д-р Зоран Сулејманов

д-р Зоран Сулејманов

Судија

2003 – 2012

Кратка биографија

Д-р Зоран Сулејманов е роден на 17.03.1953 година во Битола, Република Македонија. Основното училиште и гимназијата ги завршил во Ресен, а во 1976 год. дипломирал на Правниот факултет во Скопје со среден успех 8,48.

Веднаш по дипломирањето се вработил во Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања во Скопје (7.06.1976), каде што набрзо бил избран за асистент. Во 1982 год. го одбранил магистерскиот труд на тема: “Критериуми за класификација на осудените лица”. Во 1983 год. бил избран во научното звање – научен соработник. На 7.04.1990 год, на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација на тема: “Криминолошки карактеристики на сторителите на кривичното дело убиство и процесот на ресоцијализацијата”. Во 1990 год. се стекнал со научно звање – виш научен соработник, а набрзо потоа со наставно звање – доцент. Во 1994 Сулејманов се стекна и со највисокото научно звање – научен советник, со реизбор на истото звање во 2000 година. Во највисокото наставничко звање – редовен професор д-р Зоран Сулејманов е избран во 1997 год.
Во Институтот бил вклучен во реализацијата на бројни научно-истражувачки проекти во чии рамки, како член или раководител, учествувал во сите истражувачки фази, како и во интерпретацијата на определени делови или целосни истражувачки извештаи и студии.

Со одлука на Наставно-научниот совет од 8.02.1995 год. е избран за наставник по предметите криминална политика и социјална патологија на постдипломските студии на Институтот од областа на политичките социолошките науки. Од учебната 2000/2001 на постдипломските студии на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје, Сулејманов е избран за наставник по предметот криминологија.
Од 1984 до 1987 год., бил делегат на Општествениот совет на Републичкиот секретеријат за правосудство и управа на СР Македонија.
Од 1983 год., е член на Претседателството на Здружението за пенологија на Македонија, а од 1987 до 1989 год. и претседател на Здружението.
Со решение на Претседателот на Владата на Република Македонија од 12.06.1982 година, Зоран Сулејманов е именуван за член на Комисијата за условен отпуст при министерството за правосудство.
Со решение на министерот за правосудство и управа од 1993 година, е избран и за член на Комисијата за изготвување текст на законот за извршување на санкциите. Со решение на министерот за правда во 1995 година, повторно е избран за член на Комисијата за реформа на казненото законодавство и на поткомисијата за изработка на законот за извршување на санкциите. Со одлука на Претседателот на Република Македонија во 1995 година, е именуван за член на Комисијата за помилување на Претседателот на Републиката.
На 6.11.1995 година, со Решение на Претседателот на Владата на Република Македонија (СВ РМ 1995/57), Сулејманов е именуван за помошник на министерот за правда за извршување на кривични санкции и помилување.

Со одлука на Владата на Република Македонија, на 11.03.1996 год. д-р Зоран Сулејманов беше определен за член на Меѓуресорската работна група за утврдување на компатибилноста на домашната легислатива со принципите и стандардите вградени во Европската конвенција за заштитта на човековите права и основните слободи.
Со одлука на Владата на Република Македонија бр. 23-2544/1 од 4.11.1996 година, беше определен и за член на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволеното производство, трговија и злоупотреба на дрога.

Од 9.12.1997 год. Сулејманов повторно го активира својот работен однос во Институтот, каде што беше раководител на Центарот за кривично право и криминална политика и претседател на Научниот совет.

Проф. д-р Сулејманов објавил 88 научни трудови меѓу кои, како посебно значајни:
1.Кривично право, општ дел, Графохартија, Скопје, 2001, стр. 616
2.Кривично процесно право, Институт за социолошки и политичко-правни истражувања и Графохартија, Скопје, 2002, стр. 746
3.Кривичноправна помош, Академик, Скопје, 1999, стр. 924
4.Пенологија (второ дополнето и изменето издание), Графохартија, 1999, стр.858
5.Македонска криминологија, Графохартија, Скопје, 2000, стр. 843
6.Криминална политика, Фондација Фридрих Еберт, Институт за социолошки и политичко-правни истражувања и Графохартија, Скопје, 2001, стр. 509
7.Социјална патологија (во коавторство со проф. д-р Нелко Стојановски), Југореклам, Скопје, 2002, стр. 413
8.Коментар на Законот за извршување на кривичните санкции, Графохартија, Скопје, 1998, стр.493
9.Хазардни игри (Социокултурни, правни и криминолошки аспекти на дозволените и недозволените хазардни игри), ИСППИ, Скопје, 2000, стр.812
10.Убиствата во Македонија, НИП Студентски збор, Скопје, 1995, стр. 314