169/2009-0-0

169/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на Одлуката за забрана за поставување антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени и дислокација на веќе поставените во централното градско подрачје во Радовиш, број 07-991/1 од 29 мај 2009 година („Службен гласник на општина Радовиш“ број 10/2009), донесена од Советот на општина Радовиш.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Страхил Гавритов од Радовиш, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била спротивна на Законот за градење, со кој во делот на надлежноста за издавање на одобренија за градби од прва и втора категорија во која спаѓале и антени за мобилна телефонија, постапката била регулирана да се спроведува на начин и под услови утврдени со Законот и прашањето за поставување на антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени не можело да се уредува со акти на Советот на општината, како што е случајот со донесувањето на оспорената одлука на Советот на општината Радовиш.Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија бр.5/2002) и членот 21 од Статутот на општината Радовиш, Советот на општина Радовиш на седница одржана на 29 мај 2009 година, донел Одлука за забрана за поставување антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени и дислокација на веќе поставените во централното градско подрачје во Радовиш.

Според членот 1 од оваа одлука, се забранува поставување антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени како и дислокација на веќе поставените антени во централното градско подрачје во Радовиш.

Со членот 2 од оваа одлука е утврдено дека таа треба да се достави до Министерството за транспорт и врски и Министерството за екологија и заштита на животната средина на Република Македонија за донесување решенија за дислокација на веќе поставените антени во централното градско подрачје и неиздавање на нови дозволи за поставување на истите.

Со членот 3 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Радовиш“.

5. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) во членот 36 ги определил надлежностите на советот на општината, меѓутоа не е пропишана надлежност на советот да решава за поставувањето на телекомуникациони системи или да уредува со свои акти односи во врска со издавање на одобренија или забрани за поставување на антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени, како што е тоа определено со оспорената одлука на Советот на општината Радовиш.

Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009), со одредбите во дел V„Одобрение за градење“, ги уредил прашањата за категоризација на градби каде телекомуникациските центри за прием на сателитски сигнали се градби од значење за Републиката и одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, а елекктронските комуникациски мрежи и средства се во делот на градби од локално значење и одобрение за градење издава градоначалникот на општината односно градоначалниците на општините во градот Скопје.

Во секој случај за овие градби не одлучува советот на општината, ниту тој има законско овластување со свои акти да ги уредува правата и обврските за поставување и користење на телекомуникациските градби и уреди.

` Со оглед на наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорената Одлука со наведените закони и оцени дека се настанати услови, согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија до конечното одлучување на Судот, да се запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2009
3 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply