101/2009-0-0

101/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 35 став 1 точка 6 во делот „и другите учесници“, од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006 и 35/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата во членот 35 став 1 точка 6 е содржан оспорениот дел „и другите учесници“, кој бил непотребен бидејќи освен странките, сите други не можеле да имаат исто право како и нив во постапката, ниту да поднесуваат барања пред Врховниот суд на Република Македонија за заштита од повреда на правото на судење во разумен рок, туку тоа право го имале исклучиво странките, што произлегувало и од членот 36 од Законот, во кој се третирала странката за барател во заштитата на ова посебно право. Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот, како несогласна со членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, членот 51 и членот 118 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 35 став 1 точка 6 од Законот е предвидено Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникокт на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива, со Решение У.бр.104/2008 од 20 ноември 2008 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 6, член 36 и член 36-а од Законот за судовите.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи предвид дека одредбата од членот 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите била ценета од Судот и со наведеното решение на Судот не била поведена постапка за оценување на уставноста, ниту има нови основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени условите согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.101/2009
18 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply