201/2009-0-0

У.бр.201/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Глава VI точка 5.2 од Програмата за уредување на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2009 година („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.2/2009 и 6/2009).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

Глава VI точка 5.2 од:
-Програмата за уредување на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2002 („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.13/2002)

Глава VI точка 5.2 од:
– Програмата за уредување на градежното земјиште на простор на општина Кавадарци за 2003 година,(Службен гласник на општина Кавадарци бр.22/2003)

Глава VI точка 5.2 од:
– Програмата за уредување на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2004 година („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.33/2004),

Глава VI точка 5.2 од:
– Програмата за уредување на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2005 година („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.39/2005),

Глава VI точка 5.2 од:
– Програмата за уредувањето на градежното семјиште на просторот на општина Кавадарци за 2006 година („Службен гласник на општина Кавадарци“ бр.10/2006),

Глава VI точка 5.2 од:
– Програмата за уредување на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2007 година бр.07-3559/1 од 22 декември 2006 година,

Глава VI точка 5.2 од:
– Програмата за уредување на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2008 година („Службен гласник на општина Кавадарци“бр.48/2008), и за

– оценување на меѓусебната согласност на Програмата означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредување во зависност од степенот на уреденост („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009).

3. ИГМ-ТРЕЈД Кавадарци преку полномошникот Васка Гечева на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Програмите означени во точката 1 и 2 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата Советот на општина Кавадарци почнувајќи од 2002 година, па се до 2009 година секоја година носел Одлуки за висината на надоместот за уредување на градежно земјиште (комуналии). Во сите одлуки (Програми), коефициентот според кој се пресметувала висината на надоместокот не биле во согласност со Правилникот за степенот на уреденоста на градежното земјиште и начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежно земјиште според степенот на уреденост кои биле донесени од министерот за транспорт и врски, а врз основа на Законот за градежното земјиште.

Посебно во сите одлуки (програми) имало битно отстапување и биле земени повисоки коефициенти во точка 2 „Деловни, јавни и производни објекти“ односно бил предвиден коефициент 1,0 кој бил дупло поголем од коефициентот утврден во Законот за градежното земјиште и Правилникот за степенот на уреденост на градежното земјиште и начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште каде бил утврден коефициент 0,4 односно 0,5.

Со предвидениот начин на утврдување и пресметување на комуналниот надоместок со коефициент 1,0 за стопански субјекти кои граделе и градат производни објекти – магацини стопанските субјекти од општина Кавадарци се доведувале во нееднаква положба со други стопански субјекти во Република Македонија, на кој начин се забавувал економскиот развој заради високите давачки што требало да се плаќаат при градењето.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 46 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008), а согласно Правилникот за степенот на уреденоста на градежното земјиште и начинот на пресметување на трошоците за уредување на градежно земјиште според степенот на уреденоста („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/2001 и 85/2001), Советот на општина Кавадарци на 16 април 2009 година донел Програма за уредување градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци за 2009 година.

Со оваа програма се уредува: I. просторот кој е предмет на уредување; II. обемот на работите за подготвување и расчистување на градежното земјиште; III. обемот и степенот на определување на градежното земјиште; IV. изворите за финансирање на Програмата; V. Пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште; VI. Висина на надоместокот за уредување на градежно земјиште и негова распределба; VII. Начин на распределба на средства за финансирање за изградба и определување на инфраструктурата; VIII. Средства наменети за изработка на урбанистички планови и средства за изработка на документација за градење на инфраструктурни објекти; IX. Динамика на изршување на програмата и X. Преодни и заврши одредби.

Во делот VI. од Програмата, „Висина на надоместокот за уредување на градежното земјиште и неговата распределба, односно во точка 5 е предвидено дека висината на надоместокот за уредување на градежното земјиште и коефициентите се утврдува според табеларен преглед, и тоа за:

5.1. Станбени објекти вредноста е утврдена во висина од 1.870,00 м2, а коефициентот за: станбени простории е 1; станбени простории со висина до 2,5 м. е 0,5; лоѓи и балкони е 0,1; помошни простории во поткровје е 0.2; помошни простории (остава, котлари е 0,1 и за гаражи е 0,1.

5.2. Административно-деловни објекти вредноста е утврдена на 2.500 денари по м2, при што за простории коефициентот е 1; за магацини и простори во визба е 0,4 и за гаражи е 0,1.

5.3. Производен и административно деловен простор во индустриска зона со вредност од 1.600 денари за м2, за простории коефициентот е 1, за магацини, простории и визби коефициентот е 1, за гаражи коефициентот е 1 и за настрешница коефициентот е 0,5.

5.5. Објекти од јавен карактер со вредност од 1.200 денари и тоа за простории е утврден коефициент 1, за магацински простории и визба е утврден коефициент 0,4 и за гаражи е утврден коефициент 0,1.

Со Програмата за изменувањето и дополнувањето на Програмата за уредување на градежно земјиште за уредување на просторот за општина Кавадарци за 2009 година (Службен гласник 6/2009 ) се врши измена на Главата VI. „Висина на надоместокот за уредување на градежно земјиште за општина Кавадарци“ при што во Табеларниот преглед е утврдено:

1. За станбени објекти вредноста на надоместот изнесува 1.870,00 денари м2, а коефициентот за станбени простории е 1,0; за станбени простории со висина до 2,5 м2 коефициентот е 0.2 ;за логија затворена од три страни коефицинетот е 0,4; за лоѓија затворена од две страни коефициентот е 0.3; балкони и тераси коефициентот е 0,2; заеднички проодни тераси коефициентот е 0.2; за помошни просториии коефициентот е 0,3; трафостаници од 35 Кв во објекти и надвор од објекти коефициентот е 0.3; скалишен простор коефициентот е 0,3; стражарници, управител, простории за домар коефициентот е 0,5; и паркиралишта и гаражи коефициентот е 0.1.

2. За деловни, јавни и производни објекти во градот вредноста е утврдена во висина од 2.500 денари м2, а коефициентот за простории е 1.0;магацини коефициентот е 0,5; помошни ростории и остава за гориво, котлара коефициентот е 0,3; трафостаници до 35 Кв во и надвор од објектот коефициентот е 0,4; скалишен простор и заеднички комуникации коефицентот е 0.5; паркиралишта и гаражи коефициентот е 0.1; лоѓија затворена од три страни коефициентот е 0.5, лоѓија затворена од две страни коефициентот е 0,3; балкони и тераси коефициентот е 0,4 и отворен наткриен простор коефициентот е 0,3.

За деловни, јавни и производни објекти во индустриска зона вредноста на коефицинетот е утврдена во висина од 1.600 денари по м2, при што коефициентот на објектите што се градат вон индустриска зона е ист како и коефицинетот на објектие што се градат во градот.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и правната заштита на сопственоста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2008) се уредуваат правата и обврските во поглед на градежното земјиште и уредувањето на тоа земјиште – член 1 од Законот.

Според членот 2 од истиот закон, градежното земјиште е добро од општ интерес за Републиката и ужива посебна заштита, на начин и услови утврдени со овој закон. Според ставот 2 на истиот член од Законот, уредувањето на градежното земјиште е дејност од јавен интерес.

Согласно член 45 од Законот, под уредување на градежно земјиште во смисла на овој закон се подразбира изградба на објекти на инфраструктурата, заради обезбедување на непречен пристап до градежната парцела од јавен пат, поставување на водоводна, канализациона (фекална и атмосферска) електрична, ПТТ и друга инсталација со приклучоци до градежната парцела.

Според ставот 4 на наведениот член, степенот на уредувањето на градежно земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденоста го пропишува министерот кој раководи со органот надлежен за вршење на работи на управување со градежното земјиште.

Согласно членот 46 став 1, пак, од Законот, уредувањето на градежното земјиште од членот 45 од Законот го вршат општините врз основа на програма за уредување што ја донесува советот на општината.

Според ставот 4 на наведениот член Програмата за уредување на градежното земјиште особено содржи податоци за:

– просторот кој е предмет на уредување,
– обемот на работите за подготвување и расчистување на градежното земјиште,
– обемот и степенот на опремување на градежно земјиште со објекти на основната и секундарната инфраструктура,
– изворите за финансирање на Програмата,
– пресметување на трошоците за уредување на градежното земјиште,
– висина на надоместок за уредување на градежното земјиште и неговата распределба,
– начин на распределба на средствата за финансирање за изградба и одржување на инфраструктурата,
– динамика на извршување на Програмата и
– објекти на инфраструктурата од јавен интерес на Републиката и оцена за нивното влијание врз животната средина и природата, согласно со закон, што ги финансира Републиката, односно инвеститор на кого земјиштето му го отуѓува Република Македонија.

Врз основа на член 45 став 4 од Законот за градежно земјиште, министерот за транспорт и врски донел Правилник за степенот на уредувањето на градежно земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредувањето во зависност од степенот на уреденоста („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009).

Со наведениот правилник се пропишува степенот на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комунална инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредување во зависност од степенот на уреденоста (член 1).

Во член 2 од Правилникот се уредени прашањата за тоа како се определува степенот на уредноста на градежното земјиште (основен, понизок и повисок).

Во член 3 од Правилникот е предвидено дека трошоците на уредувањето на градежното земјиште се утврдуваат во согласност со реалните трошоци направени за соодветните степени за уредност на градежното земјиште.

Во член 4, пак, од Правилникот е утврдено дека висината на трошоците за уредување на градежното земјиште во зависност од степенот на уреденоста на градежното земјиште, согласно член 2 на Правилникот се пресметува врз основа на нивната корисна површина што ќе се гради, што претставува збир на нето површините по метар квадратен на подовите на сите простории во објектот согласно заверениот основен проект и анекс на основниот проект помножен со коефицинетот и тоа за станбени објекти, за деловни, јавни и производни објекти и за други објекти.

Во членот 4 точка 2 од Правилникот, за деловни, јавни и производни објекти се предвидени коефициенти и тоа за:
– простории 1.0;
– магацини 0.5;
– помошни простории, остава за горива, котлари 0.3;
– трафостаница до 35 кв. во објекти и надвор од објекти 0.4;
– скалишен простор и заеднички комуникации 0.5;
– паркиралишта и гаражи 0.1;
– лоѓија затворена од три страни 0.5;
– подлоѓија затворена од две страни 0.3;
– балкони, тераси 0.4 и
– отворен наткриен простор 0.3.

Врз основа на наведените одредби од Законот за градежното земјиште и согласно наведениот правилник, Советот на општина Кавадарци, како што е наведено во фактичката состојба донел Програма за изменување и дополнување на Програма за уредување на градежно земјиште на просторот на општината Кавадарци за 2009 година. Во оваа Програма кофициентите за пресметување на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште во делот кој се однесува на деловно јавни и производни објекти се идентични со коефициентите од Правилникот, по однос на кој се бара оценка на согласноста на оспорената програма.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите од Законот за градежно земјиште како и Правилникот за степенот на уредување на градежно земјиште наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека тие се неосновани, поаѓајќи од тоа дека советот на единицата на локалната самоуправа е надлежен согласно Законот за градежното земјиште и Законот за локалната самоуправа да донесува програма за уредување на градежното земјиште и да ја утврди висината на надоместот, односно трошоците за уредување на градежното земјиште врз основа на коефициенти утврдени со подзаконски акт, односно со правилник.

Во конкретниов случај, со Програмата за уредување на градежното земјиште за општина Кавадарци за 2009 година, што е во сила во Главата VI. „Висина на надоместот за уредување на градежното земјиште и негова распределба“ е утврдена вредноста на објектите по метар квадратен, во зависност од видот и коефициентите за: станбени; деловни, јавни и производни објекти во градот; деловни, јавни и производни објекти во индустриска зона; други објекти и јавни паркиралишта од каде цениме дека престанала да важи Програмата донесена во април 2009 година по однос на прашањето што се однесува на висина на надоместот за уредување на градежното земјиште и коефициентите.

Според тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од Програмата (основен текст и измена) по однос на висина на надоместот за уредување на градежното земјиште и коефициентите со одредбите од Уставот и Законот за градежното земјиште на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Судот, понатаму утврди дека програмите за уредувањето на градежното земјиште на просторот на општина Кавадарци од 2002 до 2008 година престанале да важат, односно тие имале темпорален карактер, односно имале временски ограничена важност за годината за која тие биле донесени.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законот.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што оспорените програми за уредување на градежно земјиште на просторот на општина Кавадарци кои се однесуваат за 2002 до 2008 година, донесени од Советот на општина Кавадарци, се од темпорален карактер и со истекот на календарската година истите повеќе не произведуваат правно дејство и не се повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставвниот суд на Република Македонија, поради што одлучи како во точка 2 од ова решение.

7. Во однос на наводот од иницијативата дека со утврдените коефицинти од Програмата се пресметувал повисок коефициент на надоместокот за уредување на градежното земјиште во однос на коефициентите утврдени во Правилникот за степеност на уредувањето на градежното земјиште со објекти на комуналната инфраструктура и начинот на утврдување на висината на трошоците за уредување во зависност од степенот на уреденоста, со што стопанските субјекти во општината биле доведени во нееднаква положба во однос на стопанските субјекти во Република Македонија, Судот оцени дека тоа не е прашање за кое е надлежен. Ова од причина што Програмата и Правилникот се подзаконски правни акти чија меѓусебна согласност не ја оценува Уставниот суд.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.201/2009
9 декември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply