Одлука У.бр.117/2009

У.бр.117/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 март 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 26 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.63/2006, 36/2007 и 106/2008).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.117/2009 од 23 декември 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 26 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика е предвидено дека за член на Регулаторната комисија за енергетика може да биде именувано лице, државјанин на Република Македонија, кое, меѓу другото, го исполнува и условот да не е осудувано за кривично дело за кое е предвидена казна затвор во времетраење од најмалку шест месеци.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 1 од Законот за енергетика, со овој закон се уредуваат: целите на енергетската политика и начинот на нејзина реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, функционирањето на Регулаторната комисија за енергетика, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта и нафтени деривати и пазарот на топлинска, односно геотермална енергија, условите за остварување на енергетска ефикасност и промоцијата на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.

Според член 8 став 1 точка 13 од истиот закон Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија е независно регулаторно тело формирано да го регулира енергетскиот сектор.

Во Главата III од Законот со наслов „Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија“ е содржан членот 18 според кој работите кои се однесуваат на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со овој закон ги врши Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија (во натамошниот текст: Регулаторна комисија за енергетика).

Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Регулаторната комисија за енергетика има својство на правно лице.

Според член 19 од Законот Регулаторната комисија за енергетика ги има следните надлежности:

– го следи функционирањето на пазарот на енергија и предлага мерки за унапредување со цел да обезбеди недискриминација, ефективна конкуренција и ефикасно функционирање на пазарот,
– ги следи механизмите кои се применуваат за справување со загушувањето на капацитетите на електроенергетскиот систем и системот на природен гас во Република Македонија,
– се грижи за унапредување на заштитата на правата на корисниците на енергија,
– донесува прописи за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности,
– пропишува тарифни системи за одделни видови енергија,
– донесува одлуки за цени на одделни видови енергија, во согласност со прописите за формирање на цени на одделни видови на енергија и услуги во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности,
– издава, менува, одзема и го следи извршувањето на лиценците за вршење одделни дејности од областа на енергетиката,
– учествува во разрешување или разрешува спорови кои настанале меѓу учесниците на пазарот на енергија, вклучително и прекуграничните спорови,
– соработува со надлежните државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, трговските друштва вршители на енергетски дејности, корисниците на енергија и други организации и институции,
– доставува предлог до надлежните органи за преземање на мерки во согласност со нивната надлежност и во постапка пропишана со закон кон субјектите кои дејноста ја вршат спротивно на овој закон,
– покренува иницијативи и предлага донесување на нови и изменување на постојните закони од областа на енергетиката и други прописи,
– учествува во соодветни регионални и меѓународни организации и соработува со други регулаторни тела со цел да придонесе кон развојот на регионалните пазари на енергија,
– донесува статут, деловник и други интерни акти за својата работа и
– врши други работи во согласност со овој и друг закон“.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби како и од содржината на оспорениот член 26 став 1 алинеја 4 од Законот за енергетика, Судот утврди дека во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело кое настапува по сила на закон.

При оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба основен критериум е постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Со други зборови, тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Притоа, ако се има во вид фактот дека со оспорениот дел од законската одредба се врши ограничување на правото за член на Регулаторна комисија за енергетика да биде именувано лице кое било осудувано за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци, според Судот, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на тоа што во случајов произлегува дека со оспорениот дел од законската одредба, по сила на законот, а не како казна (забрана) што ја изрекува судот во рамките на видовите на кривичните санкции, лицето не може да врши одредена работа односно да биде именуван за член на Регулаторна комисија за енергетика, Судот оцени дека оспорениот дел од член 26 од Законот за енергетика не е во согласност со напред наведените одредби од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.117/2009
17 март 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply