот став е конечна“ (последниот став на член 48 и на член 95), на авторот му било ограничено правото на судска постапка, со што бил повреден законот кој на здружението (кое настапувало како застапник на авторот) не му давал право да врши арбитражни дејствија, а биле повредени и загарантираните уставни права на граѓанинот-автор.

Одредбата на член 5 од Правилникот со која се менува членот 34 од основниот текст на Правилникот, била спротивна на член 147 од Законот, со оглед дека во наведениот член од Законот не била предвидена категоризација на делата да се врши ниту според ефективното траење на делото, ниту пак според траењето на делото кое со неговото пријавување го назначил авторот, туку било утврдено да се врши категоризација на видови на дела како што биле на пример: музичко дело без зборови, музичко дело со зборови, обработка на незаштитено музичко дело (народно или на автор на кој престанал законскиот рок на заштита и сл.), снимено музичко дело, музичко дело во жива изведба, музичко-сценско дело, музичко несценско дело, музичко дело од поголем облик (сонати, синфонии и сл.), фрагмент од музичко-сценско дело и тн. Од наведените причини, како и од фактот дека согласно членовите 44 и 55-80 од Правилникот при распределбата на надоместоците се користеле покрај податоците од пријавата на делото што ги дал авторот и податоците од програмите добиени од радио и ТВ (траење, изведувачки состав и сл.), произлегувало дека член 5 од Правилникот уредувал материја која не била пропишана со член 147 од Законот.

Член 12 од Правилникот со кој се менува член 51 од основниот текст на Правилникот, бил во спротивност со член 147 од Законот со оглед на тоа што во наведениот член од Законот не било предвидено категоризација на делата да се врши според траење на делото, ниту пак било предвидено да се врши вреднување на делата со оглед на тоа што во овој член доносителот на Правилникот вовел коефициенти со кои всушност се вршело вреднување на делата, така што произлегувало дека 1 минута на дело чие вкупно траење изнесува 5 минути вреди 6 пати помалку од 1 минута на дело чие вкупно траење изнесува 30 минути. Ваквиот режим воведувал можност за манипулација на штета на делата со пократко траење, што значи се создавала можност една минута тишина или шум од некое минималистичко дело чие траење изнесува 30 минути да вреди 6 пати повеќе од една минута на некое признато пократко дело или од фрагмент на „Одата на радоста“. Покрај тоа, доносителот на овој правилник во ставот 51.4 на членот 51 неосновано пропишал дека „Дела кои не се пријавени, односно за кои не постои документација се пресметува врз основа на ефективното траење на изведбата со коефициент 0.5.“ и тоа без за тоа да биде известен застапуваниот автор, имајќи го тука предвид и фактот што согласно член 138 став 1 од Законот, колективно остварување на авторско право се врши само за објавено дело. Тоа значело дека за секое објавено дело постои документација (инаку врз која основа би буило делото објавено) која корисникот на користеното објавено дело бил должен согласно член 152 од истиот закон, да ја достави до здружението т.е до застапникот на изведуваниот автор и која во случај на недоставување, здружението било должно да ја прибере, а не да врши половична и неправична пресметка – без претходно извршување на својата застапничка обврска кон застапуваниот автор. Притоа, подносителот на иницијативата укажува дека по ова прашање, Уставниот суд веќе се произнел со Одлуката У.бр. 71/2008, со која го укинал член 1 став 2 од Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“бр. 3/2007), кој гласел: „Правилникот исто така ги содржи и начините на вреднување на авторските дела и постапките за правилна распределба на авторските надоместоци“, бидејќи утврдил дека одредбата била спротивна на членовите 14 и 147 од Законот за авторските права и сродните права.

Подносителот на иницијативата. понатаму, наведува дека член 17 од Правилникот, со кој основниот текст на Правилникот се дополнува со нов член 102, бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот, затоа што со оваа одредба доносителот на Правилникот утврдил ретроактивна примена на Правилникот, без притоа да го има предвид фактот дека Уставниот суд со Одлука У.бр. 71/2008 укинал повеќе одредби од Правилникот за заштита на авторските права и распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“бр. 3/2007), кој бил во примена во 2008 година и дека во однос на прибраните и сметководствено евидентирани авторски надоместоци во 2008 година, врз основа на тој правилник веќе биле создадени одредени односи. Тоа значело дека овде во никој случај не можело да стане збор за повратно дејство што е поповолно за граѓаните, туку за повратно дејство поповолно за конкретно определен помал број на лица – членови на управните тела од секцијата за сериозна музика и другите автори на таканаречена сериозна музика (кои според евиденцијата на ЗАМП по бројност биле околу 40) чии дела по траење биле евидентно подолги (над 5 минути), а оттука и повеќекратно со повисока цена за разлика од делата на авторите од секцијата за популарна музика (кои според евиденцијата на ЗАМП по бројност биле над 1600) чии дела по траење биле евидентно пократки (под пет минути), а оттука и со драстично пониска цена. Поради наведеното, произлегувало дека со членот 17 од Правилникот се повредувал принципот на владеењето на правото и правната сигурност на субјектите во правото како уставни гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Тоа значело дека во конкретниот случај немало уставен основ за воведување ваква одредба (ретроактивно влегување во сила на овој правилник) со оглед на тоа што истата била контрадикторна на ставот 3 на овој член во кој јасно стоело дека Правилникот влегувал во сила осмиот ден од денот на објавувањето, а не ретроактивно една година наназад (во 2008 година).

Со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици, подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд, согласно член 27 од својот деловник, до донесување конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на Правилникот или дејствија што произлегуваат од него, поради што, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.

Во посебна забелешка кон иницијативата (наведена на задната страна на иницијативата, по потписот на подносителот), подносителот на иницијативата, повикувајќи се на констатации во Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 71/2008, поставува прашање од кои причини, односно според кој двоен аршин Министерството за култура дало согласност на оспорениот правилник, ако бил факт дека Здружението за заштита на авторските музички права претходно не ги усогласил своите општи акти со Законот за авторското и сродните права, како и со Статутот на Здружението со кои тие мора да бидат усогласени.

4. Судот на седницата утврди дека со член 3 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2009), членот 26 став 1 точка 3 од Правилникот се менува и гласи: „ Дава мислење до Управниот одбор за барањата на авторите од член 48 на овој правилник.“

Со член 4 од оспорениот правилник, член 27 став 4 од Правилникот се менува и гласи: „ Одлучува со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на Одборот.“

Со член 5 од оспорениот правилник, член 34 од Правилникот се менува и гласи: „ Музичкото дело (оригинално или преработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото. Авторот на делото е должен при пријавувањето да го назначи неговото траење.“

Со член 9 од оспорениот правилник, член 48 од Правилникот се менува и гласи:„Авторот, односно носителот на авторски права има право за исплатениот авторски надомест да поднесе приговор со докази, доколку е незадоволен од извршената пресметка (став 1). Приговорот од претходниот став се поднесува во ЗАМП, најдоцна во рок од еден месец од приемот на поединечната пресметка (став 2). По приговорот од став 1 на овој член, одлучува Управниот одбор, по прибирање на соодветно мислење од Стручната служба или Одборот за заштита, најдоцна во рок од еден месец (став 3). Против одлуката на Управниот одбор, авторот, односно носителот на авторски права има право да изјави жалба до Собранието на ЗАМП, во рок од петнаесет дена од денот на доставувањето на одлуката (став 4). Одлуката на Собранието на ЗАМП од претходниот став е конечна (став 5).

Со член 12 од оспорениот правилник, член 51 од Правилникот се менува и гласи:

„51.1 Пресметката на авторскиот надомест за едно дело се категоризира и определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или било какава употреба на музичкото дело.

Траење Коефициент
1-5 минути 1
6-10 минути 2
11-15 минути 3
16-20 минути 4
21-25 минути 5
26-30 минути 6 и тн.

51.2 Секоја минута од ефективното траење на делото се множи со соодветниот коефициент.
Деловите со траење над 30 секунди се сметаат како цела минута.

51.3 Музичко дело кое е наменето за идентификување или рекламирање, за најавување или одјавување на емисија, звучна позадина на емисии, без разлика на траењето изнесува
– за првите 100 изведби коефициент 0.1 по изведба;
– за секоја понатамошна изведба коефициент 0.01

51.4 Дела кои не се пријавени, односно за кои не постои документација, се пресметува врз основа на ефективното траење на изведбата со коефициент 0.5.“

Со член 14 од оспорениот правилник, член 95 од Правилникот се менува и гласи: „Авторот, односно носителот на авторски права има право за исплатениот авторски надомест, да поднесе приговор со докази, доколку е незадоволен од извршената пресметка (став 1). Приговорот од претходниот став се поднесува во ЗАМП, најдоцна во рок од еден месец од приемот на поединечната пресметка (став 2). По приговорот од став 1 на овој член, одлучува Управниот одбор, по прибирање на соодветно мислење од Стручната служба или Одборот за заштита, најдоцна во рок од еден месец (став 3). Против одлуката на Управниот одбор, авторот, односно носителот на авторски права има право да изјави жалба до Собранието на ЗАМП, во рок од петнаесет дена од денот на доставувањето на одлуката (став 4). Одлуката на Собранието на ЗАМП од претходниот став е конечна (став 5).

Со член 17 од оспорениот правилник, во Правилникот се додава нов член 102, кој гласи: „ Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци се доставува до Министерството за култура на Република Македонија на согласност (став 1). Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, за кој е дадена согласност, ЗАМП го објавува во „Службен весник на Република Македонија“ (став 2). Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето (став 3). Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2008 година што ќе биде утврдена со општа пресметка во 2009 година (став 4).

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 став 3 од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 47 став 2 од Уставот се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бида во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Со Законот за авторското право и сродните права (“Службен весник на Република Македонија” бр. 47/1996, 3/1998, 98/2002, 4/2005 и 131/2007) се уредува правото на авторите над нивните дела од областа на книжевноста, науката и уметноста и правата на изведувачите, како и на изготвувачите на бази на податоци, на фонограмските, филмските и сценските продуценти, на радио и телевизиските организации, на издавачите и другите лица утврдени со овој закон, како и на изготвувачите на бази на податоци, над нивните изведби и предмети на сродните права, како и остварувањето и заштитата на авторското право и сродните права.

Според член 14 од наведениот закон, авторското право е единствено право и неразделно од авторското дело, што содржи лично-правни овластувања (морални права), исклучиви имотно-правни овластувања (материјални права) и други овластувања на авторот ( други права).

Според член 18 од Законот, материјалните права ги штитат имотните интереси на авторот. Користењето на авторското дело е дозволено кога авторот го пренел материјалното авторско право согласно со овој закон и согласно со условите што ги определил, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 19 став 1 од Законот, авторот има исклучиво материјално право да го користи своето дело и да дозволува или забранува користење на делото за: издавање, репродукција, дистрибуција, вклучувајќи и изнајмување и позајмување, јавно изложување, јавно соопштување и преработување.

Во Глава VI од Законот посебно е уредено прашањето на остварување на авторските права. Имено, во член 135 и член 136 е предвидено дека авторот своите морални, материјални или други права може да ги остварува лично или преку застапник, при што авторското право се остварува одделно за секое авторско дело (индивидуално остварување) или доколку со овој закон е определено заедно со повеќе авторски дела од повеќе автори (колективно остварување).

Според член 141 од Законот, колективно остварување вршат здруженија на автори, односно здруженија на носители на сродни права основани за таа цел, како здруженија на граѓани во согласност со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите, односно стопански интересни заедници во согласност со Законот за трговските друштва . Здружението од ставот 1 на овој член, работи со непрофитна цел и може да врши само колективно остварување. Cо здружението управуваат членовите, во согласност со овој и друг закон.

Согласно член 143 од Законот, здружението се регистрира во надлежен орган, а почнува со работа по издадена дозвола од Министерството за култура. Дозволата се издава на здружение кое ги исполнува законски пропишаните услови.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека законодавецот се определил во сферата на остварување на авторските права, авторите и носителите на сродни права да можат да основаат здруженија на граѓани кои ќе вршат колективно остварување на авторското право. Во оваа смисла, дозволата која Министерството за култура ја издава на здружението согласно член 144 од Законот за авторското право и сродните права претставува доверување на вршење на јавно овластување, кое поблиску се уредува со овој закон. Притоа, државата го задржала правото на надзор над остварувањето на пренесеното јавно овластување, така што согласно член 155 од Законот, се утврдува дека управен надзор над здруженијата за колективно остварување на авторското право и на сродните права врши Министерството за култура.

Во рамките на пренесеното јавно овластување, законодавецот го овластил здружението кое има дозвола, да учествува во определувањето на надоместоците за користење на делата. Така, со ставот 1 на член 146 од Законот, се утврдува дека надоместоците за користење на делата првенствено се утврдуваат со договор меѓу здружение за колективно остварување и националниот радиодифузен сервис, како и со договор меѓу здружение за колективно остварување и соодветно здружение на корисниците, односно нивна комора. Под соодветно здружение на корисниците, односно нивна комора во смисла на овој став, се подразбира здружение, односно комора основани согласно со закон која го претставува мнозинството на корисниците од определената дејност, дел од дејност или збир на дејности. Според ставот 2 на овој член, доколку надоместот не е определен согласно со ставот 1 на овој член, тој се плаќа согласно со правилникот за користење на авторските дела со тарифата за висината на надоместоците на здружението за колективно остварување, на кој согласност дава Министерството за култура.

Според членот 147 од Законот, здружението донесува правилник за распределба на авторските надоместоци во рок од три месеца од издавањето на дозволата за колективно остварување, усогласен со статут и со овој закон.

Правилникот од ставот 1 на овој член содржи одредби, особено за:
– видови дела и видови права, како и нивна категоризација и видови на носители на права;
– утврдување на удели на одделни носители на правата во наплатените надоместоци;
– утврдување на износите за исплата на надоместоците по одбивањето на трошоците за остварување на правата;
– издвојување на износите и нивно распределување по класи и фондови;
– издвојување на определени износи во резервни фондови утврдени со статутот или произлегуваат од меѓународните договори за заемно застапување на здруженијата за колективно остварување на правата и
– рокови во кои се вршат пресметките и исплатите на распределените надоместоци.
Здружението го доставува правилникот од ставот 1 на овој член до Министерството за култура за согласност. Правилникот, за кој е дадена согласност, здружението го објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Средствата од наплатените надоместоци можат да се користат само во согласност со одредбите од правилникот од ставот 1 на овој член.
За покривање на трошоците на здружението може да се користат најмногу 30% од прибраните авторски надоместоци.
Поединечните пресметки и исплатите на надоместоците мораат да се вршат најмалку еднаш годишно.
Финансискиот план за прибраните средства за распределба и исплата на надоместоците ја утврдува собранието на здружението. Здружението е должно да го достави на увид финансискиот план до Министерството за култура во рок од 15 дена од нејзиното утврдување.
Непочитувањето на одредбите од ставовите 1, 3, 4, 5, 6 и 7 на овој член се основа за одземање на дозволата на здружението за колективно остварување.”

Тргнувајќи од анализата на членовите 14 и 147, како и од другите наведени одредби од Законот за авторското право и сродните права произлегува дека тие содржат лично-правни и имотно-правни овластувања и други овластувања на авторот, односно дека Правилникот за распределба на авторските надоместоци донесен од Здружението за заштита на авторски музички права мора да е усогласен со Законот и со Статутот на Здружението.

Во оваа смисла, Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП, има донесено Правилник за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 31/2007), како и Правилник за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2009), чии одредби се оспорени со иницијативата.

Според одговорот на наводите од иницијативата, доставен од страна на доносителот на Правилникот (преку адвокатската канцеларија Доневски од Скопје), оспорените одредби од Правилникот биле во целост усогласени со член 142 и член 147 од Законот за авторското право и сродните права и Статутот на Здружението, а воедно биле донесени со цел да се спроведе Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2008 од 25 март 2009 година. Во прилог е доставено и Решението за согласност на наведениот правилник, издадено од Министерството за култура, бр. 50-6174/2 од 25.06.2009 година, согласно член 147 став 3 од Законот за авторското право и сродните права, во кое исто така се наведува дека Правилникот е донесен заради надминување на создадената празнина и исклучиво во рамките на наведената одлуката на Уставниот суд.

Во однос на прашањето за уставноста на член 17 од оспорениот правилник, Судот утврди дека со овој член, основниот текст на Правилникот се дополнува со нов член 102, при што станува збор за член од Правилникот кој е систематизиран во Главата VIII. Преодни и завршни одредби. Видно од содржината на овој член, со истиот се регулира прашањето на постапката за донесување на Правилникот, која подразбира добивање согласност од Министерството за култура (став 1), објавувањето на Правилникот во „Службен весник на Република Македонија“ (став 2) и неговото влегување во сила осмиот ден од денот на објавувањето (став 3). Во оспорениот став 4 од овој член се регулира примената на Правилникот, при што се пропишува дека Правилникот ќе се применува почнувајќи со распределбата на авторските надоместоци за 2008 година што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2009 година.

Наводите во иницијативата дека со оспорениот став 4 на членот 102 од Правилникот се утврдувала ретроактивна примена на Правилникот, спротивно на член 52 од Уставот, Судот оцени дека се основани. Имено, наведениот правилник влегол во сила на 8 јули 2009 година. Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.71/2008, која била основ за измените на Правилникот, е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 45/2009 од 3 април 2009 година, од кога произвела правно дејство. Според образложението на доносителот на Правилникот, определбата за ретроактивна примена на Правилникот за авторските надоместоци за 2008 година што ќе биде утврдена со општата пресметка во 2009 година се оправдува со потребата да се покрие периодот од укинувањето на одредени одредби од Правилникот до донесувањето на нови одредби кои го уредуваат тоа прашање, притоа повикувајќи се на член 80 од Деловникот на Уставниот суд, според кој извршувањето на правосилните поединечни акти донесени врз основа на закон, пропис или друг општ акт што со одлука на Судот е укинат не може да се дозволи, ниту да се спроведе, а ако извршувањето е започнато, ќе се запре.

Според Судот, ваквото образложение не може да биде прифатливо од уставно правен аспект, затоа што се до укинувањето на одредбите од Правилникот со наведената одлука на Уставниот суд, истите се применувале во правниот промет, што значи дека односите кои ги регулирале тие одредби требало да бидат реализирани на начин на кој тие одредби го предвидувале тоа во времето на нивното важење. Измените направени со новиот правилник единствено можат да се однесуваат на идни односи, по влегувањето во сила на Правилникот, а не со нив да се менуваат претходно создадените односи, како што се наведува, односно да се однесуваат на авторските надоместоци за 2008 година (кога важеле и се применувале укинатите одредби), независно што нивната општа пресметка ќе била утврдена во 2009 година. Токму во оваа смисла е и укинувачкиот, а не поништувачкиот карактер на одлуката на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека со оспорениот член 102 став 4 од Правилникот се предвидува повратно дејство на Правилникот кое не е дозволено, поради што основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 52 став 4 од Уставот.

6. Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека членовите 3, 4, 9 и 14 од Правилникот (односно членовите 26 став 1 точка 3, член 27 став 4, член 48 и член 95 од интегралниот текст на Правилникот) не биле во согласност со член 142 и член 147 од Законот за авторското право и сродните права. Имено, според овие оспорени одредби, како и од целината на Правилникот, произлегува дека Одборот за заштита на авторските права има карактер на помошно тело на Управниот одбор од областа на неговите надлежности, при што Управниот одбор е надлежен орган кој одлучува по приговорите за исплатениот авторски надомест, а против одлуките на Управниот орган, може да се изјави жалба до Собранието на ЗАМП, при што одлуката на Собранието е конечна. Со ваквите измени, доносителот на Правилникот, во согласност со Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 71/2008, дотогашната одлучувачка функција на Одборот за заштита на авторските права, ја трансформирал и ја димензионирал единствено како помошна функција на Управниот одбор, со што овој одбор повеќе нема функција на орган на ЗАМП, туку само на помошно стручно тело на Управниот одбор, во рамките на надлежностите на овој орган утврдени со Закон и Статутот на ЗАМП. Поради тоа, според Судот, постоењето на вакво помошно тело за потребите на Управниот одбор, не излегува надвор од рамките на Законот за авторското право и сродните права, како што се наведува во иницијативата, поради што не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со член 8 став 1 алинеја 3, член 47 став 2 и член 51 од Уставот и со член 147 од Законот за авторското право и сродните права

Според Судот, подносителот на иницијативата погрешно толкува дека конечноста на одлуката на Собранието на ЗАМП, како што е наведено во членовите 9 и 14 од Правилникот за измени и дополнувања на Правилникот за распределба на авторските надоместоци (односно член 48 и член 95 од интегралниот текст на Правилникот), значело ограничување на правото на судска заштита против таквите одлуки. Ова затоа што е несомнено дека наведената одлука е конечна во управната постапка во која е донесена, што значи дека се исцрпени правните средства во рамките на таа управна постапка, а конечноста на таквата одлука е услов за остварување на право на судска заштита преку поведување на управен спор, во согласност со Законот за управните спорови.

Со оспорениот член 5 од Правилникот со кој се менува содржината на член 34 од основниот текст на Правилникот, Собранието на ЗАМП, како доносител на Правилникот, утврдува дека музичкото дело (оригинално или обработка) се категоризира и определува согласно на ефективното траење на делото. Судот оцени дека ваквата измена е во согласност со наведената Одлуката на Уставниот суд, според која Одборот за заштита на авторски права не може да го утврдува видот во кој се категоризира делото, туку категоризацијата на делата конкретно се утврдува со Правилникот, што непосредно произлегува од член 147 став 2 алинеја 1 од Законот, каде се утврдува дека Правилникот за распределба на авторските надоместоци содржи одредби, особено за видови дела и видови права, како и нивна категоризација и видови на носители на права. Видно од содржината на овој член од Законот, во истиот нема поблиска определба за тоа како да се категоризираат делата, што значи дека оцената за изборот и оправданоста на тоа кои критериум за категоризација на делата ќе биде одбран е оставена на диспозиција на Собранието на ЗАМП, како доносител на Правилникот. Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не можат да се прифатат како основани наводите во иницијативата дека оспорениот член 5 од Правилникот не бил во согласност со член 147 од Законот за аторското право и сродните права.

Членот 12 од Правилникот (со кој се менува член 51 од основниот текст на Правилникот) се оспорува како спротивен на член 147 од Законот, затоа што иако тоа не произлегувало од оваа законска одредба, со оспорениот член се вршела категоризација на делата според нивното ефективно траење, се предвидувало вреднување на делата со воведување коефициенти, како и се пропишувал начин на пресметување на дела кои не биле пријавени, односно за кои не постоела документација, што значело дека делото не било објавено, иако според член 138 став 1 од Законот, колективно остварување на авторското право се вршело само за објавено дело. Според Судот и овие наводи во иницијативата не можат да се прифатат како основани, затоа што пресметката на авторскиот надомест да се категоризира и определува врз основа на ефективното траење на изведбата, емитувањето или било каква употреба на делото, претставува натамошна разработка на категоризацијата на делата согласно на ефективното траење на делото, утврдена во член 5 од Правилникот, поради што определувањето на коефициентите во зависност од траењето на музичкото дело, според Судот, претставува прашање не од суштинска, туку од техничка природа, поради што не го постави прашањето за нивната согласност со член 147 од Законот. Освен тоа, според Судот, фактот што некои дела се изведени, иако не биле пријавени, односно за нив немало документација, не може да се прифати како да станува збор за необјавено дело, како што се наведува во иницијативата, поради што и за ова прашање Судот не прифати дека станува збор за решение спротивно на член 147 од Законот.

7. Во однос на барањето Судот, до донесување конечна одлука по иницијативата, да донесе решение за запирање на извршувањето на Правилникот или дејствија што произлегуваат од него, со цел да се спречи настанување на тешко отстранливи последици, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 на Деловникот на Уставниот суд за донесување на вакво решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.179/2009
28 април 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply