172/2009-0-0

172/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 51, 52 и 100 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот повредени со одредбите од Статутот означен во точка 1 на ова решение.

3. Иван Грозданов и други девет професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Статутот означен во точка 1 на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, со оспорените одредби од Статутот кои се однесувале на вметнување на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во составот на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје (УКИМ) и во Сенатот на државниот универзитет со право на одлучување по сите прашања од надлежност на Сенатот, се повредувале членовите 9 и 19 и Амандманот VII на Уставот, со кои се уредувала еднаквоста на граѓаните без оглед на верското уверување, како и одвоеноста на верските заедници од државата и се поставувало прашање дали правото на основање на верски и приватни образовни установи кое произлегувало од членовите 19 и 45 од Уставот не подразбирало и нивна одвоеност од државните образовни институции. Имено, подносителите на иницијативата сметаат дека со привилегираното вметнување на Православниот богословски факултет во составот на УКИМ неосновано се овозможувало:
– мешање на приватно основан верски субјект во одлучувањето во Сенатот на УКИМ, кој бил државен и секуларен универзитет (спротивно на член 19 од Уставот);
– привилегираност на една верска установа во однос на другите верски субјекти во Република Македонија, особено затоа што таа сега била финансирана од државата, што претставувало дискриминација на другите верски субјекти спротивно на член 19 од Уставот според кој верските субјекти биле еднакви пред законот. Ова дотолку повеќе што согласно член 100 точка 5 од Статутот, недвосмислено се кажувало дека претставник во Сенатот на УКИМ од категоријата „ други високообразовни институции“ бил Православниот богословски факултет, поради што подносителите на иницијативата бараат заштита од Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот;
– привилегираност на една придружна членка – Православниот богословски факултет, во однос на другите две категории придружни членки (согласно член 100 последните две алинеи од Статутот).

Како посебно барање во иницијативата се наведува , доколку е можно, Уставниот суд да испита дали била почитувана постапката согласно член 52 став 2 од Статутот, за внесување на Православниот богословски факултет во составот на УКИМ, односно да побара документација на увид.

4. Судот на седницата утврди дека Статутот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е донесен врз основа на член 52 став 1 од Законот за високото образование, од страна на Универзитетскиот сенат на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на втората седница одржана на 16.09.2008 година и на вонредната седница одржана на 13.11.2008 година. Собранието на Република Македонија, врз основа на член 9 став 4 од Законот за високото образование, на седницата одржана на 17 декември 2008 година, дало согласност на овој статут.

Согласно член 51 од овој статут, пред името на единиците и на придружните членки задолжително стои: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Според член 52 став 1 од Статутот, научни установи, високообразовни установи на верски заедници, како и други установи и организации, чија основна дејност е функционално поврзана со високообразовната, научната, уметничката и стручната дејност на Универзитетот, можат да се стекнат со статус на придружни членки. Согласно став 2 на истиот член, со статус на придружни членки можат да се стекнат установите и организациите од претходниот став на овој член, доколку докажат дека нивната основна дејност е поврзана со универзитетската дејност. Со барањето поднесуваат писмено барање до Универзитетот, со образложение за причините, придонесот, како и за резултатите што се очекуваат со нивното учество во остварувањето, унапредувањето и потпомагањето на дејноста на Универзитетот, како и изјава потпишана од овластено лице дека се прифаќаат одредбите од овој статут и другите општи акти на Универзитетот. Според став 3 на овој член, доколку се исполнети условите, одлука за пристапување донесува Универзитетскиот сенат по предлог на Ректорската управа.

Согласно член 100 став 1 на Статутот, Сенатот го сочинуваат:

1. ректорот на Универзитетот;
2. по 2 претставника од факултетите на Универзитетот од редот на професорите;
3. по 1 претставник од научните институти на Универзитетот од редот на научните советници;
4. по 1 претставник од придружните членки-национални јавни научни установи од редот на научните советници;
5. 1 претставник од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ (други високообразовни установи);
6. 1 претставник избран од придружните членки – други организации;
7. 18% од бројот на членовите на Сенатот од претходните алинеи на овој член се претставници од студентите, избрани од Студентскиот парламент на Универзитетот.

Според став 2 на овој член, претставникот на придружните членки – други организации треба да има најмалку високо образование. Според став 3 на истиот член, проректорите и генералниот секретар учествуваат во работата на Сенатот, без право на одлучување. Согласно став 4 на истиот член, членовите од придружните членки – јавни научни установи учествуваат во работата и одлучувањето на Сенатот за прашања од научноистражувачката дејност и студиите од втор и од трет циклус. Според став 5 на овој член, членовите од придружните членки – други високообразовни установи учествуваат во работата и одлучувањето на Сенатот за сите прашања од негова надлежност, а според став 6 на истиот член, членовите од придружните членки – други организации учествуваат во работата на Сенатот за прашања поврзани со нивната дејност.

5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 19 ставовите 1 и 2 од од Уставот, се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Согласно Амандманот VII на Уставот (со кој се заменети ставовите 3 и 4 на членот 19 од Уставот), Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелиско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон.

Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелиско- Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Согласно членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008 и 26/2009 и 99/2009) во членот 1 определил дека предмет на уредување на овој закон се автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност.

Според член 9 ставовите 1 и 2 од овој закон, основен акт на универзитетот, односно на самостојната високообразовна установа е статутот. Со статутот поблиску се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување и други прашања од значење за вршење на високообразовната дејност. Според став 4 на овој член, на статутот на јавниот универзитет и на јавната самостојна високообразовна установа согласност дава Собранието на Република Македонија, а на приватната високообразовна установа основачот, по претходно мислење на министерството надлежно за работите на високото образование.

Според член 11 од Законот, Универзитетите и единиците во нивниот состав и самостојните високообразовни установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија. Со академската автономија се гарантира интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности. Автономијата на универзитетот вклучува академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата.

Согласно член 13 од овој закон, Автономијата во управувањето со универзитетите и со самостојните високообразовни установи се изразува во:
– планирањето, остварувањето и развојот на високообразовната дејност,
– воспоставувањето и уредувањето на внатрешната организација,
– донесувањето на статутот, односно правилникот на единицата,
– изборот, именувањето и отповикувањето на органите согласно со статутот,
– располагањето со одобрените финансиски средства, како и со сопствените приходи,
– формирањето на фондови и основањето други организации од сопствени приходи, донации и други извори заради вршење на високообразовна, научно-истражувачка, издавачка и применувачка дејност,
– управувањето и користењето на имотот во согласност со намената за кој е добиен,
– одлучувањето за формите на соработка со други организации,
– здружувањето и асоцирањето во соодветни организации и форуми во земјата и странство,
– остварувањето на меѓународна соработка, склучувањето договори и учеството во меѓународни организации и асоцијации и
– одлучувањето за други права утврдени со статутот, односно правилникот на единицата.

Според член 17 од Законот, универзитетот е највисока автономна високообразовна, научна, односно уметничка установа која го обезбедува единството во вршењето и развојот на високото образование, науката, уметноста и стручноста и непосредно и преку своите единици од различни студиски подрачја, пренесува сознанија од повеќе научни, односно уметнички подрачја и дисциплини. Во состав на универзитет може да има и придружни членки. Условите за пристапување и правата и обврските на придружните членки се уредуваат со статутот на универзитетот.

Согласно член 23 од Законот, факултети или академии кои се основани од верските заедници можат да ги имаат правата и обврските на високообразовна установа определена со овој закон, ако ги исполнуваат условите од овој закон за основање на високообразовна установа и за вршење на високообразовна дејност (во натамошниот текст: високообразовна установа на верска заедница). Високообразовна установа на верска заедница може да биде во состав на универзитет како придружна членка. Положбата на високообразовна установа на верска заедница во составот на универзитет се определува и уредува со договор склучен во писмена форма меѓу универзитетот и основачот на високообразовната установа на верска заедница. Условите за пристапување на високообразовна установа на верска заедница кон универзитетот, како и нивните права и обврски, се уредуваат со статутот на универзитетот.

Според член 50 став 1 од Законот, органи на универзитетот се универзитетски сенат, ректор и ректорска управа.

Согласно член 51 став 1 од Законот, универзитетскиот сенат е орган на управување и стручен орган кој го сочинуваат претставници од единиците на универзитетот, избрани непосредно и со тајно гласање од редот на професорите, односно научните советници и од студентите. Студентите сочинуваат најмалку 10% од членовите на сенатот. Во сенатот секоја единица на универзитетот има најмалку еден претставник. Ректорот е член на Сенатот по положба. Проректорите учествуваат во работата на сенатот, без право на глас.

Според став 2 на овој член, во сенатот определен број членови ги избираат и придружните членки на универзитетот кои учествуваат во работата и одлучувањето на сенатот за прашањата определени со статутот на универзитетот. Согласно став 3 на истиот член, бројот и начинот на избор и разрешување на членовите на сенатот, како и свикувањето и водењето на седниците на сенатот, се уредува со статутот на универзитетот, а според став 4 на овој член, членовите на сенатот се избираат за време од четири години.

Со член 52 од овој закон, се утврдува надлежноста на сенатот, при што во став 1 алинеја 1 се утврдува дека сенатот донесува статут на универзитетот и дава согласност на правилникот на единиците во неговиот состав.

Согласно член 22 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2007), црква, верска заедница и религиозна група имаат право да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното образование, за школување на свештени лица и верски службеници, како и ученички и студентски домови за сместување на лицата кои се школуваат во тие установи. Според став 2 на истиот член, верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи и нивните ученици и студенти ги имаат истите права и обврски.

Со член 1 од Законот за високообразовните установи на верските заедници („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2008), Православниот богословски факултет “Св. Климент Охридски” – Скопје и Факултетот за исламски науки – Скопје (во натамошниот текст: Православен богословски факултет и Факултет за исламски науки), како високообразовни установи на верски заедници, стекнуваат статус на приватно – јавни непрофитни високообразовни установи согласно со Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија” број 35/2008).

Според член 2 на овој закон, Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, ќе вршат високообразовна дејност како додипломски, постдипломски и докторски студии, како и научно – истражувачка дејност во областа на богословските и исламските науки, во согласност со Законот за високото образование.

Согласно член 3 на овој закон, Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, имаат овластување да издаваат дипломи, уверенија и други јавни исправи во смисла на Законот за високото образование.

Според член 4 на истиот закон, Православниот богословски факултет и Факултетот за исламски науки, можат да бидат во состав на јавниот универзитет како придружна членка, согласно со одредбите на Законот за високото образование.

Согласно член 7 на овој закон, средства за финансирање на дејноста на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, ќе се обезбедуваат покрај од средствата на основачите и од Буџетот на Република Македонија, како и од други извори определени со закон.

Според член 8 на истиот закон, студентите запишани на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки, имаат исти права и обврски како и студентите на јавните високообразовни установи.

Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот ја гарантира слободата на вероисповеста и слободното и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, при што определил дека Македонската православна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелиско-Методистичката црква, Еврејската заедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон и дека се слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон.

Со Законот за високото образование, законодавецот определил дека факултети или академии кои се основани од верските заедници можат да ги имаат правата и обврските на високообразовна установа определена со овој закон, ако ги исполнуваат условите од овој закон за основање на високообразовна установа и за вршење на високообразовна дејност. Ваквите високообразовни установи на верските заедници можат да бидат во состав на универзитет како придружна членка.

Со Законот за високообразовните установи на верските заедници, законодавецот определил дека Православниот богословски факултет “Св. Климент Охридски” – Скопје и Факултетот за исламски науки – Скопје, како високообразовни установи на верски заедници, стекнуваат статус на приватно – јавни непрофитни високообразовни установи согласно со Законот за високото образование, што пак им дава право да вршат високообразовна дејност како додипломски, постдипломски и докторски студии, како и научно – истражувачка дејност во областа на богословските и исламските науки, во согласност со Законот за високото образование, да издаваат дипломи, уверенија и други јавни исправи во смисла на Законот за високото образование, како и можност да бидат во состав на јавниот универзитет како придружна членка, согласно со одредбите на Законот за високото образование.

Законодавецот на овие високообразовни установи на верски заедници им признал статус на приватно – јавни непрофитни високообразовни установи согласно со Законот за високото образование, поради што Судот оцени дека не можат да се прифатат наводите во иницијативата според кои Православниот богословски факултет во Статутот се третира како приватно основан верски субјект и по тој основ да се бара согласност на оспорените одредби од Статутот со член 9 и член 19 од Уставот.

Статутот на универзитетот, согласно Законот за високото образование, е основен акт на универзитетот, со кој поблиску се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовната дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување и други прашања од значење за вршење на високообразовната дејност.

Со оспорениот член 51 од Статутот на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се пропишува дека пред името на единиците и на придружните членки на Универзитетот задолжително стои: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Со оспорениот член 52 од овој статут, се определуваат условите за стекнување на придружни членки, при што се утврдува дека покрај научни и други установи и организации, чија основна дејност е функционално поврзана со високообразовната, научната, уметничката и стручната дејност на Универзитетот, и високообразовни установи на верски заедници можат да се стекнат со статус на придружни членки.

Со член 55 од Статутот се утврдуваат правата и обврските на единиците и придружните членки на Универзитетот, и тоа:
– активно и постојано учество и придонес во остварувањето на дејноста, улогата и задачите на Универзитетот и на единиците;
– иницирање прашања и предлагање решенија од доменот на дејноста на Универзитетот и единиците;
– активно учество во работата на органите и работните тела на Универзитетот и на единиците;
– реализација на актите, одлуките и заклучоците на органите на Универзитетот и на единиците;
– почитување на дигнитетот и достојна употреба на името и обележјата на Универзитетот и на единиците.

Горенаведената определба во Статутот, според Судот, има своја основа во член 23 од Законот за високото образование, според кој, високообразовна установа на верска заедница може да биде во состав на универзитет како придружна членка, при што условите за пристапување на високообразовната установа на верска заедница кон универзитетот, како и нивните права и обврски, се уредуваат со статутот на универзитетот.

Придружните членки на универзитетот се наведени во член 58 од Статутот, групирани во три групи: јавни научни установи, други високообразовни установи и други организации. Притоа, во рамките на други високообразовни установи, се наведува постоење само на една придружна членка – Православниот богословски факултет “Св. Климент Охридски” – Скопје, а другите две групи на придружни членки имаат повеќе членови.

Имајќи предвид дека со Законот за високообразовните установи на верските заедници, Православниот богословски факултет “Св. Климент Охридски” – Скопје, стекнал статус на приватно – јавна непрофитна високообразовна установа согласно со Законот за високото образование и може да биде во состав на јавниот универзитет како придружна членка согласно со одредбите на Законот за високото образование, произлегува дека прифаќањето на овој факултет како придружна членка во групата – други високо образовни установи, има правен основ во член 23 од Законот за високото образование.

Определбата за тоа конкретно кои субјекти ќе бидат прифатени како придружни членки на Универзитетот, според Судот, претставува прашање поврзано со спроведувањето на одредбите од Статутот кои се однесуваат на условите за стекнување статус на придружни членки, а Уставниот суд не е надлежен да ги цени одредбите на статутот од тој аспект и да се впушта во конкретна оцена за тоа дали придружните членки ги исполнуваат потребните услови за стекнување на тој статус.

Составот на Сенатот и правата на членовите од придружните членки кои се членови на Сенатот, во однос на работата и одлучувањето на Сенатот, се утврдува со член 100 од Статутот. Така, се утврдува дека покрај другите, Сенатот го сочинуваат и по еден претставник од придружните членки-национални јавни научни установи од редот на научните советници; еден претставник од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ (други високообразовни установи) и еден претставник избран од придружните членки – други организации. Членовите од придружните членки – јавни научни установи учествуваат во работата и одлучувањето на Сенатот за прашања од научноистражувачката дејност и студиите од втор и од трет циклус, членовите од придружните членки – други високообразовни установи учествуваат во работата и одлучувањето на Сенатот за сите прашања од негова надлежност, а членовите од придружните членки – други организации учествуваат во работата на Сенатот за прашања поврзани со нивната дејност.
Ваквата определба во Статутот, Судот оцени дека има правен основ во член 51 од Законот за високото образование, според кој, во сенатот определен број членови ги избираат и придружните членки на универзитетот кои учествуваат во работата и одлучувањето на сенатот за прашањата определени со статутот на универзитетот.

Според одговорот на наводите во иницијативата, доставен до Уставниот суд од страна на Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (акт бр. 03-549 од 31.07.2009 година), дејноста која ја извршуваат придружните членки, уредена со закон, била критериумот од кој се раководеле при определувањето со Статутот за видот и обемот на правата на членовите на Сенатот од редот на придружните членки при работата и одлучувањето на Сенатот. Така, следувало дека членовите од редот на високообразовните установи, кои како основна дејност вршат образовна дејност во согласност со одредбите на Законот за високото образование, ќе имаат право да учествуваат во работата и одлучувањето на Сенатот за сите прашања од негова надлежност, а членовите од другите придружни членки од редот на јавните научни установи и други организации, ќе имаат право да учествуваат во работата и одлучувањето на Сенатот по прашања поврзани со нивната дејност.

Уставот ја гарантира автономијата на универзитетот, без притоа да определи што се подразбира под овој поим, што упатува дека право на законодавецот е да го дефинира поимот автономија, како што тоа го сторил со Законот за високото образование, што значи дека автономијата на универзиотетот не е апсолутна категорија што се исцрпува само со наведената уставна одредба, туку нејзината содржина поблиску се определува со Законот за високото образование. Според член 2 точка 1 од овој закон, автономијата на универзитетот опфаќа академска слобода, самостојно одлучување и управување и неповредливост на универзитетскиот простор.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, определувањето со Статутот на надлежностите на придружните членки за прашања од значење за работата и одлучувањето на Сенатот, е прашање кое е во рамките на автономијата на универзитетот како што е дефинирана со Законот за високото образование, поради што Судот оцени дека ваквиот пристап во Статутот е во согласност со член 46 од Уставот кој гарантира автономијата на универзитетот.

Во однос на прашањето за финансирање на Православниот богословски факултет, како придружна членка на државниот универзитет, од средствата на Буџетот на Републиката, Судот имаше предвид дека со Законот за високообразовните установи на верските заедници се утврдува дека средства за финансирање на дејноста на Православниот богословски факултет, ќе се обезбедуваат покрај од средствата на основачите, и од Буџетот на Републиката. Тоа значи дека законодавецот определил дека работата на овој факултет ќе се финансира и од средствата на буџетот на Републиката, независно дали истиот стекнал статус на придружна членка на Универзитетот, поради што Судот не ги прифати приговорите во иницијативата во однос на можноста овој факултет да користи средства од државниот буџет.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на членовите 51, 52 и 100 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

6. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во однос на барањето во иницијативата за заштита од дискриминација согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, предизвикана со привилегираноста на Православниот богословски факултет во однос на другите верски субјекти, затоа што во Статутот под категоријата „други високообразовни установи“ недвосмислено бил утврден само овој факултет, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот, за отфрлање на ваквото барање.

Ова затоа што со иницијативата се оспорува уставноста на одделни одредби од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, како општ акт на овој универзитет, преку што, подносителите на иницијативата сметаат дека им се повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот. Со оглед дека пред Уставниот суд постапка за заштита на слободи и права може да се води доколку граѓанинот смета дека одредено право или слобода му е повредено со конечен или правосилен поединечен акт, што не е случај во конкретната иницијатива, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето во овој дел.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.172/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply