126/2009-0-0

126/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 октомври 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за користење на правото на плата-апанажа, број 07-347/2 од 16 март 2009 година донесена од Советот на општина Врапчиште („Службен гласник на општина Врапчиште“ бр.29/2009).

2. Бајрам Кадрија, Градоначалник на општина Врапчиште на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука нема правен основ за донесување на истата, односно во позитивната законска регулатива која ја регулира предметната материја не пропишувала вакво право на градоначалникот по престанување на неговата функција.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката на градоначалник на општина Врапчиште – Есат Салаи му се признава правото на користење на бруто плата во износ од 103.613,00 денари со сите платени давачки за здравствено и пензиско осигурувње.

Во член 2 од истата одлука е предвидено дека правото на плата од член 1 на оваа Одлука ќе се користи во траење од 12 месеци и тоа од денот на престанокот на мандатот на градоначалникот согласно член 54 од Законот за локалната самоуправа.

Согласно член 3 од Одлуката средствата за исплата на плата по член 1 ќе се користат од ставка бр.425 договорени услуги, потставка бр.425990.

Според член 4 од Одлуката се обврзува секторот за финансии на општина Врапчиште да изврши ребаланс на Буџетот на општина Врапчиште со цел на распределба на средствата од горе цитираната ставка на член 3 од оваа Одлука.

Во член 5 од Одлуката е предвидено дека оваа Одлука влегува во сила 8 ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Врапчиште“, а ќе ја спроведува финансовата служба на општина Врапчиште.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од називот и содржината на оспорената одлука, според Судот, неспорно произлегува дека е поединечен акт со кој се определува право на плата – апанажа на градоначалник на општина Врапчиште Есат Салаи, а не пропис со кој на општ начин се утврдуват односи на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристично за секој вид на пропис.

Со оглед на тоа што оспорената одлука не е пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен, конкретен акт, Судот оцени дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува нејзината согласност со Уставот и со законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.126/2009
28 октомври 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply