168/2009-0-0

168/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 ноември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 27 став 2, во делот: „интерен“ од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2008) и

б) уставноста и законитоста на членовите 32, 33, 34 и 35 од Колективниот договор за утврдување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Агенцијата за катастар на недвижности.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста на актите означени во точка 1 под а) и б) од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со определбата содржана во оспорената законска одредба за обезбедување на вработени од самиот работодавец – директорот без јавно огласување, за слободно работно место, граѓаните се доведувале во нееднаква правна положба во поглед на достапноста на секое работно место. Имено, пополнувањето на одредено работно место без јавно огласување, според подносителот на иницијативата, значело дека некои граѓани биле привилегирани и полесно засновале работен однос, без за тоа да се имало транспарентност и меѓусебна конкуренција. Од овие причини, со оспорениот законски дел се повредувал член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот.

Со иницијативата се оспорува и Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите од работен однос во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), и тоа членовите 32-35, каде била пропишана процедурата околу објавувањето и спроведувањето на интерниот конкурс. Со овие одредби од Колективниот договор, според иницијативата, се повредувале наведените уставни одредби, како и одредбите на членовите 22, 23, 24 и 25 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 27 став 2 од Законот за катастар на недвижности вработениот во Агенцијата може со решение на директорот да биде постојано распореден на друго повисоко слободно работно место во рамките на Агенцијата по пат на унапредување за што се објавува интерен конкурс.

Според член 32 од оспорениот Колективен договор работникот може со решение на директорот, да биде постојано распореден на друго повисоко слободно работно место во АКН, по пат на унапредување, за што се објавува интерен конкурс.

Интерниот конкурс се спроведува на начин што слободното работно место, бројот на извршители и условите кои кандидатот треба да ги исполнува се истакнувааат на огласна табла на АКН, на огласните табли на подрачните организациски единици на АКН и се објавуваат на Веб страната на АКН.

Право да конкурира има секој вработен во АКН кој ги исполнува пропишаните услови за слободното работно место објавени со интерниот конкурс.

Интерниот конкурс трае најмалку пет дена.

Во член 33 од истиот Колективен договор е предвидено дека постапката по интерниот конкурс ја спроведува Комисија за спроведување на постапка за унапредување, која ја формира директорот.

Комисијата од став 1 на овој член е составена од три члена од кои, еден раководен катастарски службеник и двајца со најмалку ист степен на стручна подготовка која се бара за односното работно место и нивни заменици.

Согласно член 34 од Колективниот договор Комисијата од член 33 на овој колективен договор е должна да ги разгледа поднесените пријави, да го утврди редоследот и врз основа на добиените резултати по основ на исполнување на посебните услови за унапредување, да изготви предлог и да го достави до директорот на АКН.

За постапката по интерниот конкурс, комисијата води записник.

Според член 35 од истиот Колективен договор, избор на кандидати од предлогот го врши директорот, во рок не подолг од осум дена од денот на завршувањето на интерниот конкурс.

Утврдениот редослед на предложените кандидати, не го обврзува директорот во изборот.

Во рок од осум дена од денот на извршениот избор, кандидатот кој не е избран писмено се исвестува за тоа дека не е избран, како и кандидатот кој е избран.

Кандидатот што не е избран има право на приговор до Управниот одбор на АКН во рок од осум дена од денот кога е писмено известен за извршениот избор.

Приговорот го одлага извршувањето на одлуката.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во делот на одредбите од Уставот кои се однесуваат на економските, социјалните и културните права, во членот 32 став 1 е утврдено дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на овој член, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, а според ставот 5 остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за катастар на недвижности ги уредува основните геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижностите, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, државните топографски карти, регистарот на просторни единици, содржините и управувањето со податоците од Геодетско-информациониот систем на Република Македонија, воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, како и основањето на Агенцијата за катастар на недвижности (член 1).

Оспорениот член 27 од Законот е содржан во точката со наслов „Распоредување, прераспоредување, оценување и наградување“. Самиот наслов на точката во која е содржан оспорениот член од Законот, упатува на заклучок дека во конкретниов случај не станува збор за засновање на работен однос, како што се тврди во иницијативата туку напротив, со оспорената одредба се дава право, односно можност на вработениот, но со решение на директорот, да биде распореден на друго повисоко слободно работно место во рамките на Агенцијата. Ваквата постапка, односно право на вработениот е всушност последица од процесот на оценување и наградување. Видно од анализата на содржината на оспорената одредба, според Судот, всушност станува збор за прераспоредување по пат на унапредување. Оттука унапредувањето во рамките на Агенцијата, по пат на интерен конкурс, не е во несогласност со одредбите од Уставот на Република Македонија, на кој се повикува подносителот во иницијативата од причина што целта на оваа оспорена одредба е востановување на системот на кариера, кој услов е застапен во поново време во нашето законодавство и истовремено овозможува напредување на вработените во рамките на институцијата со што се овозможува нивно напредување во согласност со покажаните резултати. Имено, според Судот, со тоа не се доведуваат во нерамноправна положба другите можни кандидати, од причина што со оспорената одредба се регулира професионалната состојба на лица кои веќе имаат статус на вработени, а не се однесува на лица кои допрва треба да засноваат работен однос, што значи дека станува збор за лице со различен правен статус.

Според членот 3-а од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003,, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 64/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009 и 114/2009) одредени прашања поврзани со правата, обврските и одговорностите на вработените во Агенцијата за разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Армијата на Република Македонија, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, вработените кои вршат работи на обезбедување во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, вработените во царинската и даночната администрација, лицата со посебни должности и овластувања и полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, ревизорите во Државниот завод за ревизија, вработените во агенциите, дирекциите, регулаторните тела и другите институции во кои со закон е формиран управен одбор, освен во Агенцијата за катастар на недвижности и Агенцијата за управување со одземен имот, можат да бидат уредени со закон, на начин различен од овој закон, ако тоа е неопходно поради специфичната природа на работните задачи и посебноста на извршувањето на посебните должности и овластувања.

Од анализата на цитирната одредба, јасно произлегува дека правата, обврските и одговорностите на вработените во Агенцијата за катастар на недвижности се уредуваат со Законот за државни службеници, кои се регулирани во Глава III со наслов „Права и должности на државните службеници“.

Меѓутоа, во Глава II со наслов „Вработување на државните службеници“ – се содржани условите под кои како државен службеник може да се вработи лице, односно да заснова работен однос, како и начинот на вработување, односно со јавен оглас. Што се однесува, пак, до вработување на државен службеник, со негова согласност, без јавен оглас од еден во друг орган, истото се врши со согласност на секретарите, односно функционерите кои раководат со органите во кои не се именува секретар, неопходна е претходна согласност на Агенцијата (член 20).

Имајќи го во вид фактот што Законот за државните службеници кој во случајов е lex generalis, не го регулира прашањето за унапредување односно прераспоредување на државниот службеник, Законот за катастар на недвижности, како lex specialis, врши доразработка на одредбите од генералниот закон, во кој со оспорениот член се утврдува начинот на кој веќе вработениот во Агенцијата може да биде распореден на друго работно место во рамките на Агенцијата по пат на унапредување, за што се објавува интерен конкурс.

Ако се има во вид специфичниот карактер на работата и особеноста на извршување кое се манифестира преку уредувањето на државните топографски карти, регистарот на просторни единици, како и управувањето со податоците од Геодетско-информационен систем на Република Македонија, Судот смета дека со оспорената одредба на членот 27 од Законот за катастар на недвижности се регулира нивото на кариера, како и професионалното унапредување на лицата кои веќе имаат работен однос во Агенцијата, односно кои врз основа на нивното професионално искуство веќе покажале висок степен на знаење и квалификации. Од тие причини, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот дел од одредбата од Законот за катастар на недвижности со Уставот.

По однос на наводите истакнати во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Колективниот договор, Судот утврди дека истите се неосновани. Ова од причина што оспорените одредби се операционализација и доразработка на законската одредба од Законот за катастар на недвижности, односно со истите во целост се пропишува постапката за избор по објавениот интерен оглас кој е предвиден во членот 27 став 2 од Законот за катастар на недвижности.

Предвид на наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел од законската одредба на член 27 став 2 од Законот за катастар на недвижности е во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 1 и 3, 9, 32 ставовите 1 и 2 и член 51 од Уставот, а оспорените одредби на членовите 32, 33, 34 и 35 од Колективниот договор се во согласност со наведените уставни одредби и со Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 под а) и б) од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.168/2009
18 ноември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply