210/2009-0-0

210/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 10 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 10 од Законот за Царинската управа, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од законската одредба имал повратно дејство, од причина што Законот влегол во сила на 15 септември 2007 година, а со оспоредниот дел се предвидувало членовите 2, 3 и 4 од Законот да се применуваат од 1 септември 20007 година, што значело нивна ретроактивна примена, кое нешто не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Во иницијативата нема наводи кои би укажале на тоа во што се состои понеповолното дејство на оспорениот дел.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 10 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник на Република Македонија”, освен одредбите од членовите 2, 3 и 4 на овој закон, кои ќе се применуваат од 1 септември 2007 година.

Одредбата се оспорува во делот: „освен одредбите од членовите 2, 3 и 4 на овој закон, кои ќе се применуваат од 1 септември 2007 година .“

Судот, исто така, направи увид во содржината на членовите 2, 3 и 4 од Законот и утврди дека со нив се востановува Комисијата за одлучување по прекршоци, како орган при Царинската управа, што е во согласност со Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија.

4. Во членот 110 од Уставот на Република Македонија е определено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според ставот 2 на овој член од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување, а според ставот 3 на овој член, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Ставот 4 од овој член од Уставот, утврдува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од анализата на членот 52 став 4 од Уставот произлегува дека прописите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото, содржи причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што причините наведени во иницијативата се однесуваат само по однос на повратното дејство на оспорениот дел од одредбата, но недостасува елаборација дали постои понеповолно дејство за граѓаните од предвиденото повратно дејство и во што би се состоело истото, Судот оцени дека постојат процесни пречки за впуштање во уставно-судска анализа на оспорениот дел од законската одредба. Притоа, Судот имаше предвид дека одредбите на член 2, 3 и 4 од Законот, всушност уредуваат организационо-технички прашања во постапката, а не права и обврски за граѓаните за кои уште повеќе е ирелевантна поволноста или неповолноста, ако се има предвид и темпоралноста на делот од оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.210/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply