207/2009-0-0

207/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 39 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” број 103/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, обврската што со оспорениот член од Законот им се наметнувала само на соработниците вработени во високообразовните установи, не била пропорционална мерка со целите за кои била утврдена бидејќи претставувала загрозување на нивната правна сигурност, ако се имале предвид последиците што оваа катагорија на вработени ќе ја трпеле доколку во утврдениот рок не биле избрани или не се стекнеле со соодветниот научен степен. Со оглед на изнесеното смета дека оспорената одредба од Законот не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32, член 51, член 52 став 4 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, поради што предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 39 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” број 103/2008), е определено дека соработниците вработени во високообразовните установи кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат стекнато научен степен магистер, доколку до 15 септември 2013 година не бидат избрани во наставно-научно, научно или наставно звање, им престанува работниот однос. Соработниците вработени во високообразовните установи кои до денот на влегувањето во сила на овој закон немаат стекнато научен степен магистер, доколку до 15 септември 2015 година не бидат избрани во наставно-научно, научно или наставно звање, им престанува работниот однос.

4. Во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно членот 54 ставови 1 и 2 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и два автентично толкување на законите.

Тргнувајќи од наведеното, неспорно е дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавнста власт може да донесува закони за сите области на општеството, што значи, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со високообразовната дејност. Во рамките на уредувањето на овие прашања, право е на законодавецот да го утврди видот и степенот на стручната подготовка на наставниот и другиот кадар кој врши определени работи од високообразовната дејност, како што е во конкретниот случај со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2008).

Со членот 1 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/09, 83/09 и 99/09), е определено дека со Законот се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност.

Во членовите 4 и 6 од Законот, утврдено е дека дејноста на високообразовните установи е од јавен интерес и ја остваруваат лица избрани во наставно-научни и стручни звања кои ја сочинуваат академската заедница во Република Македонија.

Со членот 121 ставови 1, 2 и 3 од Законот, определени се наставно-научните и наставните звања на наставниците кои учествуваат во наставно-образовниот процес.

Во членот 121 став 4 од Законот, е определено дека во високообразовните установи може да се врши избор и во научни звања согласно со Законот за научно-истражувачка дејност.

Согласно членот 121 став 5 од Законот, високообразовна дејност може да врши само лице избрано во наставно-научно, наставно и соработничко звање за времето за кое е избрано, а во ставот 6 на овој член е определен исклучок од ставот 5 со тоа што високообразовна дејност на студии од прв, втор и трет циклус може да врши лице избрано во научно, односно соработничко звање согласно со одредбите на Законот за научно-истражувачката дејност, според еквивалентноста на звањата утврдени во овој закон.

Според членот 122 став 1 од Законот, соработнички звања се помлад асистент, асистент и помлад лектор.

Во одредбите од членовите 125-138 од наведениот закон се уредени прашањата кои се однесуваат на: критериумите за избор во наставно-научни, лекторски и соработнички звања, конкурсот за избор, постапката за избор, засновањето на работен однос на лицата избрани во наставно-научно, научно и наставно звање, односно соработничко звање, роковите за кои се врши изборот во овие звања, избор во звање по истекот на времето за кое е извршен изборот, предвремен избор во повисоко звање, лица кои не се избрани во звањата поради што му престанува работниот однос, како и предвремен престанок на изборот во наставно-научно, научно, наставно и соработничко звање.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.103/2008), високообразовната дејност можат да ја вршат само наставници избрани во наставно-научни, научни и наставни звања поради што во целиот закон односно во сите негови одредби каде се спомнуваат соработнички звања тие се избришани. Овој закон е влезен во сила на 26 август 2008 година, а ќе се применува од 15 септември 2010 година.

Со членот 16 од измените на Законот, која одредба ќе се применува од 15 септември 2011 година, поднасловот “Соработнички звања“ и целиот член 122 од основниот закон, со кој се определени соработничките звања, се избришани.

Со членот 17 од измените на Законот, изменет е поднасловот “Демонстратори” и членот 123 од основниот закон, со тоа што изменетиот поднаслов гласи “Соработници”, а од содржината на членот 123 произлегува дека на факултетот, односно високите стручни школи од редот на студентите на студии од трет циклус преку јавен конкурс можат да се избираат соработници за потребите на наставно-образовниот процес. Условите и начинот на изборот на соработниците и нивните права и обврски се уредуваат со статутот на универзитетот, правилникот на единицата, односно со статутот на самостојната висока стручна школа. Соработниците учествуваат во наставно-образовниот процес во обем определен со студиската програма. Високообразовната установа и соработникот склучуваат договор со кој ги уредуваат меѓусебните права и обврски.

Со оспорениот член 39 од измените на Законот, е определено дека соработниците вработени во високообразовните установи кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат стекнато научен степен магистер, доколку до 15 септември 2013 година не бидат избрани во наставно-научно, научно или наставно звање, им престанува работниот однос. Соработниците вработени во високообразовните установи кои до денот на влегувањето во сила на овој закон немаат стекнато научен степен магистер, доколку до 15 септември 2015 година не бидат избрани во наставно-научно, научно или наставно звање, им престанува работниот однос.

Од анализата на оспорениот член 39 од измените на Законот, произлегува дека со него законодавецот предвидел преоден режим, односно период во кој соработниците вработени во високообразовните установи кои до денот на влегување во сила на Законот имаат стекнато научен степен магистер и соработниците вработени во високообразовните установи кои до денот на влегување во сила на Законот немаат стекнато научен степен магистер, во суштина треба во определен период (2013-2015) да се стекнат со научен степен докторант и да бидат избрани во наставно-научно, научно или наставно звање, а доколку, овие лица не бидат избрани во научно звање, работниот однос им престанува.

Согласно измените на Законот за високото образование, високообразовната дејност можат да ја вршат само и исклучително лица избрани во наставно-научни звања (доцент, вонреден професор и редовен професор), а не и лица со соработнички звања кои со измените на Законот, се укинати.

Ваквото законско решение соодејствува и со интенцијата за усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската унија, преку натамошно имплементирање на препораките на Болонскиот процес заради сообразување и усогласување со законодавството и стандардите воспоставени на универзитетите во земјите членки на ЕУ по однос на наставниот кадар. Оттука, тргнувајќи од анализата на уставните и законски одредби, посебно на оспорениот член од Законот, а од аспект на наводите во иницијативата, Судот утврди дека тие наводи се неосновани.

Високообразовната дејност како дејност од јавен интерес се реализира и преку оспособување и усовршување на кадри за високообразовна дејност што ја вршат лица избрани во наставно-научни, научни или наставни звања, што лицата избрани во наставно-научни, научни и наставни звања и лицата избрани во соработнички звања, пред измените на Законот засновале работен однос на определено време од 5 односно 3 години и по протек на времето за кое биле избрани тие повторно подлежат на избор, односно реизбор при што доколку не бидат избрани им престанува работниот однос.

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи го предвид фактот што според Законот, високообразовната дејност можат да ја вршат само лица избрани во наставно-научни, научни и наставни звања, а не и лица избрани во соработнички звања, Судот оцени дека со оспореното законско решение од член 19 се дава можност за навремено дооформување на високото образование на постојните и идните магистри, односно во определен период да се стекнат со повисок научен степен и да бидат избрани во наставно-научно, научно или наставно звање, а доколку не бидат избрани им престанува работниот однос, на кој начин не се доведува во прашање начелото на еднаквост, правната сигурност на граѓаните како елемент на владеење на правото и другите одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова дотолку повеќе, што и лицата кои веќе имаат стекнато научен степен докторант, а не бидат избрани повторно по протекот на времето за кое се избрани или поради други причини утврдени во законот им престанува работниот однос.

Врз основа на гореизнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32, член 51, член 52 став 4 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 207/2009
28 април 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply